1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вештачење телефони прошверцувани кај притворени за 27 април

23 март 2018

Дел од притворените преку тие телефони оствариле интензивна комуникација со партиски и други лица, што би можело да обезбеди нови докази во постапката за настаните од 27-ми април, тврдат извори во истрагата

https://p.dw.com/p/2upay
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Одземени биле и дадени на вештачење мобилни телефони  кои во различни периоди биле прошверцувани до дел од притворените за настаните од 27-ми април 2017 година, дознава ДВ од извори во истрагата. Не се знае како мобилните телефони стигнале до притворените, и се очекува тоа дополнително да биде утврдено. Според овие извори, се претпоставува дека најверојатно била искористена можноста да бидат внесени замаскирани меѓу храната што ја носеле членови на нивните семејствата за време на посетите, но не се исклучуваат и други начини.

Станувало збор за најмалку пет-шест телефонски апарати внесени во различни периоди. Сите биле одземени, доставени до надлежните органи и испратени на вештачење. Неофицијално, телефонски апарати биле најдени кај пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, ексначалникот во МВР, Оливер Поповски, член од обезбедувањето на Трајко Вељаноски и други лица.  

Според првичните сознанија, дел од притворените преку тие телефони оствариле интензивна комуникација со партиски и други лица за околностите поради кои се во притвор, што би можело да обезбеди серија дополнителни докази во постапката за настаните од 27-ми април. Во интерес на истрагата засега не се откриваат други детали, освен дека дел од разменетата комуникација покажала дека притворените не го криеле гневот дека се изневерени, и додека тие се во притвор, други спокојно си седат во фотелји.  

Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Од насилниот упад во Собранието на 27. април 2017Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Се чека одлуката на Врховниот суд

Притворот за шесте пратеници од опозициската коалиција беше „математичката“ причина што во континуитет ја наведува претеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради која нема услови партијата во полн капацитет да учествува во работата на Собранието. Дали ќе падне тоа образложение за неучество во работата на парламентот, ќе зависи од одлуката на Врховниот суд кој се очекува денеска да ги објави одлуките за жалбите на повеќе обвинети за настаните од „крвавиот четврток“.

Повеќе: 

Како се бранеа приведените пратеници пред шест месеци

Зекири: Дел од толпата имаше радиостаници и оружје

Врховниот суд пред три дена одржа јавна седница за жалбите поднесени на решенијата на Апелацискиот суд. Адвокатите на обвинетите укажаа дека решенијата на Апелацискиот суд се паушални и недоволно образложени, дека нема основа за влијание на обвинетите врз сведоци со оглед дека истрагата за настаните е завршена, и дека нема основи за бегство бидејќи обвинетите се заинтересирани да се открие фактичката состојба за настаните од 27-ми април. За пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски одбраната бара укинување на мерката притвор, а за пратеникот Љупчо Димовски укинување на мерката куќен притвор и изрекување мерки на претпазливост. На крајот на јануари, на пратеничката Жаклина Пешевска првично изречената мерка куќен притвор ѝ беше заменета со мерки за претпазливост - одземање на патната исправа и обврска да се јавува на овластено службено лице во судот. Кон крајот на февруари на пратеникот Љубен Арнаудов првичната мерка затворски притвор му беше заменета со куќен притвор и со одземање на патни исправи. Првичната мерка куќен притвор остана за Јохан Тарчуловски.

Во притвор повеќе од три месеци

На шесте опозициски пратеници, на 1-ви декември 2017 година Собранието им го одзеде имунитетот по барање на Кривичниот суд, поради нивно учество во насилните настани во Собранието на 27-ми април. На 5-ти декември Судот за тројца пратеници изрече мерка затворски притвор, а за тројца - куќен. Шесте пратеници на снимки од видео-надзорот во парламентот фигурираат во различни активности - дел учествуваат во отворањето на вратите на законодавниот дом за внатре да влезат демонстранти, други ги насочуваат во која насока да се движат. Пратениците се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со насилството во Собранието. Од сите 36 обвинети, за полицијата сѐ уште се недостапни Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски Кољо кои се во бегство, за кои судот исто така определи мерка притвор.