1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Растечка опасност од морбили во светот

ЕМФ /агенции
25 април 2019

УНИЦЕФ предупредува од зголемен ризик од инфекција со морбили. Според проценките, од 2010 година досега околу 1689 милиони деца ширум светот не добиле вакцина против мали сипаници.

https://p.dw.com/p/3HOfG
Impfung gegen Masern, Saeugling bekommt eine Impfung gegen Masern
За целосна заштита од морбили е неопоходно да се примат две дози од вакцинатаФотографија: imago images/photothek

Зголемениот број на невакцинирани деца е почва за актуелните епидемии на сипаници во повеќе земји, предупредува УНИЦЕФ по повод Светската недела на вакцинирање. „Вирусот на морбили секогаш ќе успее да стигне до невакцинираните деца“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

За целосна заштита од морбили е неопоходно да се примат две дози од вакцината. Глобалната стапка на имунизација со првата доза вакцини против морбили во 2017 година изнесуваше околу 85%, а само 67% ја добиле и втората доза од вакцината.

Во првите три месеци од оваа година, во светот се веќе регистрирани 110.000 случаи на заболени од морбили, што претставува зголемување од речиси 300%. Во 2017 година како последица од морбили починале околу 110.000 лица, најголемиот дел од нив деца. Тоа се 22% починати повеќе отколку во 2016 година.

Повеќе: Епидемијата на морбили ќе трае со месеци

Во вакцинирањето има дупки и во Германија - во периодот од 2010 до 2017 година првата вакцина против морбили пропуштиле да ја примат 168.000 деца. Во САД тој број е над 2,5 милиони деца, во Франција 600.000, а во Велика Британија 500.000.

Меѓутоа, особено е критична ситуацијата во некои земји во развој и земји во забрзан подем. Само во Нигерија во 2017 година со првата доза не биле вакцинирани околу четири милиони бебиња, соопштува УНИЦЕФ. Во Индија тој број е речиси 3 милиони, а во Пакистан, Етиопија и Индонезија по околу еден милион бебиња.

Südsudan Masernimpfung
Особено е критична ситуацијата во некои земји во развој (фото: вакцинирање против морбили во Куајок, Јужен Судан, 17.04.2019)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Mednick

Претседателот на Германскиот совет за етика, Петер Даброк, смета дека дебатата за воведување обврска за вакцинирање не смее да се ограничува само на децата. Возрасните сочинуваат половина од заболените од морбили, вели тој за денешното издание на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Особено голема одговорност имаат лицата кои професионално се изложени на повисок ризик, значи луѓето кои работат во здравството и педагозите.“

Повеќе:Недостиг од вакцини е секојдневие во аптеките

Германските здравствени фондови апелираат до населението да се вакцинира. „Кој се вакцинира, се штити од тешки болести не само себеси, туку и луѓето во своето опкружување“, изјави Уве Клеменс, претседател на ВДЕК, сојуз на шест големи здравствени фондови во Германија.