Социјалните мрежи како „виртуелни ординации“
1 април 2021Северна Македонија повеќе од една година се соочува со еден од најголемите здравствени предизвици – пандемијата на опасниот Ковид-19, голгота на која се уште не и се наѕира крајот. Мноштвото на информации, предупредувања, опасности од вирусот и неговите мутации, случувањата од болничките соби коишто се прераскажуваат од страна на оние коишто ја пребродиле болеста, испреплетени со болката на семејствата коишто прерано ги изгубиле своите најблиски, како и очекувањата да пристигнат вакцините како последна надеж, проследени со стравувања од можните компликации од одредени вакцини – навлегоа буквално во секоја пора од секојдневието на граѓаните, кои на секој начин бараат спас од мистериозната болест којашто им го „киднапираше“ животот. Притиснати од здравствените препораки за социјална дистанца, во услови на широко распространет вирус, многумина се свртеа кон социјалните мрежи, кои прераснаа во „виртуелни ординации“.Во услови на пренатрупан здравствен систем, во специјализирани групи за Ковид-19 се почесто се вклучуваат бројни здравствени работници и професори, кои на граѓаните им нудат стручен совет.
Место за дружба и совети
„Се создаде еден виртуелен свет на социјални контакти, место за дружба. Колку и да е неприфатливо од стручен и етички аспект медицински совети да се даваат на далечина, многумина од нас докторите се обидуваме да излеземе во пресрет на многумина граѓани, секој од нас во рамките на својата експертиза. Ама не само тоа. На луѓето им треба и топол збор на поддршка, подадена рака... За полесно да им биде. И за да не се чувствуваат осамени и напуштени“, вели професорот по епидемиологија, д-р Драган Даниловски за ДВ. Тој заедно со уште неколкумина негови колеги неуморно одговара на бројните прашања на загрижените граѓани. Му праќаат приватни пораки, му поставуваат јавни прашања во ковид-групите, бараат мислење за поединечни случаи, се распрашуваат за лекување на роднини и пријатели.
-повеќе на темата: Нов полициски час: Рестрикциите поради Ковид-19 се нужно зло, вели доктор Даниловски
„Колку време по позитивен тест сме заразни за околината? По колку време од прележан ковид може да се прими вакцина? Како да се излечи бронхопневмонија, помагајте? Каква е постапката за дарување ковалесцентна плазма?“...Ова се само еден мал дел од стотиците прашања коишто секојдневно се споделуваат на социјалните мрежи на специјализирани групи за Ковид -19. По почетокот на имунизацијата во С. Македонија и информациите за можни компликации со вакцината на„АстраЗенека“ за лица под 60 години, се поголем е бројот на загрижени граѓани кои што бараат совет – дали да се вакцинираат и дали да ги вакцинираат своите родители. „Какви се искуствата во другите земји со вакцината на „АстраЗенека“ за млади лица? Како се чувствувате сите што ја примивте вакцината на АстраЗенка во Србија?, прашуваат граѓаните во „виртуелната ординација“ на Фејсбук.
Предизвик
Фармацевти, медицински сестри, лекари, професори, но и граѓани повикувајќи се на сопствено искуство и „народни“ лекови нудат одговор, помош, совет...Се споделуваат рецепти, препораки за лекови, чаеви, здрава исхрана...
„Не сме се договарале претходно меѓусебно. Едноставно, спонтано – секој колку што му дозволува времето – го прифативме предизвикот. Десетици дневно се обраќаат и со приватни пораки... Едвај се наоѓа време да се отспие некој саат. Знам дека исто си поминуваат и моите колеги Никола, Нико, Љиљана, Ненад, Ана... и многу други (нека не замерат што не можам сите да ги спомнам, ама јавноста ги знае). Нема назад“, вели професор Даниловски.
Тој оценува дека луѓето се очајни, одделени од своите најблиски во болниците или во изолација дома. „Во моменти на егзистенцијална опасност, ние инстинктивно посакуваме да бидеме до семејството и пријателите, но сега, секој физички контакт, секој израз на љубезност и сочувство може да донесе некому болест и смрт. Ама дали е тоа баш така?“, прашува Даниловски.
Социјализација во време на дистанца
Младата актерка Владанка Димковска неодамна се обрати за совет во една од групите на социјалните мрежи, за проблеми кои и се појавиле по прележувањето на Ковид-19. Советите во групата вели дека и помогнале. „Ваквите групи се многу битни во време на пандемија. Граѓаните најпрво се обраќаат кај медицинските лица за помош кои од моето искуство, секогаш излегуваат во пресрет. Но, советите на социјалните мрежи повеќе сметам дека се еден вид на социјализација во време на тотална дистанца и придонесуваат кон некаков вид на зближување. Но, во исто време сметам дека можат да бидат и многу опасни. Не смеат да се земат здраво за готово сите препораки и совети коишто се посочуваат таму. Се треба да се врши под надзор и контрола на лекар“, вели Димковска, која посочува дека сепак применила некои од советите, коишто се однесуваат на здравата исхрана за зајакнување на имунитетот.
Двојна улога
Микробиологот Никола Пановски смета дека социјалните мрежи имаат двојна улога во пандемијата. „Извонредно штетна, и многу корисна. Штетата доаѓа од лажните вести или од некои експерти кои во оваа состојба сакаат да станат славни, па одат во екстреми во конфронтација со СЗО, со што добиваат шанса веднаш да бидат промовирани, нивните видеа имаат милиони прегледи, скоро секогаш преведени на српски или хрватски јазик, со задолжителното „шири понатака“. Тие потоа се „стручно дополнение“ на заговорот кој му се случува на човештвото. За ова е крива и СЗО, и погрешните и нелогични потези во справување со оваа пандемија. Мојот мотив го наоѓам во разобличување на овие штеточини, срам за човечкиот род, но и во критики на некои мерки кои се донесуваат во светот и кај нас, кои за секој независен и самостоен експерт немаат никаква оправданост“, вели професор Пановски во изјава за ДВ.
-повеќе на темата: Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа
Групите за ковид смета дека се покажале како многу корисни. „Досега сум одговорил на илјадници прашања на паталци или гаталци. Кога ви се обраќа лице само во изолација, уплашено за себе или за своите блиски, пораките можат да значат охрабрување, дека ќе помине, дека треба трпение“, вели професорот. Изминатиов период се присетува дека прочитал над илјада лабораториски наоди. Едноставно вели дека се нашол себе си во состојба каде би можел да биде од корист. „Мојата мисија на овој свет пред се ја сфаќам како едукатор, на тоа сум ја посветил својата кариера, а сега преку медиумите и социјалните мрежи тоа го остварувам, колку што ми дозволуваат силите“. Тоа го прават и уште неколку професори, доктори, но и многу лица кои се соочиле со болеста, ја минале лесно или потешко и нивните искуства се драгоцени.
Херои во време на пандемија
Пановски смета дека успеал колку толку да ја намали паниката кај народот, да им објасни дека некои работи се непотребни и штетни: носење ракавици, дезинфекција на производите и облеката, носење маска вон урбани средина на отворено, давање на антибиотици за вирусна инфекција. Како посебен успех го смета тоа што бројот на рецепти за антибиотици, по неговата реакција за злоупотреби, се намалил во декември за 60.000 рецепти, во однос на ноември или за 70%. „Мислам дека како поминува времето луѓето се повеќе ги почитуваат моите совети“, вели Пановски.
-повеќе на темата: Докиќ советува: Носете две хируршки маски наместо една
И професорот Даниловски се согласува дека граѓаните ги почитуваат советите.„ Без исклучок и среќен сум заради тоа. Знам дека современиве средства за комуникација, не само социјалните мрежи, ги користат и сите други колеги, особено матичните доктори. Им оддавам признание, зашто, сите тие - вистинските херои на пандемијава (не само кај нас), прифаќајќи да бидат еден вид надворешни членови на семејствата, потпорни столбови, играат улога на „пастири на своето стадо“, но и една друга, извонредно важна улога на кохезиона сила, туткал, што цврсто ги спојува во целина сите камчиња на мозаикот наречен семејство, но и на здравствениот систем“, посочува епидемиологот. И по оваа катаклизма, во „денот потоа“, матичните (и се разбира, сите други здравствени работници), ќе играат клучна улога во што побрзо закрепнување на секое семејство и на општеството во целина, порачува Даниловски.