Рекорден раст на температурите во 2017 година
8 ноември 2017На самиот почеток на Конференцијата на ОН за климата во Бон, Светската метеоролошка организација, СМО, го презентираше најновиот извештај за загревањето на атмосферата. Тековнава 2017. година, судејќи според сѐ, ќе биде најтопла година од кога постојат мерења.
Актуелните податоци на Светската метеоролошка организација велат дека температурата на Земјата од јануари до септември 2017. година пораснала за 1,1 степен Целзиусов во однос на прединдустриското време, околу 1850. година.
Поради појавата на глобалниот атмосферско-океански феномен Ел Нињо во тропскиот Пацифик, со дополнително зголемување на температурата, досега рекордно топла беше 2016. година. „И без Ел Нињо, 2017. година со сигурност ќе биде најтопла од почетокот на мерењата“, објаснува за Дојче веле експертот за клима, Штефан Рамсдорф од Институтот за климатски истражувања во Потсдам.
Според мерењата на Светската метеоролошка организација, најтопли години од почетокот на официјалните мерења на температурите се 2015, 2016 и 2017. година. „Последните три години имавме рекордни температури. Тоа е дел од долгорочното загревање“, изјави генералниот секретар на СМО, Петери Таалас на Климатската конференција во Бон. „Се соочуваме со несекојдневни временски прилики: температури од 50 степени во Азија, немилосрдни урагани на Карибите и во Атлантикот, па сѐ до Ирска, потоа катастрофални монсуни и поплави кои погодија милиони луѓе, а во источниот дел од Африка владеат девастирачки суши.“
Висока концентрација на ЦО2 во воздухот
Сите тие се знаци на климатските промени, предизвикани од гасовите со ефект на стаклена градина, последица од човековите дејства, рече Таалас во Бон. Тој пред седум дена во Женева го претстави алармирачкиот извештај за пораст на гасовите во атмосферата кои предизвикуваат ефект на стаклена градина . Концентрацијата на ЦО2 во воздухот е зголемена како никогаш досега, преку 402 промили на кубен метар. Во 1996. година вредноста изнесувала 362 промили, а пред почетокот на индустријализацијата, најмалку 800.000 години континуирано - околу 280 милиграми. Голема концентрација на ЦО2 во атмосферата била присутна пред три до пет милиони години, проследено со зголемување на температурите на Земјата од два до три степени, топење на мразот на Гренланд и Антарктик, како и нараснување на нивото на морињата од 10 до 20 метри.
Предупредување за што побрзо дејствување
Целта е што поскоро сведување на нула на емисијата на ЦО2 од фосилни горива, за да се спречи раст на концентрацијата на ЦО2 во атмосферата.
Концентрацијата предизвикува ефект на стаклена градина. Кај ЦО2 е проблематично што гасот е постојан, продолжува да се акумулира и тешко се разградува во атмосферата. „Значи, ние ја полниме атмосферата со ЦО2 на ист начин на кој што кадата ја полниме со вода“, објаснува Рамсдорф.
Со влошувањето на ефектот на стаклена градина се поврзани низа негативни аспекти. Дел од нив се топење на глечерите и континуирано намалување на мразот на Северниот и на Јужниот пол. Притоа расте нивото на морињата. Океаните се загреваат и поради апсорпција на ЦО2, стануваат покисели, а голфските струи исто така можат да бидат погодени од топењето на мразот.
„Сево ова претставува растечки ризик по луѓето, економијата и животот на Земјата, доколку не ги следиме целите и амбициите на Париската спогодба за климата“, изјави секретарката на ОН за клима, Патрициа Еспиноза, при презентирањето на извештајот.
Парискиот договор за климата предвидува намалување на загревањето под два степена Целзиусови, ако е можно и под 1,5 степени.
Истовремено, Еспиноза е оптимист во поглед на постигнувањето на целите со заеднички и решителни напори: „Постојат поттици од влади, кои се навистина добредојдени, како и иницијативи од градови, држави, региони, претприемачи и цивилни организации“.
„Бон 2017. година мора да биде почеток на следниот, повисок степен на амбиции на сите нации и општества, за да ја минимизираме опасноста, а да ги максимизираме шансите за пат насочен кон одржлива иднина,“ истакна Еспиноза.