Русија: Прогони на противниците на „историската вистина“
11 јуни 2021Извештајот објавен од Меѓународната федерација за човекови права (ФИДХ) „сеопфатно ги наведува репресивните акти поврзани со историското сеќавање“ насочени кон историчари, активисти и новинари кои работат на руската историја. Извештајот на организацијата со седиште во Париз е потврда на тврдењето на критичарите кои велат дека Кремљ се обидува да го контролира историскиот наратив преку државна пропаганда и преку мешање во работата на историчарите и активистите со цензура и закани.
Злосторство против историјата
„Степенот на прогон на историчарите во Русија веќе дојде до нивото на ’злосторство против историјата’“, се наведува во извештајот.
ФИДХ ги дефинира „злосторствата против историјата“ како „серија на екстремни злоупотреби на историјата извршени од авторитарни и тоталитарни режими“. Организацијата наведува на „криминализација на слободниот говор“ преку десетина закони, но и преку цензура на историските книги и одбивањето да и дозволат пристап на јавноста до архивите. Се наведува случајот на историчарот на Гулазите Јури Дмитриев кој беше осуден на 13 години затвор врз основа на контроверзни обвинувања за сексуално насилство врз деца во 2020. Поддржувачите инсистираат дека тој бил цел поради истражувањата на прогоните во ерата на Сталин, а успеал да лоцира и масовни гробници на жртвите на Големиот терор. Извештајот ја обвинува Москва и дека одбива да им обезбеди „материјална или симболична“ компензација на жртвите на злосторствата од ерата на СССР.
Глорификација на СССР
Од доаѓањето на Владимир Путин на власт во 2000 година, Русија се обидува повторно да се наметне како глобална сила и притоа се глорификуваат достигнувањата на Советскиот сојуз.
Во измените на Уставот усвоени минатата година, Русија е дефинирана како „наследник“ на Советскиот сојуз која мора „да ја заштитува историската вистина“. Руски претставници честопати осудуваат „фалсификати“ на историјата, уништување на воени споменици и напади кон ветераните. Неделава, пратениците во долниот дом на руската Дума усвоија закон кој забранува јавно негирање на „клучната улога“ на советскиот народ во поразот на нацистичка Германија. Законот треба да биде одобрен и од горниот дом и да биде потпишан од Путин- но тоа се смета за формалност.