Руска агресија врз Украина: Улични борби во Киев
25 февруари 2022Од рано утрото во Киев се огласија сирените за воздушна опасност додека врз градот паѓаат руски ракети. Руските сили се обидуваат да го освојат главниот град на Украина, откако во првиот ден од инвазијата успеаја да обезбедат воздушна надмоќност и да префрлат голем број копнени трупи во близина на Киев.
„Ужасни руски ракетни напади врз Киев“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. „Последен пат кога нашиот главен град доживеа нешто вакво беше во 1941 кога беше нападнат од нацистича Германија. Украина го порази тоа зло и ќе го порази и ова“.
Повици за отпор
На улиците на киевскиот северен регион Оболонски, граѓаните бараа засолниште од експлозиите и огнот од автоматско оружје. Руските трупи пристигнаа во близина на Киев во четвртокот, откако извршија хеликоптерски десант врз аеродромот и базата Гостомел. Украинската армија тврди дека го одбила тој напад, но руските копнени сили вршат офанзива и од западниот брег на реката Дњепар од правец на Белорусија.
Украинското министерство за одбрана ги повика граѓаните на отпор.
„Ги повикуваме граѓаните да нѐ информираат за движењето на трупите, да прават Молотови коктели, да го неутрализираат непријателот“.
Киев соопшти дека во првиот ден од нападот загинале 137 луѓе, цивили и војници, а стотици други се повредени. Според првичните податоци на УНХЦР, повеќе од 100.000 луѓе се во бегство поради руската агресија. На границите кон Полска, Унгарија и Романија колони возила и луѓе се обидуваат да избегаат од насилството.