Рибари во борба против пластичниот отпад во морињата
21 јули 2014Секоја година човештвото во морињата фрла 4,8 милиони тони пластичен отпад. Она што веќе овде изгледа многу лошо, е само врвот на санта мраз бидејќи само 15 проценти од пластичниот отпад плови на површината, додека најголемиот дел лежи на морското дно.
Ејмојден, Холандија, 6 часот наутро: рибарскиот брод „МС Арендјан“ штотуку пристигна. Капетанот Арт Локер и неговите момци ноќта повторно доброволно работеа како морски собирачи на смет. Со мрежи од дното на Северното Mоре собраа тони риби и отпад. Во мрежата некогаш има ужасни работи: „Крава, бомби, коњ, пилот во седиште за катапултирање. Можете да најдете се’ што ќе ви падне на ум“,вели капетанот Локер.
Во последните години екипажот мора да ги крпи мрежите многу почесто бидејќи се кинат од остри парчиња отпад. И на оваа пловидба, покрај риби, извлекоа и многу метал. Сепак, најмногу има пластика. Инаку, во европскиот проект „Фишинг фор литр“ само во Холандија учествуваат 91 рибарски брод, а собраниот отпад се сортира и рециклира.
Од нашиот пластичен отпад умираат околу милион морски птици годишно. Ова е содржината од желудниците на два албатроса. Речиси половина од сите китови и фоки јадат пластика поради што умираат со болки. Мртвите риби никој не ги брои.
Долгорочно, од оваа супа од пластика ќе има последици и за луѓето. Во моментов се истражува какви ќе бидат последиците. Океанологот Нилс Гусе предупредува: „Уште не се знае што точно ќе значи тоа за пониските нивоа во тропскиот предел, на пример за планктонот. Никој не знае. Но, со тоа што делчињата стануваат се’ поситни, со филтрирање влегуваат во помали организми, а потоа преку веригата на исхраната стигнуваат и во поголемите животни.“
Точно, а на крајот пластиката стигнува веројатно и во цицачот, кој, превидувајќи важни факти, себеси се нарекува хомо сапиенс, односно паметен човек. Тој паметен човек, значи, секоја година ги загадува морињата со се’ повеќе пластика, меѓу другото и со илјадници рибарски мрежи.
„Тие плутаат, во нив се заплеткуваат животни и кога се полни, тонат на дното. Животните се распаѓаат, мрежите повторно се креваат горе и ловат, кога ќе станат тешки тонат - и така во круг. Таканаречените ’сенишни мрежи‘ се опасни оти се во постојан лов“, вели океанологот Харалд Бенке.
По враќањето во Ејмојден капетанот Арт и неговиот екипаж ги дочека изненадување: добија награда. Во ред, врачувањето на „Наградата Фишинг фор литр“ не е толку гламурозно, а ни облеката дефинитивно не е соодветна. Но, станува збор за важна работа. Екипажот на „МС Арендјан“ веќе трета година по ред извлекува најмногу отпад од морето.
„Секако дека сум горд на наградата! Само со ова нема да го запреме отпадот, но, барем момците повторно ќе бидат вистински мотивирани“, вели капетанот Арт Локер.
Три дена подоцна рибарите повторно се упатија на море. Се борат со силите на природата и, како и секогаш, со отпадот меѓу својот улов.
Иницијативата „Фишинг фор литр“ расте од година во година, стотици европски рибари собираат стотици тони пластичен отпад годишно. Но, според актуелните пресметки, со вакво темпо ќе бидат потребни 79.000 години за океаните целосно да се исчистат од пластика.