1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задолжителна вакцинација против ковид – последно средство

ЖА
7 декември 2021

За да се стави под контрола пандемијата на коронавирус, во европските земји засилено се дискутира околу задолжителна вакцинација. СЗО со јасен став за темата.

https://p.dw.com/p/43wGN
Neue Corona-Welle in Deutschland
Фотографија: Martin Meissner/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Мерките за задолжителна вакцинација се „апсолутно последно средство и треба да се применуваат тогаш кога ќе бидат исцрпени сите други можни опции за подобрување на вакциналната кампања“, изјави Ханс Клуге, регионален директор за Европа на Светската здравствена организација на онлајн прес конференција во Копенхаген. Клуге се осврна и на најновата Омикрон варијанта на коронавирусот, истакнувајќи дека уште не се знае колку е таа заразна и опасна. До вчера, 6 декември, се регистрирани 423 случаи на Омикрон во 21 членка на СЗО. 

Клуге повика и на подобра заштита на децата од ковид, оние во старосната група од 5 до 14 години засега се најпогодени од инфекцијата.

Во  Австрија,  со оглед на рапидно растечкиот број на новоинфицирани во изминатите месеци, од февруари треба да важи општа обврска за вакцинирање против корона. Според медиумски извештаи, невакцинираните ќе се соочат со казна од 600 евра на секои три месеци, а на удар ќе бидат сите над 14 години. Исклучок важи за помладите, за бремени жени, луѓе со лекарска потврда дека не смеат да се вакцинираат, како и оние со потврда дека во изминатите шест месеци ја прележале инфекцијата.

Од вкупно девет милиони жители, во Австрија досега со две дози се  вакцинирани 68 проценти.

Зголемувањето на потврдените случаи на зараза моментно и во Германија ја разгореа дебатата околу задолжителна имунизација против Ковид-19. Идниот германски канцелар Олаф Шолц неодамна најави дека владината коалиција наскоро ќе покрене постапка за донесување закон за обврзно вакцинирање  против корона, а секој пратеник во Бундестагот треба да се изјасни ослободен од „партиски диктат“, според својата совест.

Во  Германија,  според податоците доставени до Институтот „Роберт Кох", комплетно вакцинирани против ковид се 69 проценти од населението.

На иницијатива на новата владина коалиција, во германскиот Бундестаг од денеска се води дебата околу мерките за сузбивање на пандемијата,  вклучувајќи ја и од неодамна планираната  задолжителна имунизација  за одредени категории  вработени,  како персоналот во старечките и домовите за нега на лица. Според законскиот предлог, тие до 15 март треба да приложат доказ дали се вакцинирани или ја прележале инфекцијата или пак не можат да се вакцинираат од здравствени причини. Измените во Законот за инфективна заштита треба да бидат донесени в петок во Бундестагот и потврдени во Бундесратот.

Во  Франција,  Италија, Велика  Британија и  Грција  веќе постои задолжителна вакцинација за вработените во здравството.