1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексуалното насилство - основен ризик за децата

Мирјам Бенеке
7 декември 2019

Четириесетина деца дневно во Германија се изложени на сексуално насилство, иако реалната бројка веројатно е поголема. Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија бара заострени казни за злоставувачите.

https://p.dw.com/p/3UK1w
Symbolbild - Kindesmissbrauch
Фотографија: Imago Images/blickwinkel

Претресот на една куќа во Бергиш Гладбах во октомври годинава покрена цела лавина. Истражните органи преку мобилниот телефон на еден семеен човек пристапиле кон четот на кој кружеле огромен број фотографии и видео снимки со експлицитни сники на сексуално насилство врз деца. Еден дел од 1.800 учесници во четот и самите фотографирале или снимале со камера.

Но, не останале само на размената на фотографии. „Од четот дознавме дека се состанувале и во еден случај еден на друг си носеле деца“, изјави главниот обвинител на градот Келн, Улрих Бремер за телевизијата ВДР: „Тоа е навистина огромна количина материјал кој треба да се обработи.“

Преку 300 обвинители во Северна Рајна Весфалија се`уште 24 часа дневно работат на откривањето на сите траги. По обелоденувањето на случајот во Бергиш Гладбах, следеше апсење на десетина лица. Седум осомничени за сексуално злоставување на своите или посвоени деца потекнуваат од Северна Рајна Вестфалија, еден од Хесен, а еден од Рајнланд Пфалц. Засега е познато дека жртвите, вкупно 21, се на возраст меѓу 11 месеци и 14 години.

Децата не се доволно заштитени

На почетокот од оваа седмица во Берлин првпат се состана Националниот совет против сексуално злоставување на деца и младинци, чија цел е нивна подобра заштита. Советот го сочинуваат преку 40 членови од областа на науката, цивилното општество и политиката, а меѓу нив е и сојузната министерка за семејство, Франциска Гифај, како и независниот ополномоштеник за прашања за сексуално насилство врз деца, Јоханес-Вилхелм Рерих. Советот би требало да ги направи првите чекори до летото 2021. година.

Missbrauchsfälle in Lügde
Случајот со сексуална злоупотреба на деца во Лигд ја потресе Германија Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Kirchner

„Ако го имаме во вид константно големиот број случаи, како и конкретно оние од Штауфен, Лигд или сега Бергиш Гладбах, целосно е јасно дека илјадници деца и младинци во Германија се недоволно заштитени од сексуална злоупотреба. Претпоставуваме дека во секое училишно одделение едно до две деца се злоставувани. Вакви размери веќе не смеат да се толерираат“, изјави Јоханес-Вилхелм Рерих. Според него, сексуалното злоставување е основен ризик во детството во Германија.

Случајот од Штауфен кај Фрајбург во 2017. година предизвика вознемиреност ширум земјата. Една мајка заедно со својот партнер го подведувала својот деветгодишен син на педофили, кои сексуално го злоупотребувале. Малиот град Лигд во Северна Рајна Вестфалија на почетокот на годината осамна на насловните страници на медиумите зашто двајца мажи со години во еден камп злоупотребувале 32 деца. Покраинскиот суд во Детмолд двајцата во септември годинава ги осуди на повеќегодишни казни затвор.

Повеќе: 

Злоставување деца: Не го вртете погледот!

Затвор за родители кои го продавале детето на педофили

Злоставените членови на католичкиот хор од Баварија ќе бидат обесштетени

Дневно во просек во Германија се злоупотребуваат четириесетина деца. Ова се статистички податоци од криминалистичката полиција за 2018. година, кои ги опфаќаат само пријавените случаи. Продукцијата, поседувањето и ширењето детска порнографија во 2017. и во 2018. година пораснале за 14 проценти - на 7.449 случаи.

„На ова поле се потребни поголеми казни. Сторителите мора да бидат свесни дека ако бидат откриени, вистински ќе ги заболи“, изјави министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл вчера.

На Конференцијата на министрите за внатрешни работи која се одржа во Либек, Ројл побара секој случај на злоставување деца да се класифицира како кривично дело, а не само како прекршок. Тоа значи дека најмалата казна ќе изнесува една година затвор. Освен тоа, Херберт Ројл се залага за зголемување на казните за тешки кривични дела на сексуално злоупотребување деца, од пет на десет години, а за поседување детска порнографија- од три на пет години.

47953350
Се бараат поостри казни за злоставувачи на деца и поседување детска порнографијаФотографија: picture-alliance/R. Kremming

Иако промената на Кривичниот законик не е во доменот на министрите за внатрешни работи, сепак Ројл истакнува: „Од Либек би можел да биде упатен сигнал, да се изврши притисок врз сојузната влада со молба за заострување на казните“. Досега тука кочеше Министерството за правда.

На трага на извршителите преку лажни фотографии

На други места доаѓа до придвижување во борбата против сексуална злоуптреба. Заради сузбивање на сексуалните деликти, на истражителите во иднина би требало да им биде овозможено користење компјутерски генерирани слики. Министерката за правда Кристине Ламбрехт во весникот „Велт“ најави соодветни реформи. „На истрагат во иднина треба да и` се овозможи користење комјутерски генерирани снимки ако случајот не може да се реши на поинаков начин“. Имено, пристапот кон одделни портали често е условен со тоа да мора самиот да се поставува некои фотографии или видео снимки на кои се гледа сексуално злоставување деца. Тоа досега им беше забрането на истражните органи на Германија. „Овие комјутерски генерирани снимки се многу слични на вистинските, но никогаш не прикажуваат реални деца“, нагласи министерката.

Многу политичари и криминалисти поддржуваат вакви методи. Досега одбиваат само Зелените. Истрагата против сексуално злоставување деца треба да биде засилена, но против кривични дела не треба да се бориме со кривични дела, истакна правничката Чанан Бајрам од Партијата на зелените. Таа стравува дека со компјутерски генерираните содржини на злоупотреба кои би се користеле за тајни истраги, би се подигнал прагот за влез на илегалните форуми и со тоа би дошло до ескалација.