Сами, но не осамени - три генерации под ист покрив
2 ноември 2013Тина Арнт има 72 години и живее сама, но не е осамена: „Кога навистина сакам да поразговарам со некого, само седнувам на тераса. Знам дека набрзо некој ќе помине и ќе поразговара со мене“, вели таа. Луѓето од нејзината генерација најчесто се во домови за стари лица, или сами се грижат за себе, но Арнт учествува во проектот Амарилс во Бон. Тоа претставува евтино сместување, каде станарите имаат одвоени станови, но меѓусебно си помагаат. Тоа Тина Арнт ја потсетува на живот во голема фамилија. Дури и автомобилите се користат заеднички.
Арнт слушнала за проектот пред седум години и набрзо сфатила дека тоа е вистинското место за неа. Таа со децении пробувала да организира нешто слично: „Но тие проекти секогаш завршуваа со неуспех. Тогаш, пред седум години, ми дојде идеја да побарам на интернет какви инцијативи постојат за сместување на стари лица. Веднаш го пронајдов Амарилс“.
Стари и млади
Герд Хеншајд-Грос е еден од основачите на Амарилс: „Ние самите го водиме проектот и самите ја изградивме оваа куќа. Ние сме сопственици, нема управа, нема инвеститори“, вели тој за ДВ.
Заеднички се прават и секојдневни работи - станарите меѓу себе се организирани во работни групи. На пример, Хеншајд-Грос и неговата сопруга се членови на групата за медиуми. Во живеалиштето „Амарилс“ живеат околу 50 возрасни и 20 деца. Старите им помагаат на младите и обратно. „Мислам дека е тоа прекрасно, забавно ми е и останувам свежа и млада“, вели Арнт.
За Хеншајд-Грос е незамисливо да ја помине староста во куќа на периферија, како што прават повеќето Германци: „И мојата жена размислува слично како мене, па побаравме други луѓе кои сакаат да живеат заедно“.
Германците најстари во Европската Унија
Сличен проект постои во Фрајбург, во домот за стари „Алберт-Риа“. Студентите таму можат да побараат сместување - киријата е ниска, но имаат обврска одреден број часови да се грижат за старите лица.
Населението во Германија станува се‘ постаро, како што покажуваат и статистиките. Имено, Германија веќе ја има најстарата популација во Европската унија. Во исто време, на пазарот за недвижнини нема доволно станови кои одговараат за стари лица. Организаторите на Амарилс велат дека и старите луѓе на кои им треба сместување, треба да преземат дел од одговорноста.
Кој го удри браникот?
Секако, таму каде што луѓе живеат заедно, доаѓа и до конфликт. „Тоа го има и кај нас. Најважно е како ќе го решиме тоа“, вели Хеншајд-Грос. И Арнт признава дека некои денови и‘ е „преку глава. Не сакам за се` да разговарам. Не го ни правам тоа, ја затварам врата, го исклучувам телефонот и ѕвончето на вратата. Никој тоа не ми го зема за зло.“
И Тина Арнт морала да се прилагоди: „Морав да се навикнам на тоа дека автомобилот треба да го делам со другите. Денес мислам дека е тоа убаво, вистинската работа. И веќе не внимавам дали јас сум го изгребала автомобилот или удрила браникот“. За неа е незамисливо староста да ја помине на друго место: „Никогаш не ми е здодевно и не се чувствувам бескорисна. Поради тоа вреди да се живее овде“.