Собранието се распушти, СДСМ најави бојкот на изборите
6 април 2016
Собранието вечерва се самораспушти, откако спикерот Трајко Вељаноски констатираше дека мандатот на пратениците завршил. Неговиот говор со аплауз го поздравија пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои единствени присуствуваа на седницата.
Со оваа одлука на Собранието, се очекува изборите да се одржат на 5 јуни согласно претходниот договор, а Вељаноски најави дека одлуката за распишување на изборите најверојатно ќе ја пролонгира до 15 април со цел да и остави простор на ДИК да ја заврши проверката на избирачкиот список.
И покрај барањето на опозицијата, Собранието не расправаше за оставките на министрите и замениците од СДСМ кои попладнето поднесоа оставки на функциите.
Заев: Без слободни избори нема слобода
Веднаш по распуштањето на Собранието прес-конференција одржа лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој најави дека неговата партија нема да учествува на изборите на 5 јуни.
„Во име на принципите и демократијата СДСМ нема да учествува на овие лажни избори.
ВМРО-ДПМНЕ одби да го испочитува Договорот од Пржино со цел да продолжат со криминал и корупција и да го продолжат своето лично богатење“.
„Без слободни избори нема слобода“, рече Заев.
Тој најави дека неговата партија ќе продолжи да се бори за слободни и демократски избори и го обвини експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски дека постојано „го рушел договорот од Пржино“.
Чист медиумски список, регулација на медиумите и одвојување на партијата од државата, се трите принципи за кои се залага СДСМ, и без нивно исполнување нема да излезе на избори. Заев одби да оцени дали Договорот од Пржино е мртов, но рече дека она што било договорено во него не се почитувало.
Министрите на СДСМ кои денеска (06.04) поднесоа оставки понатаму нема да учествуваат во работата на владата која планира да организира „криминални избори“, вели Заев.
Лидерот на СДСМ ги повика сите граѓани заеднички да застанат во одбрана на демократијата.
„Во име на граѓаните ми порачувам на Груевски и неговите сателити: нема да го згаснете светлото на слободата и демократијата. Или Груевски или Македонија“, рече Заев.