САД: Највисока инфлација по речиси 40 години
10 декември 2021Инфлацијата во САД, мерена со растот на потрошувачките цени, порасна во ноември за 6,8 отсто, меѓугодишно на највисоко ниво во последните 39 години, објави американското Министерство за труд.
На месечно ниво, потрошувачките цени пораснаа во ноември за 0,8 насто, што е значително зголемување, иако малку побавно од октомври кога месечната стапка на раст на инфлацијата изнесуваше речиси 0,9 отсто.
Скокот на цените од 6,9 насто во 12 месечен период, од ноември минатата година до ноември годинава, е најголем од јуни 1982 година, кога меѓугодишната инфлација достигна 7,1 процент.
Овој претходен скок се случи во време кога Федералните резерви ги подигнаа каматните стапки на двоцифрена вредност за да ја запрат инфлацијата која се оттргна од контрола поради нафтената криза во 1970-тите години која ги „вжари“ цените на тој енергенс.
Повеќе:Германија: Највисока инфлација во последните 29 години
Основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и на енергијата, забележа месечен раст од 0,5 отсто во ноември, додека растот на годишно ниво порасна за 4,9 отсто, што е највисок од 1991 година.
Цените на енергенсите и минатиот месец најмногу допринесоа до раст на инфлацијата, особено цените на бензинските пумпи, кои се вивнаа за вртоглави 58,1 отсто во однос на претходната година.
Цените за домување, храна, нови и половни автомобили, авионски карти, облека и мебел, исто така, во голема мерка допринесоа за пораст на ноемвриската инфлација.