Словенците на референдум за правата на хомосексуалците
25 март 2012Измените на законот кој регулира семејни прашања минаа во парламентот во Љубљана во јуни 2011 година. Според предвиденото, истополните партнерства би требало да добијат еднаков правен статус како хетеросексуалните бракови, но отстапки има во правото на адопција на деца. Со законот, имено, на хомосексуалците им се овозможува да посвојуваат деца, но само од нивните партнери, а не и од трети лица.
Освен тоа, во законот поимот семејство веќе не се дефинира како институција татко-мајка-дете. На одржување референдум околу измените на законот инсистираа конзервативците, кои имаат поддршка и од црквата. На гласање се повикани 1,7 милиони граѓани со право на глас, а изборните места се отворени до 19 часот.
Во Љубљана денеска се одржува и избор на градоначалник. Како фаворит важи поранешниот прв човек на градот Зоран Јанковиќ. Милионерот Јанковиќ се повлече од функцијата во декември, откако на предвремените парламентарни избори победи неговата централно-левичарска партија Позитивна Словенија. На Јанковиќ, сепак, не му успеа да состави влада.