1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија планирала сајбер-напади врз Олимписките игри во Токио

БГ /РТР
19 октомври 2020

Велика Британија и САД денеска ги осудија, според нив, серијата сајбер напади организирани од руското воено разузнавање и обидите да се нарушат Олимписките и Параолимписките игри во Токио следната година.

https://p.dw.com/p/3k9dR
Japan Tokio Olympia 2020
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kogiku

Претставници на Велика Британија и САД тврдат дека нападите биле спроведени од Единицата 74455 на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која е позната и како Главен центар за специјални технологии. Во обвинение кое беше откриено денеска, американското Министерство за правда соопшти дека шестмина членови на единицата играле клучни улоги во нападите врз разни цели: од Зимската олимпијада во Јужна Кореја во 2018 до изборите во Франција во 2017.
Британски претставници тврдат дека хакерите на ГРУ извршиле „кибернетски набљудувачки“ операции против организаторите на Олимпијадата во Токио 2020, која во меѓувреме беше одложена за следната година поради пандемијата на коронавирусот. Претставниците одбија да соопштат детали за нападите и за нивната успешност, но тврдат дека цел биле организаторите на Игрите, снабдувачите и спонзорите.
„Операциите на ГРУ против Олимписките и Параолимписките игри се цинични и неодговорни. Најостро ги осудуваме“, изјави шефот на британската дипломатија Доминик Раб.

„ФБИ во повеќе наврати предупредуваше дека Русија е многу способен кибер-непријател, и информациите кои се откриваат со ова обвинение илустрираат колку се продорни и деструктивни сајбер активностите на Русија“, изјави заменикот-директор на американската ФБИ, Дејвид Боудич.

На Русија и беше забрането учеството на најголемите спортски манифестации на период од четири години поради државно спонзорираниот допинг на спортистите, вклучително и на Игрите во Токио.
Нападите врз Игрите се последните во серија хакерски обиди против меѓународните спортски организации за кои, западните претставници и експертите за сајбер безбедност, велат дека се оркестрирани од Русија по отворањето на допинг скандалот пред пет години.
Москва ги отфрла ваквите обвинувања.

Обвинителниот акт наведува дека Русија извела хакерски напад врз отворањето на Зимската Олимпијада во Јужна Кореја во 2018 година со кој биле компромитирани стотици компјутери, бил запрен пристапот до Интернет и биле попречувани преносите. Експерти и претходно тврдеа дека нападот бил изведен од Русија иако бил направен обид тоа да изгледа како упад од Кина и Северна Кореја, наведува британското МНР.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи