1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Силиври- мал град за „непријателите“ на Ердоган

Кристијан Буткерајт
26 мај 2017

Затворот Силиври е граден за 13 илјади затвореници, но со оглед на актуелната политика во Турција- тој е преполн. Затоа веќе се градат нови, слични на него- дури 179.

https://p.dw.com/p/2dbRT
Türkei Silivri Gefängnis Gelände
Фотографија: Getty Images/AFP/M.Ozer

Седумдесетина километри западно од Истанбул се наоѓа градчето Силиври на брегот на Мраморното Море. Затоа во него има многу викендички и апартмани на побогатите жители на најголемиот турски град, но од 2008 година таму може лесно да се дојде и против своја волја. Бидејќи, таа година е отворен нов, голем затвор со највисок степен на безбедност. Сместен е во заднината на градот, околу еден километар од брегот и од воздух т.н. „камп“ личи како некоја премногу збиена новоизградена населба. Блоковите од бели згради со иста големина и црвени покриви се опкружени, ако подобро се погледне, со високи ѕидови и асфалтирани патеки за патролирање околу областа која е голема колку 200 фудбалски игралишта.

Во областа има 20 одвоени затворенички комплекси, меѓу кои и за жени, затворска болница, а во затворот има и повеќе судници. Надвор од ѕидовите и оградите е изграден станбен комплекс со околу 500 службени станови за чуварите и другите вработени во затворот.

Silivri Gefängnis Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ministry of Justice Prisons Dire

Лесно се доаѓа, тешко се излегува

Неговата изградба, секако, ја поттикна владата на партијата на Ердоган АКП и од отворањето се смета за најголем во Европа. Веќе и помислата да се изгради толку голем затвор за опозицискиот лидер Кемал Киличдароглу од ЦХП упатува на очигледни амбиции на владејачките структури во Турција: „Тоа е како концентрационен логор во 21 век. Да се биде опозиција во денешна Турција значи дека лесно ќе завршите во тој логор во Силиври.“

По обидот за воен удар во летото минатата година во Силиври навистина се доаѓа и повеќе од лесно, така што и овој голем затвор е веќе преполн. Во прв ред таму се сместуваат т.н. „осомничени за тероризам“- што и да значи тоа во Ердоганова Турција. Тука се наоѓаат и сите лица кои се обвинети оти се следбеници на движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, за кого Ердоган смета дека стои зад обидот за државен удар.

Комплексот е херметички затворен и е опремен со најсовремена опрема за набљудување. Многу новинари знаат како тој изгледа одвнатре- но само затоа што се и самите затворени и сега седат во неговите келии. „Нормалните“ новинари едвај и да можеа да ѕирнат во него и редок исклучок е новинарката од турската телевизија која по ставовите е блиска со режимот на Ердоган.

Türkei Gefängnis Silivri
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Guzel

Политичари, новинари, угледни...

Секако дека и нејзината репортажа излезе речиси како реклама за овој мега-затвор. И директорот на затворот, Али Демирташ, се фали со редот и дисциплината кои владеат во него: „Затворениците се тука сместени во келии за три лица или во самици. Самиците се по правило за затвореници кои се осудени на доживотен затвор под строг режим.“

Deutschland lit.Cologne Veranstaltung Verfolgung in der Türkei
Џан Дундар, поранешниот главен и одговорен уредник на „Џумхуриет“Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Galuschka

Наводно има 38 самици и еден од најпознатите жители беше и поранешниот главен уредник на критичкиот весник „Џумхуриет“, Џан Дундар. Од крајот на 2015 година тој мина 3 месеци во истражниот затвор во Силиври. Дундар овој затвор го нарече „интернациски логор за противниците на Ердоган“ и го опиша животот во самицата од која не било можно воопшто да се видат другите затвореници. Вели дека можеби можел нешто да викне во ходникот, но од малиот заден двор од келијата, т.н. врата можел да го види само небото. Во Силиври има и други угледни новинари како што се Ахмет Пик или дописникот на германскиот весник „Велт“, Дениз Јуџел.

Во репортажата на новинарката од послушната турска телевизија, службениците ја опишуваат и можноста за посета. Во истражниот оддел со највисока безбедност, т.н. Блок Ф, посетите се строго ограничени и се можни само во присуство на чувар. Но во „нормалниот“ оддел, т.н. Блок Л, на чие чело е Рамиз Атиг, сѐ звучи како вистински одмор: „Осудениците можат да се сретнат со роднините до трето колено. Трипати месечно имаат право на т.н. затворена средба и една на директен контакт. Тука гледаме една затворена средба: помеѓу посетителот и затворникот има стакло кое не пропушта звук, разговараат преку телефон. Времето за посета варира меѓу половина и најмногу еден час.“

Türkei Gefängnis Silivri
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Guzel

Во секој случај, во Силиври сега има повеќе посетители од порано. Ним веќе не им е важно ни сонцето ниту убавото време, бидејќи тоа не се туристи, туку очајни роднини и адвокати на затворениците. А „осомничените за тероризам“ и натаму масовно се апсат, така што треба да се мисли за иднината. Затоа Ердоган масовно гради или планира нови затвори. За многумина токму комплексот Силиври е пример, а тој набрзо можеби веќе нема да биде најголем. Бидејќи, во Турција се градат дури 179 нови затвори.