1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со 20 потписи ќе ја разбива блокадата на парламентот

27 март 2017

„Поднесовме барање од 20 пратеници за избор на претседател на Собранието и тоа може да се одлучи на оваа седница“, рече потпаролот на СДСМ, Шилегов, објаснувајќи дека нема да дозволат натамошно блокирање на парламентот

https://p.dw.com/p/2a3FL
Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

СДСМ преку 20 пратеници побара избор на претседател на Собраниена денешната седница, со цел да ја запре блокадата што ја започна ВМРО-ДПМНЕ преку одолговлекување на работата на Собранието, со реплики и контрареплики меѓу нејзините сопартијаци. За претседател на Законодавниот дом го предлагаат Талат Џафери од ДУИ. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на прес-конференција во Собранието објасни дека го искористиле вториот механизам, по што, работата на Комисијата за избори и именување станува беспредметна.

„Ние како парламентарно мнозинство ќе ја преземеме одговорноста и нема да дозволиме понатамошно блокирање на работата на парламентот. Прашањето кое сега се дискутира е работата на Комисијата, чија функција беше предлагање на претседател на Собранието. Таа веќе е беспредметна како Комисија, затоа што поднесовме барање од 20 пратеници за избор на претседател на Собрание и тоа може да се одлучи денеска, на оваа седница. Барањето веќе е доставено до архивата на Собранието“, рече Шилегов.

Тој потенцираше дека граѓаните се сведоци кој сака да ја продолжи кризатаи кој сака да ја држи во заложништво Република Македонија.

„Реплицирањето сами на себе, е кршење на деловникот, а очајот и стравот кои се гледаат кај Груевски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се премногу очигледни. Парламентарното мнозинство има обврска да не дозволи понатамошно блокирање на демократските процеси. Ако дозволиме ова да продолжи додека Груевски се сонча на плажа и ги шета Мајбах наочарите, Македонија економски ќе колабира. Студентите ќе немаат стипендии, администрацијата ќе нема да има плата, земјоделците нема да имаат субвенции. Уште еднаш апелираме да прекине кршењето на деловникот со реплицирање сами на себе. Должност на парламентарното мнозинство е да ја преземе одговорноста и да избере претседател на Собранието. Во секој друг случај ќе бидеме соучесници во блокирањето на Македонија“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.