Саудиска Арабија, западните вредности и парите
23 октомври 2018Ако деновиве ги погледнеме цените на нафтата, станува јасно дека ниту САД, ниту Европејците нема да се спорат со Саудиска Арабија поради тоа што владата можеби убила новинар кој бил критички настроен кон неа.
Цената на нафтата која се менува на секоја најава на некаква несигурност само минимално е променета по исчезнувањето на Кашоги на почетокот на октомври во саудиската амбасада во Истанбул.
„Актуелно бизнисите не трпат никакви последици од случајот Кашоги. Инаку промената во цената на нафтата ќе беше многу поголема", вели Еуген Вајнберг, аналитичар за суровини во Комерцбанка за ДВ.
Цената на нафтата околу 400 долари за барел?
Драстични сценарија имаше и одвишок. Американскиот претседател Доналд Трамп првично најави „строга казна". Саудијците реагираа со предупредување дека цената на нафтата ќе ја искористат како оружје за да се заштитат од санкции.
„Последиците од американските санкции против Саудиска Арабија би биле економска катастрофа која би го потресла целиот свет", напиша Турки Алдакил, интендант на саудискиот новински сервис Ал Арабија. Цената на нафтата би се зголемила на 400 долари за барел, вели Алдакил.
Петкратно зголемување на цената на нафтата де факто би било шок за светската економија, дури и поголем од тој за време на нафтената криза во 1973-та година.
Сепак пазарите останаа без потреси. Цената на нафтата бележеше само мала промена. Не било во интерес на Саудиска Арабија да ги разочара своите клиенти со високи цени на нафтата, вели аналитичарот Вајнберг. „Тоа само би го забрзало преминот кон алтернативни извори на енергија." Во САД распространетото добивање нафта кое инаку е поскапо, така би се исплатело повеќе.
„Незначајна работа"
Пазарите пак изгледа не веруваат дека САД и Европа сериозно би ги загрозиле своите релации со Саудиска Арабија поради убиството на еден новинар. Американскиот претседател Доналд Трамп по првичната најава за строги казни, се повлече драстично.
„До сега реакцијата на Трамп беше многу умерена, да не речам игнорантна. Случајот Кашоги го штиклираше како незначајна работа", вели Вајнберг.
Европската унија е воздржана со критиките кон Саудиска Арабија. „Не можам ниту јас да си замислам, дека Европејците би го риикувале тоа. Пазарите не сметаат на таква варијанта. Инаку цената на нафтата не би била околу 80 американски долари, туку многу повисока", вели аналитичарот. „Веројатноста дека ќе има и мали санкции против Саудиска Арабија бизнисите ја гледаат еднаква на нула."
Една третина од увозот на Саудиска Арабија е од Европа, а 13 проценти од Северна Америка. Секако дека има можности за санкции. Но, очигледно Европејците и Американците не сакаат да ја изгубат земјата како добар клиент.
Милијарди за воениот апарат
Саудиска Арабија од САД купува воена опрема во вредност од 110 милијарди долари, соопшти Трамп при посетата во Ријад минатата година.
„Секој сакаше да го добие тој договор. Русија сакаше, Кина сакаше, но ние го добивме", рече Трамп минатата недела во изјава за американската телевизија ЦБС. Потоа додаде дека нема да го користи договорот како средство за притисок. „Не сакам да изгубам таков договор и не сакам да загрозувам работни места."
Германските политичари не се изјаснуваат толку отворено како Трамп. Но, и германската влада одобри 250 милиони евра вредни експорти во Саудиска Арабија, иако Саудијците учествуваат во војната во Јемен. Француски фирми пак минатата година продадоа воена опрема на Саудијците во вредност од една милијарда евра.
Инвестиции како политичка стратегија
Покрај тоа, Саудиска Арабија ја преструктурира својата економија на начин да биде помалку зависна од нафтата. Околу 90 проценти во буџетот се од нафтената индустрија, како што се и 90 проценти од експортите.
За да се подготви за иднината и да создаде нови работни места за населението, земјата е насочена кон развој на нови индустрии и инфраструктура.
„Тоа се мега проекти тешки милијарди евра”, вели Томас Рихтер од институтот ГИГА во Хамбург. „Германската индустрија секако дека очекува да добие зделки", вели Рихтер за ДВ.
Саудиска Арабија планира и да го надгради државниот фонд ПИФ, кој до 2030 година треба да биде најголемиот на светот. „Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија" веќе сега тежи преку 250 милијарди долари.
„Саудијците играат на картата стратешки инвестиции преку кои си купуваат политичко влијание во западните земји", вели Штефан Рол, кој истражува во Фондацијата Наука и политика за Блискиот и Среден Исток. „Тоа би можеле да бидат клучни компании, но и инвестициски фондови како Блекстоун во САД, во кои Саудиска Арабија веќе има удел од 20-тина милијарди долари.
Во фондот Вижн на јапонскиот концерн Софтбанк Саудијците имаат удели во вредност од 45 милијарди долари, во американскиот концерн Убер околу 3,5 милијарди долари. 5 проценти од компанијата за производство на електрични автомобили Тесла припаѓаат на саудискиот фонд.
Германскиот став спрема парите
Поглед на сопствените бизнис интереси би можел да појасни зошто германските компании се воздржани со откажувањето на нивното учество на инвеститорска конференција во Ријад.
Не би било прв пат бизнис интересите на компаниите да влијаат на германската политика. Сименс штотуку отвори три централи во близина на Каиро како дел од договор тежок 8 милијарди евра
„Политиката на Германија кон Египет од 2014 многу се промени и се наклони кон режимот на Сиси бидејќи Сименс го склучи огромниот договор", вели Рол. "„оа беше најголемиот индивидуален договор во историјата на компанијата."
Затоа ни Рол не очекува дека случајот Кашоги ќе има економски последици за Саудиска Арабија.