1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртта на Трајковски загуба и за целиот регион и за меѓународната заедница

26 февруари 2004

-Реакции од македонското пошироко балканско соседство

https://p.dw.com/p/AcPe
Бугарскиот претседател Георги Прванов рече дека "Македонија загуби човек, кој беше олицетворение на единството на државата, кој до последниот ден работеше за нејзино стабилизирање и развој, за приближување кон евроатлантските структури". Телеграми со сочувства испратија и премиерот Симеон Сакскобургготски, претседателот на бугарското собрание Огнен Герџиков и претседателот на Сојузот на демократските сили Надежда Михајлова.

Турскиот претседател Ахмет Неџет Сезер зборува за "голема загуба, како за Македонија, исто така и за меѓународната заедница". Телеграма испрати и премиерот Реџеп Таип Ердоган во која вели дека "ценетиот лидер Трајковски...беше целосно посветен на среќата и просперитетот на Македонија".

Грчкиот министер за надворешни работи Тасос Јаницис во телеграма изрази сочувство до, како што е наведено, "пријателскиот народ на нашата соседна земја и семејствата на загинатите".

Претседателот на Албанија Алфред Мојсиу нагласи дека "македонските соседи денеска загубија сојузник во напорите за воспоставување на добри и јасни односи во регионот". Мојсиу вели дека "благодарение на претседателот Трајковски минатата година дипломатските односи меѓу двете земји биле на повисок степен".

Горан Свилановиќ, министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора, оцени дека Трајковски извршувал должност во тежок период и оти дал огромен придонес за стабилноста во регионот. Српскиот премиер Зоран Живковиќ во телеграмата со сочувство вели дека смртта на Трајковски е "загуба и за Србија и за сите балкански земји бидејќи загубивме голем пријател и искрен партнер во изградбата на стабилен регион и остварувањето на европските интеграции како заедничка цел".

"Многу ме потресе веста за смртта на македонскиот претседател Борис Трајковски, кој беше многу добар пријател на Словенија и кого лично го ценев", изјави претседателот на Словенија Јанез Дрновшек. Шефот на словенечката дипломатија Димитриј Рупел, кој пред само неколку денови имше средба со загинатиот македонски претседател, изјави дека Трајковски бил "најсилен елелемент на стабилноста на Македонија" и оти загубата силно ќе се почувствува.

Смртта на Трајковски е "голем шок за сите нас", рече романскиот премиер Адријан Настасе. "Претседателот на Македонија својот живот го посвети на вредностите на демократијата, зацврстувањето на мирот во својата земја и изградбата на здрави основи за присоединување кон НАТО и ЕУ" - истакна Настасе.

Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина Педи Ешдаун го потенцира големиот придонес на Трајковски во изградбата на мирот во Македонија и во нејзиното приближување кон европските институции. Во Босна и Херцеговина утре ќе биде прогласен Ден на жалост и се откажани сите културни и забавни манифестации. Во Мостар тоа важи и за сите манифестации предвидени за денеска навечер. Но, Конференцијата за инвестиции, на која требаше да учествува трагично починатиот македонски претседател, сепак продолжува, иако своето доаѓање поради лошото време го откажаа повеќемина високи по ранг учесници од земјите на некогашна Југославија.