1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

САД и Кина во трка по вакцина за коронавирусот

Весли Ран
23 јуни 2020

Потрагата по вакцина против новиот коронавирус е во сенка на ривалството меѓу Кина и САД. Дали национализмот и интересите на моќта можат да ја отежнат глобалната кампања за вакцинирање?

https://p.dw.com/p/3eCRU
DR Kongo Mbandaka Impfstoff vorbereitet
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Mednick

Од седум потенцијални вакцини, кои според СЗО, во моментов се во втора фаза на тестирање, три ги развиваат кинески компании а две американски компании или истражувачки институти.

Белата куќа планира да потроши 10 милијарди американски долари за тестирање, производство и купување на една или повеќе вакцини. Според планот до јануари 2021 година треба да бидат обезбедени најмалку 300 милиони дози на вакцини . Вклучени се шест американски фармацевтски компании, како и британско-шведската фармацевтска групација Астразенека.

Операцијата, под надлежност на министерството за здравство на САД, ја предводи американскиот генерал Густав Перна. На неговото сослушување пред Сенатот на САД во минатата недела, Перна истакна дека САД се подготвени да „соработуваат со секоја земја, која нуди информации или соработка во развојот на вакцини или лекови“. Кина не е една од нив, беше дециден генералот.

Donald Trump - Schutzmaske
Фотографија: picture-alliance/S. Reynolds

Објавувања на успеси и предупредувања од хакери

Фармацевтската компанија Модерна со седиште во Масачусетс, како прва фирма,  уште во март започна со клиничките испитувања кај волонтери и објави позитивни прелиминарни резултати кон средината на мај. Производството би можело да започне веќе во јули, соопшти компанијата.

Една недела по објавувањето на успехот на Модерна, ФБИ и американската сајбер-одбрана ЦИСА предупредија на хакерски напади од Пекинг со цел стекнување на податоци за американски истражувачки резултати за вакцина против коронавирусот. Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи реагираше на следниов начин: „Ве молиме, дајте докази дека Кина ги саботира западните напори за развој на вакцина. Воопшто не треба да бидете срамежлививи“.

Дејвид Фидлер од американскиот тинк-тенк Совет за надворешни работи за ДВ изјави дека не се сомнева дека „Кина и другите земји се обидуваат да стекнат информации за активностите на американските организации поврзани со пандемијата, вклучително и развојот на вакцина “. Тој уште истакна оти  не би бил изненаден ако и САД, од своја страна, извршиле компјутерска шпионажа на кинеските истражувачки активности.

China Peking | Xi Jinping trifft WHO Direktor Tedros Adhanom Ghebreyesus
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/J. Peng

Рамо до рамо со целиот свет“

Кина, каде најнапред се појави вирусот, беше првата земја која во јануари ја објави секванцата на геномот на вирусот. Таа го претставува нејзин развој на вакцина како „решителна борба“ што ја води „рамо до рамо“ со целиот свет.

Во март, кинеската компанија КанСино, во соработка со кинеската академија за воени науки, ги објави прелиминарните позитивни резултати од тестирањето на својот кандидат за вакцина во првата фаза. 500 испитаници во болница во Вухан сега се вклучени во тестирањето во втората фаза. Во минатата недела и компанијата СиноВак објави ветувачки резултати по тест вакцинацијата на 743 испитаници.

Повеќе:

-Тешко до вакцина која сите еднакво ќе ги штити од коронавирусот

-Германија: Тест-вакцина против Ковид-19, резултати во август

-Напната и неизвесна трка по вакцина против коронавирус

Чанг Лунг-Жи, директор на лабораторијата „Гено-имунолошки медицински институт“ во Шенжен, која исто така работи на развој на вакцина, изјави за ДВ, „Благодарение на нејзината стручност во молекуларната медицина, Кина би можела да да ги премине САД во трката за вакцина против Ковид-19“

Сепак, Кина и натаму е зависна од високо-технолошкиот увоз кога станува збор за масовно производство на вакцина, па затоа и е потребна поддршка од странство.

Солидарност и сопствени интереси

На состанокот на СЗО во мај, кинескиот претседател Ши Џинпинг вети дека неговата земја ќе обезбеди вакцина како „глобално јавно добро“. Ова го издвојува Пекинг од САД, кои не ја одобрија резолуцијата на СЗО дека вакцината треба да биде ставена на располагање „фер и правично“.

Сепак, првиот човек на американскиот Национален институт за здравство, кој е вклучен во развојот на вакцина, рече дека секоја вакцина во светот треба да биде достапна на оние на кои им е најпотребна.

„Како САД така и Кина ќе знаат како да обезбедат ефикасна и безбедна вакцина за да им служи на нивните национални интереси“, рече здравствениот експерт Фидлер. А помалку финансиски силните земји треба да бидат свесни дека пристапот до кинеска или американска вакцина ќе биде поврзан со политички услови.

Фокусирањето на САД и Кина е погрешно

Но, САД и Кина не се единствените земји во кои се спроведуваат трескавични истражувања за пронаоѓање вакцина. Освен тоа, иако двата ривали не соработуваат меѓусебе, сепак тоа го прават со други земји. Затоа, геополитичката компонента во потрагата по вакцина на крајот би можела да биде помалку значајна отколку што тоа го сугерира медиумската размена на удари меѓу Пекинг и Вашингтон.

Во моментот се тестираат околу 120 кандидати за вакцини, вклучително и во Германија. Таму компанијата КјурВак од Тибинген ја започна првата фаза од тестирањето на нивната вакцина. Германската влада инвестираше во компанијата 300 милиони евра откако американската влада исто така покажа интерес за неа.

„Со оглед на големиот број на проекти за развој на вакцина во различни земји и континенти, не очекуваме конфликти во глобална дистрибуција“, вели Хан Штојтел, претседател на Здружението на истражувачки фармацевтски компании во Германија (вфа) за ДВ. „Поаѓаме од тоа дека вакцинациите  ќе можат да се започнат речиси истовремено во повеќе земји“.

Потребни се многу вклучени страни

Така, на пример, кандидатската вакцина на британско-шведската фармацевтска компанија Астразенека е развиена во соработка со универзитетот Оксфорд. Клиничките студии се вршат во Бразил. На почетокот на јуни, Астразенека ги обезбеди услугите на индискиот производител Серумски интитут на Индија за производство на една милијарда дози на вакцини наменети за земјите во развој. До крајот на 2020 година, 40 проценти од ова количество треба да бидат достапни - под услов, се разбиа, вакцината да се покаже како ефикасна и безбедна.

„Не е особено важно која компанија или кое јавно-приватно партнерство прво ќе добие дозвола за вакцина или од која земја ќе потекнува ваква вакцината“, вели Хан Штојтел од фармацевтското здружение „Вфа“. Многу  поважно е, според него, да бидат одобрени повеќе вакцини и навремено да се произведат доволно количества, бидејќи само така може да се задоволат глобалните потреби