1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се зголемува опасноста од нуклеарни несреќи во Европа

Геро Рутер / Елизабета М. Фиданоска9 март 2014

Нуклеарните централи во Европа се стари во просек по 29 години. „Гринпис“ во една своја студија предупредува на опасностите од старите централи и бара итни мерки за заштита на населението.

https://p.dw.com/p/1BLDB
Фотографија: Philip Reynaers/Greenpeace

Опасноста од голема нуклеарна несреќа во Европа се зголемува. Во моментов, во ЕУ, Швајцарија и Украина работат 151 атомски централи, од кои 66 реактори се постари од 30 години, а 25 реактори се стари дури над 35 години.

„Кога ќе се земе предвид дека реакторите најчесто се направени за работа во период од само 30 години, тие веќе си го надминале животниот век“, предупредува Тобијас Ридел, експерт на „Гринпис“ за нуклеарна енергија.

Студијата од 146 странци, направена по барање на „Гринпис“, констатира дека опасноста од несреќи се зголемува поради повеќе причини. Во многу земји атомските централи во иднина треба да работат значително подолго од предвиденото, со тоа што ќе треба да произведуваат повеќе струја. Зголемувањето на производството значи и поголемо оптоварување за централите, а заедно со нивното стареење се зголемува потенцијалната закана по безбедноста.

Старите централи се особено ризични

Проблемите на старите централи, според оценката на експертите, се состојат во физичкото стареење на компонентите, системите и градбата, а од друга страна тука е и застарената техничка и концептуална конструкција. Порано имало пониски критериуми во однос на безбедноста на централите отколку денес. Старите атомски централи се често полошо опремени против поплави, земјотреси или уривања на авиони, објаснува експертот Симоне Мор од Еко-институтот во Дармштат, која е еден од авторите на студијата. „Сите наведени аспекти водат до големо намалување на безбедносното ниво на старите реактори во Европа.“

Greenpeace Beznau Atomkraftwerk
Активисти на Гринпис во знак на протест влегуваат во централата Бецнау во Швајцарија, која е една од најстарите во светотФотографија: Greenpeace/Ex-Press/Michael Würtenberg

Според проценките на Микле Шнајдер, издавач на годишниот извештај „World Nuclear Industry Status Report“, постои уште еден дополнителен ризик. Шнајдер тоа го нарекува - дупка во компетентноста. Имено, ЕДФ како најголема фирма управувач со атомски централи во светот, „за пет години ќе мора да замени половина од персоналот во централите“, со што ќе се загуби важна стручност во централите, вели Шнајдер, додавајќи дека тоа во случај на криза е проблем.

Кој да гарантира?

Според „Гринпис“, ниту фирмите кои управуваат со централите, ни политиката и органите за надзор на централите не реагираат на растечките опасности. Експертите бараат гаранцијата за работењето на централите да паѓа исклучиво врз грбот на фирмите кои управуваат со нив и на лиферантите, а не ризикот да го носат и натаму државата и даночните обврзници.

На тој начин, од една страна, би се намалиле вештачките предности во борбата за конкуренција, а од друга страна би се создале економски поттици за фирмите кои управуваат со централите да го намалат ризикот од атомска несреќа. Обврската за поголема гаранција „не само што би им била од полза на жртвите од евентуална несреќа, туку таа би имала и важно превентивно дејство“, оценуваат експертите.

Greenpeace Brüssel Atomkraftwerk
Фотографија: Philip Reynaers/Greenpeace

Со оглед на растечките ризици, „Гринпис“ изразува загриженост и бара итно преземање мерки. Покрај брзото откажување од атомска енергија и премин кон обновливи енергии, се бара и итно исклучување на атомските реактори кои се постари од периодот на работа за кој се предвидени. Освен тоа, „Гринпис“ бара „целосна транспарентност и учество на јавноста во процесите на одлучување“.