1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Редуцирана карневалска слобода - што смее сатирата?

Волфганг Дик / Е.М. Фиданоска16 февруари 2015

Карневалот живее од провоцирање на моќните и радо им се потсмева на актуелните политичари, јавни личности и настани. Но за поворките на денешниот карневалски Розенмонтаг се чини важат посебни правила.

https://p.dw.com/p/1EcGO
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Американскиот претседател Обама како млитава патка, рускиот претседател Путин во костим од мечка врти славина за нафта, а германската министерка за одбрана Фон Дер Лајен јава на бесполезно оружје. Тоа е само дел од актуелните мотиви на карневалските коли годинава, на кои се монтирани фигури од стиропор и картон. Овие коли важат за врв на карневалските поворки, на кои денеска (16.02), на т.н. розенмонтаг, се собираат илјадници луѓе во германските градови. Во центрите на карневалот - Келн, Мајнц и Диселдорф се очекуваат околу три милиони луѓе од Германија и странство.

„Имаме посебна одговорност за посетителите. Тие треба да слават карневал безгрижно“, вели Кристоф Кукелкорн, раководител со најголемата карневалска поворка во Германија, онаа во Келн. Кукелкорн и организациониот комитет на Келнскиот карневал не доградија до крај една карневалска кола поради стравување дека екстремистите би можеле да извршат напад врз карневалската поворка. Имено, на таа кола мета на исмевање требаше да биде тема од сферата на исламизмот и теророт. Имено, според нацртот, на колата требаше да има фигура од кловн кој забива молив во пиштолот на терорист и со тоа го прави оружјето неупотребливо. Заради безбедноста на посетителите на карневалот е донесена одлука оваа кола сепак да не биде дел од поворката. Тоа предизвика големи реакции ширум земјата. Се изјаснија политичари, претставници на црквите, етичари и многу граѓани. Нивните реакции гласат: „Оној кој се повлекува пред теророт, тој загубил. Слободата на мислење е дел од карневалот.“ Со тоа се согласуваат и повеќето карневалски здруженија во Германија, но укажуваат дека правото на слободно изразување на карневалот има граници тогаш кога се работи за безбедноста. Затоа би требало да се избегнуваат провакции на тема тероризам и екстремизам.

Karneval 2015 Rosenmontag
Ципрас ја гаѓа Меркел со чатал - еден од мотивите на карневалските коли во ДиселдорфФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Михаел Боневиц од Карневалското здружение Мајнц (МЦВ) ја почитува одлуката во Келн. „Карневалот може секогаш да биде храбар, но прашање е колку далеку да се оди.“ Боневиц и неговиот колега од Мајнц, Кај Уве Шрајбер, признаваат дека има извесни теми кои не се многу соодветни за карневалот. На пример, досега имало потсмевање и со претставници на Католичката црква, но за тоа претходно морало конкретни лица навистина да имаат направено големи грешки. Инаку, генерално во делот на верата важи правилото - воздржување наместо провокација. „Секогаш сме имале сензибилност за темите малцинства и религија“, вели Боневиц.

Досега најостри и најдрски карневалисти се оние во Диселдорф (на насловната фотографија се прикажани фигури од една од годинешните карневалски коли во Диселдорф). Таму традиционално мотивите на карневалските коли се држат во тајност до „розенмонтаг“, односно до почетокот на поворката. Шефот на тимовите кои работат на фигурите за карневалските коли, Жак Тили, кој инаку важи за бестрашен, во интервју за Дојче веле пред почетокот на поворката вели дека сатирата сепак не смее баш се‘. „Нема да направиме кола со Мухамед. Не сакаме да ги напаѓаме верските основи.“ Тили во текот на изминатите години постојано предизвикуваше внимание со мотивите за карневалските возила. На пример, имаше фигури со исламистички атентатори самоубијци, како и фигура на Осама бин Ладен кој се капе во крв. Имаше и кола на која е прикажан карневалист кој лови салафистички екстремист. Од Диселдорфскиот карневалски комитет се вели: „Не смеат да не‘ заплашат.“

Entwurf eines Karnevalswagens Wladimir Putin als Transformer
Нацрт на една од колите на карневалот - Путин како ТрансформерФотографија: picture-alliance/dpa/H. Kaiser

Во меѓувреме, американската влада издаде предупредување за своите граѓани околу карневалот на розенмонтаг во Диселдорф. Во соопштението на американското Министерство за надворешни работи се вели дека треба да се избегнуваат големи толпи народ. Предупредувањето повеќе беше поврзан со демонстрациите на приврзаниците на Пегида кои беа најавени исто така за денеска. Демонстрациите во меѓувреме се откажани, но од Пегида велат дека имаат намера да се вмешаат меѓу карневалистите маскирани како терористи или салафисти кои на појасите имаат имитација на експлозив. Организаторите на карневалот во Диселдорф се надеваат дека полицијата ќе реагира навреме.