Тоа беше тоа - самит на Г7 во замокот Елмау, за чиј успех во прв ред требаше да се погрижи Германија. Некои работи дефинитивно успеаја, со оглед на тоа што светот во моментов се реорганизира. Богатиот, демократски запад конечно се отвора кон новите демократии на глобалниот југ.
Овојпат не беа поканети докажаните партнери на Г7, овојпат на масата седнаа оние кои наскоро би можеле да бидат загубени поради автократите на овој свет - пред сѐ глобалните играчи Индија и Индонезија, но и Јужноафриканската Република, Сенегал и Аргентина. Што точно значи тоа за иднината сè уште не е јасно, но направени се неколку чекори во вистинската насока.
Пет до дванаесет
Позитивен сигнал испраќаат и огромните инвестиции што групата Г7 ги планира во инфраструктурни проекти во земјите во економски подем и во земјите во развој во наредните години. Понудата од 600 милијарди долари за глобалниот југ треба да претставува алтернатива на доминантните понуди од Кина.
Меѓутоа, овој пристап помалку ја покажува дарежливоста на Западот, а повеќе неговата нужда. Богатите демократии допрва треба да го изградат својот кредибилитет во постколонијалните земји во Африка и во Азија. Тие, меѓутоа, тоа го прават во „пет до дванаесет“. Барем Западот сфати дека земјите од глобалниот југ одамна се ориентираат во други насоки, понекогаш и во насока на автократите.
Долгорочни перспективи за Украина
Ова е јасно видливо на темата Русија: некои од учесниците изгледаа изненадени од тоа колку е тешко да се убедат некои земји од глобалниот југ дека Русија е одговорна за заканувачката криза со глад. Повторно беше побрза руската пропаганда, во која Западот беше преставен како главниот виновник, бидејќи воведе санкции против Русија. Оние 4,5 милијарди долари што Г7 сега ги вети за борба против гладот се важни, но не се доволни за да се спротивстават на обидите на Москва за глобална дестабилизација на различни нивоа.
Војната во Украина засенува сѐ. Така, на Русија ѝ беа воведени дополнителни санкции, а на Украина ѝ беше ветена финансиска помош од 30 милијарди евра за 2022 година. Во завршната декларација од Елмау се вели дека намерата е да се стои на страната на Украина онолку долго колку што е потребно. За првпат меѓународната заедница се изјасни толку недвосмислено за тоа што ќе се случи по војната. Г7, освен тоа, најави и „Маршалов план“ за обнова на Украина.
Тоа звучи смирувачки на прв поглед, но повеќето Украинци се прашуваат - колкава е ползата од добрата перспектива ако војната е далеку од завршена? Иако тоа што беше одлучено е важно, сепак, во моментов на Украина многу повеќе ќе ѝ помогне ограничување на цените на нафтата и на гасот, широко ембарго на руското злато и повеќе оружје.
Пропуштена шанса на Олаф Шолц
Германскиот канцелар на прес-конференцијата илустрираше дека зад перспективите сѐ уште има малку конкретно. Во завршната декларација на групата Г7 се споменуваат и „долгорочни безбедносни ветувања“ за Украина по војната. И тоа звучи добро, но го замолив канцеларот дали може да појасни што значат „безбедносните ветувања“. Тој се насмевна и одговори: „Да. Да, можам. Тоа е мојот одговор“. Но, тој не го стори тоа и продолжи на следното прашање.
Тоа беше сериозно прашање кое заслужува одговор. Останува впечатокот дека тој продолжува само да ја теши Украина. Олаф Шолц не ја искористи шансата да демонстрира лидерство. Притоа, самитот на Г7 за канцеларот беше еден вид меѓународно огнено крштевање, но тој навистина не беше убедлив.