Синдикатите разбудени, но поделени
1 мај 2018Битката за работничките права во Македонија се враќа на сцената. По повеќегодишна пасивност, синдикализмот конечно добива на активност. Синдикатите се разбудија, мобилизираа и го кренаа гласот за посветла иднина на работниците. За првпат по повеќе години сите синдикални организации демонстрираат гласност, но не и единство. Меѓународниот ден на трудот ги извади на улица на протести, но не на заеднички, туку одвоени. Ваквите состојби, според дел од упатените, не се изненадување со оглед на сѐ она што се случуваше во делот на синдикализмот во изминатите години:
„Поделен синдикат е полошо отколку да го немаш. За актуелните состојби и поделеноста одговорот треба да се бара исклучиво кај Сојузот на синдикатите на Македонија и суетите кај синдикалните лидери. ССМ секогаш сметал дека тој е главниот и водечки синдикат и дека другите се мали и занемарливи и не подава рака за единство. Но тоа не беше случај и во минатото. Но се заборава дека кога е разделен, синдикатот е подложен на манипулирање. Ако имате повеќе синдикати не чини, затоа што се урива не само единството, туку и шпицот на ударот. Без разлика дали тој е насочен кон работодавачите или власта“, предупредува поранешниот претседател на ССМ Ванчо Муратовски.
Во вакви услови, според Муратовски, и не чуди што синдикализмот е длабоко поделен по сите основи:
„ССМ е бледа сенка на она што беше во минатото. До кои гранки падна Сојузот доволно зборуваат фактите дека членството од некогашните 358.000 падна на мизерни 48.000. И тоа од 2002 година наваму. Проблемот е во суетите и едни исти луѓе кои 20 години не направиле ништо, а сега само со промена на претседател сакаат нешто да сменат. Така не може".
Повеќе: Коледе во зградата на Синдикатот
Фактот дека синдикатите се разбудија и стануваат гласни, според Муратовски, е за поздравување, но за позначајни промени потребни се длабоки структурни реформи:
„Излезот во синдикализмот е работниците да ги сменат сите од ССМ. Не можеш да го менуваш само првиот човек, а другите внатре во структурата да остануваат по 20, 25 години и да не прават ништо. Не можеш со нив сега да го менуваш синдикатот и да ги убедиш работниците дека е добро да членуваат во него. Не му веруваат веќе на ССМ. А другите синдикати пак се премногу мали и проблемот е што работниците кон нив гледаат со задршка и немаат доверба. Исто како односот и кон малите политички партии. Но треба свеста да се менува, дека и од мало може да се направи големо. Но за тоа треба да се има харизма, храброст и одлучност“, коментира Муратовски.
Проблемите во синдикатите, според дел од упатените, влечат корени уште од минатото, кога синдикализмот од предводник на работниците се претвори во приврзок на власта. Ваквата состојба, според активистите, директно кумуваше на процесот на разединување на синдикалното движење кое драматично загуби на моќта:
„Мал број се искрените синдикалци за кои навистина работничките права не се празна флоскула. Голем дел од синдикалците се фактички фотелјаши кои се интересираат само за синдикалните привилегии и парите од работничките плати. Дефинитивно за силно синдикално движење е потребна темелна реконструкција на синдикатите“, смета Здравко Савески, член на „Левица“ и активист за работнички права.
Тоа што синдикатите на Денот на трудот се на улица. според Савески. е добар сигнал, иако патот до истата цел е различен. Сепак. предупредува дека без единство нема да има успех во битката за унапредување на работничките права:
„Дел од поделеноста е поради тоа што има одреден број синдикалци кои ќе излезат да протестираат, но за кои сето ова ќе биде само дефиле и себепромоција. Важно е единството, без тоа е невозможно да се унапредат работничките права, но уште поважно во Македонија е реконструкција на синдикатите. А за таа реконструкција вистински да се случи треба и работниците да не бидат пасивни и да дозволуваат на чело на синдикатите во кои членуваат да бидат луѓе кои се на функции, а немаат буквално ништо сработено. Само така промените ќе бидат ефикасни“, предупредува Савески.
За промени гласно се залагаат и новинарите и медиумските работници. И во оваа фела постојат низа проблеми и предизвици кои допрва треба да се решаваат:
„Денеска не е ден на свечени седници и празни изјави и ветувања, денеска е ден за улица. Во 19. век работниците беа убивани за да се изборат за осумчасовно работно време. Во изминативе години дел од синдикатите во Македонија кои се осмелуваа јавно да проговорат за тоа што се случува беа исмевани, игнорирани, шиканирани, ама сепак за Први мај излегуваа на улица. Денес традицијата нѐ обврзува, а стварноста ни налага да не се правиме наудрени - состојбата со работните права е еднакво алармантна и продолжува во надолна линија. Слушнавме многу ветувања, ама промени не видовме. Синдикатите се силни онолку колку членовите им се силни“, се вели во прогласот на Самостојниот синдикат на новинарите.
Повеќе: Синдикатот во прангите на власта
Сојузот на синдикати е основата на синдикализмот во Македонија кој годинава одбележува 110 години постоење. Промената на системот донесе и промени во синдикализмот, кој низ периодот на транзицијата јакнеше, но и слабееше. Најголемиот цех од ваквите состојби го платија работниците кои повеќе од две децении бијат иста битка - како да добијат пристојни плати, подобар закон за работни односи, помала дискриминација, колективни договори, укинување на работата на црно. Факт е дека низ годините сите досегашни влади фаворизираа одреден синдикат и не дозволуваа да профункционираат други синдикати. За разлика од нив, актуелната влада уште од почетокот на својот мандат дозволи слободно синдикално здружување со тоа што ја деблокира можноста за регистрација на нови синдикати.