1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија е подготвена за американските тенкови

Роман Гончаренко / ЕМФ1 април 2016

Москва реагира опуштено на зајакнувањето на американското воено присуство на источниот бедем на НАТО. Можна причина: руската армија веќе реагираше.

https://p.dw.com/p/1INpu
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Налутена, но сепак опуштена - тоа е руската реакција на американските планови за стационирање тенковска бригада во Источна Европа. Москва ќе даде „асиметричен одговор“, изјави за руската државна телевизија Александер Грушко, претставник на Русија во НАТО. Овој одговор ќе биде „максимално ефикасен и не премногу скап“, вели неименуван дипломат. Русија не е само пасивен набљудувач на засиленото американско воено присуство во Европа. Засега министерствата за надворешни работи и за одбрана во Москва не се изјаснуваат. Темата не е „топ“ ниту во руските медиуми.

Присуство според принцип на ротација

Пентагон во средата ги конкретизираше плановите кои постојат од претходно. Според нив, од февруари 2017 година на источниот бедем на НАТО би требало да се стационира комплетна тенковска бригада со вкупно 4200 војници, 250 тенкови и друго тешко вооружуивање. Бригадата би го менувала местото на стационирање според принцип на ротација во различни источноевропски земји. Сѐ уште не е познато за кои земји станува збор. На секои девет месеци би требало да има смена на трупите и материјалот.

Вашингтон својата одлука ја образложи со тоа дека источноевропските држави члeнки на НАТО треба да бидат поддржани „со оглед на агресивноста на Русија“. Повод е руската интервенција во Украина.

Alexander Golz russischer Militärexperte
Александер ГолцФотографија: DW

Нови дивизии и тенковска армија

Објаснувањето за досегашното релативно опуштено реагирање на Москва на ваквите американски планови е едноставно, оценува Александер Голц. „Испраќањето на тенковска бригада се случува во рамки на заклучоците од самитот на НАТО во Велс, во 2014 година“, вели овој руски воен експерт. „Русија на тоа веќе реагираше.“

Москва најави дека ќе формира нови дивизии на западот на земјата. За нивниот број досега има различни информации. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу пред само неколку дена рече дека Русија продолжува со формирањето две нови дивизии во својот западен воен регион. „НАТО го зголемува својот воен потенцијал во Европа, меѓу другото и во близина на руската граница“, рече Шојгу. Русија, според него, е загрижена и е принудена да реагира. Претходно министерот за одбрана зборуваше за три нови дивии на западот на Русија. Една од овие дивизии се формира на основите на бригадата во подрачјето на Смоленск, на границата со Белорусија.

Освен тоа, руското Министерство за одбрана на почетокот на февруари годинава најави обнова на Првата тенковска армија, која беше расформирана во 1998 година. Новата армија се создава врз темелите на веќе постоечките дивизии и бригади кои ќе бидат реорганизирани и засилени. Ваков еден чекор е „логичен“, со оглед на тоа што САД и НАТО водат „сѐ појасна стратегија на запирање на руската експанзија“, напиша руската државна новинска агенција Риа Новости. Тенковската армија е дел од рускиот одговор на засиленото американско воено порисуство во Источна Европа, оценува Александер Голц.

„Нема конфронтација како во Студената војна“

Зголемувањето на военото присуство на САД во источните членки на НАТО и руското зајакнување на трупите на западот на земјата меѓутоа „во никој случај не е повторување на конфронтацијата како во Студената војна“, смета воениот експерт. „Тогаш едни наспроти други стоеја стотици илјади вооружени луѓе.“

Голц во најновите американски планови гледа желба за можна т.н. „хибридна војна“, за да се биде подготвен за случаи како анексијата на Крим од страна на Русија. Притоа, бројот на војници или тенкови не е толку важен.