Смртоносен воздух во Европа
8 септември 2020Годишно, повеќе од 400.000 луѓе во Европската унија умираат од последици од загадувањето на воздухот. До ваков заклучок доаѓа извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во Копенхаген. За извештајот се анализирани податоци во врска со влијанието на животната средина врз здравјето и благосостојбата на Европејците. Според него, загадувањето на воздухот во Европа и натаму претставува најголема опасност за здравјето на луѓето која произлегува од животната средина.
Агенцијата, меѓутоа, става и јасно до знаење дека во изминатите 30 години состојбата се подобрувала. Во 1990 година бројот на жртви од загадување на воздухот изнесувал еден милион.
Луѓето го губат здравјето и поради други загадувања на околината. На второ место, според ЕЕА, е бучавата, која довела до предвремена смрт во 12.000 случаи. И промените на климата играат се’ поголема улога, како топлотните бранови и поплавите. Особено погодени од промените на климата се луѓето во градовите, вели Кетрин Ганцлебен од ЕЕА.
Други фактори кои ги набројува агенцијата се хемиски соединенија, резистентности при одредени болести кои се должат на преголема употреба на антибиотици, како и загадување на водата за пиење. Она што особено паѓа в очи се и разликите помеѓу државите од источна и западна Европа. Во многу источноевропски земји стапката на предвремена смрт поради еколошки фактори е многу повисока отколку во западна Европа.
Повеќе:
Балкан: Најлошиот воздух во светот
Загадувањето им го дига притисокот и на институциите и на граѓаните
Истражувањата се потпираат врз податоци на Светската здравствена организација за причините за болести и смрт од 2012 година. Според нив, околу 13% од годишните смртни случаи во ЕУ - околу 630.000 предвреме починати луѓе - се должат на фактори од животната средина, што значи можеле да се избегнат.