1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопјани стравуваат од „транзициските згради“

26 јули 2011

26 јули секоја година ги враќа сеќавањата на страшното утро, кога природата го разурна Скопје. Денес Скопјани се плашат дека нов потрес би имал катастрофални последици со оглед на хаосот во транзицискиот урбанизам.

https://p.dw.com/p/123Y8
СкопјеФотографија: DW

Скопјани се сеќаваат на катастрофата од пред 48 години и се надеваат дека природата нема повторно да ги стави на такво искушение. Се сомневаат во квалитетот на новите градби, но се тешат со прогнозите на сеизмолозите дека разорен земјотрес не се очекува - наспроти фактот дека земјата лежи на трусно подрачје.

Транзициски хаос во градежништвото

Flash-Galerie Erdbeben Skopje Mazedonien 1963
Уништената зграда на главната железничка станица во Скопје по земјотресот во 1963 годинаФотографија: AP

Денес да се купи стан во Македонија е лотарија. За луѓето е најважно да добијат имотен лист. Дали се запазени стандардите за градба што се однесуваат на статиката и отпорноста од земјотреси нема начин да се провери. Во претходниот систем се контролираше секоја градба пред да биде пуштена во употреба. Транзицијата донесе хаос во урбанистичката сфера, од кој Македонија се’ уште не може да излезе.

Ниту една институција не може да одговори колку и кои од новите градби се израдени согласно стандардите. Група професори од Градежниот факултет промовираа лесно пренослив систем за мерење на вибрациите на веќе изградените објекти. Недостигот на контрола од страна на државата може да се надомести со задолжително мерење на сите објекти со овој систем. „Без мерење тешко е да се каже. Имаме и добри објекти, но и полошо градени објекти“, вели Горан Марковски, професор на скопскиот Градежен факултет.

A seismograph based in the Earthquake Institute in Macedonia's capital Skopje shows the magnitued of a strong quake on Tuesday, Feb. 24, 2004. The quake with a magnitude of 5 frightened many of the capital's inhabitants on Tuesday, but there are no reports of injuries or damage. (AP Photo/Boris Grdanoski)
Сеизмограф во Институтот за сеизмологија во СкопјеФотографија: AP

Оваа генерација не треба да стравува

Експертите сметаат дека градежните конструктори треба да бидат вклучени во процесот на градење од самиот почеток уште во фазата на планирање. Во случај на земјотрес стручните лица предвидуваат дека во Скопје најголеми оштетувања би имале реоните кои најмногу настрадале и пред 48 години. Но, оваа генерација Скопјани не треба да стравува од толку силен потрес, смируваат сеизмолозите. Повратен период на земјотрес како скопскиот во 1963 година е 500 години, објаснуваат научниците.

Градежништво во Македонија во периодот на транзиција беше подложно на бројни кризи. Поголемите градежни компании се опоравија и сега работат добро, но последиците од хаосот во овој сектор и градбите на урбанистичката мафија се видливи во речиси секоја скопска населба.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски