1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот се сплотува

Геро Шлис / Превод: Е.М.Фиданоска28 септември 2014

Поради многуте меѓународни конфликти, Генералното собрание на ОН се претвори во гигантски кризен самит. Прашањата на иднината кои притискаат се‘ повеќе не го добија потребното внимание, оценува Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1DMIg
Фотографија: Getty Images/Spencer Platt

Борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД) и епидемијата на ебола, која се шири се‘ повеќе, беа двете најитни теми. Двете добија на драматика за време на одржувањето на заседанието на Генералното собрание, кое поради тоа се претвори во кризен самит. Но, тоа не зборува ништо за соодветноста на ОН како менаџер на кризи. Зашто иницијативата за теми како ИД и еболата енергично ја потегна не тело на ОН, туку американскиот претседател Обама. Оттука, ова Генерално собрание беше повеќе од кога и да е во знакот на Американците.

Одлуката на Обама за воздушни напади во Сирија, која ја катапултираше борбата против ИД во нова фаза, а беше донесена во предвечерјето на Генералното собрание, се покажа како мудар шаховски потег. Со тоа тој му даде свој печат на Генералното собрание уште пред почетокот на неговиот говор и придонесе за нова динамика во процесот на проширување на коалицијата против ИД. На крајот на неделата на ОН, покрај Велика Британија, сега дел од коалицијата се и помали европски држави, како Белгија и Данска.

Меѓународната заедница ја препозна опасноста

Поважно од оваа нова фаланга на соборци меѓутоа е тоа што се промени политичката клима. Меѓународната заедница ги сфати досега невидените размери на терор и насилство како предизвик кому мора да му се спротивстави со заеднички сили. Неки од арапските држави кои досега беа воздржани, сега зазедоа јасни ставови. Дури и Русија гласаше за резолуцијата предложена од американскиот претседател Обама, која е насочена против т.н. „Foreign Fighters“, односно лицата кои се борат на страната на ИД во Ирак и Сирија.

Задачата на германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер - да се избори да биде слушнат гласот на Германија, во вакви услови не беше лесна. Пред се‘ поради фактот што неизреченото очекување на владата на Обама за учество на Германија во воздушните напади го доведе во дефанзива. Германско оружје за курдските борци е можеби голем чекор на германската влада, но тоа е германско гледање на работите. За сојузниците доставувањето оружје е нешто се подразбира само по себе. Тоа и онака е само капка на жежок камен, со оглед на воената динамика на ИД и стотиците илјади Курди кои бегаат во Турција.

Конференција за бегалци во Берлин

Сепак, на крајот на Штајнмајер му успеа да отсвири свој дел во рамки на концертот на сили. Со најавата за меѓународна конференција за бегалци во Берлин, тој ја врати иницијативата и одигра со најсилната германска карта - компетентност за хуманитарна помош. Ваквата компетентност е многу барана и во борбата против еболата. Иако и тука во фокус се Американците, откако Обама одлучи да се испрати воен персонал - 3.000 војници и медицински стручњаци - во погодените африкански земји.

Deutsche Welle Gero Schließ
Геро Шлис, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

За време на заседанието во Њујорк кризата во Украина беше потисната во втор план. Тоа можеби има врска со, рака на срце кршливиот, прекин на огнот, кој придонесе за деескалација на состојбата. Сепак, исправно беше што Штајнмајер искористи подиумот на Генералното собрание на ОН за фронтално да настапи против Русија. Со ретка јасност тој ја обвини за прекршување на меѓународното право. Рускиот министер за надворешни работи Лавров се реваншираше и го обвини Западот дека со воздушните напади против ИД го повредува суверенитетот на Сирија и арогантно, со манири од Студената војна, си го толкува меѓународното право според сопствени потреби.

Западно-источно заедништво

Добра вест е што Русија и Западот сепак се на иста линија кога станува збор за двата централни конфликти. Покрај борбата против ИД, тоа е нуклеарниот конфликт со Иран. За разлика од минатата година, кога иранскиот свежо избран претседател Рохани го изненади Западот со својата офанзива на шарм, сега фронтовите во преговорите се заострени. Тогаш Њујрок беше појдовна точка за преоден договор кој на Иран му донесе олеснувања на економските санкции. Годинава не беше така, а политчкиот професионалец Штајнмајер згреши кога оцени дека двете страни се блиску до договор како никогаш досега.

Точно е дека годишното Генерално собрание на ОН е уникатна платформа за обработување на меѓународните конфликти. Сепак, кризниот менаџмент речиси секогаш ги „заобиколува“ телата на ОН и се води во рамки на други политички формати. Тоа говори дека конечно треба да се почне со неопоходната реформа на Обединетите нации, кои треба да се прилагодат на модерното време. Министерот Штајнмајер укажа на тоа во својот говор, меѓу другото и поради интересот на Германија да добие постојано место во еден нов Совет за безбедност на ОН.

Она на што ниту еден од говорниците не укажа - агендата на Генералното собрание речиси секогаш е под доминација на дневната политика и за долгорочните стратешки дискусии речиси и не останува простор. Овогодинашниот самит за климата на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, е исклучок за пофалба. Но, итните теми на иднината, како растот на светското население, распределбата на ресурси или нуклеарното разоружување, во Њујрок речиси и не беа зафатени.