САД и Твитер ја осудија одлуката на Турција
22 март 2014Американскиот Стејт департмент оцени дека одлуката на Ердоган „противречи на желбата да се биде модел за демократија, изразена од самата Турција“. САД ја поддржуваат слободата на изразувањето во Турција и се спротивставуваат на создавањето на секакви пречки пред неа. Стејт департментот ја повика турската влада „да го обнови пристапот до сите социјални мрежи“. „Повикот е упатен и по дипломатски канали“, изјави портпаролката на Стејт департментот Џенифер Псаки.
Во меѓувреме, социјалната мрежа Твитер изрази очекување пристапот до неа наскоро повторно да биде овозможен во Турција.
„Ние ги поддржуваме нашите корисници во Турција, кои сметаат на Твитер како на важна комуникациска платформа. Се надеваме дека многу брзо ќе биде обновен целосниот пристап“, порачаа од компанијата Твитер.
Во Турција растат стравувањата дека по Твитер ќе бидат блокирани и други мрежи и интернет-сервиси, бидејќи премиерот Ердоган во минатото се закануваше дека ќе ги блокира Фејсбук, Гугл и ЈуТјуб. Сепак овие вебстраници останаа достапни во Турција.
ЈуТјуб го одби барањето на турската влада да се блокираат одредени видеа. За ова вчера информираше весникот „Вол стрит журнал“, цитирајќи анонимни извори. Весникот цитираше и анонимни извори од Гугл, кои пренесуваат дека постојат стравувања за блокирање на оваа вебстраница.
Забраната, која се покажа дека не е целосно ефективна, покажува дека владата прави уште еден обид за да ги спречи критичките коментари кои излегуваат слободно на социјалните мрежи. Експертите сметаат дека не треба да пости загриженост дека останати влади веднаш ќе го следат примерот на Турција со забранувањето на Твитер. Но, оваа компанија, која долгорочно нуди сервиси на комуникација, кои се лесни за користење и претставуваат поддршка за слободата на говор, стана видлива цел на некои влади.