Римац: хрватскиот електричен „ферари“
19 април 2019На саемот на автомобили во Њујорк деновиве беше претставен новиот електричен автомобил на хрватската компанија Римац. 1200 коњски сили; од 0 до 100 километри на час за 2,5 секунди. Со брзина од повеќе од 300 км/ч електричните автомобили на хрватскиот производител Римац се меѓу најбрзите во светот. Тие се конструирани од млади Хрвати, а ги промовира маркетинг тим предводен од Марта Лонгин. Таа вели дека главната разликата меѓу Римац и многу големи производители е тоа што Римац е сѐ уште со мал тим и реагира многу брзо.
„Впрочем ние започнавме со електричен погон, и никогаш не моравме да менуваме од една технологија во друга - од мотор на согорување во електричен. Ова беше наша работа од самиот почеток.“
Мате Римац со 21 година ја основа компанијата пред десет години. Тогаш инсталираше електрични мотори во стари БМВ автомобили.
Денес неговата фирма, Римац Аутомобили, со седиште во Загреб има 500 вработени. Инженерите ги развиваат автомобилите од нула. Сите компоненти се самопроизведени. Бројот на произведени возила е лимитиран и затоа еден Римац може да чини до еден милион евра.
Иновациите привлекоа инвеститори. Порше и две кинески компании имаат удел во Римац. Тие сакаат да профитираат од техничкото знаење на хрватската компанија.
„Сега се движиме и се менуваме кон поголемо производство. Ние никогаш нема да имаме масовно производство - ниту на автомобили ниту компоненти, но ќе имаме поголеми количества. Во моментов сме во состојба да испорачаме стотици батерии, електрични мотори, системи за забава“, вели директорката за маркетинг, Лонгин.
Во Хрватска, Римац е голем исклучок. Земјата живее главно од туризмот. Меѓутоа, во процесот на економско заздравување Хрватска значително заостанува зад останатите земји од Источна Европа. Многу млади, добро образовани луѓе ја напуштаат земјата. И претприемачите ги бие лош глас. „Во општеството има тенденција претприемачите да се сметаат за крадци, за нечесни. Ова е поради искуствата што ги имаат луѓето од периодот на транзицијата во 90-тите. Има бројни случаи на корупција, тогаш, но и сега“, објаснува професорот Јурица Шимурина од Економски факултет во Загреб.
И покрај бројните понуди производството да го пресели во странство, Римац опстојува на својата локација во Хрватска. Во моментов се планира отворање нова фабрика, само за производство на брзи електрични автомобили.