Со Налес кон сонцето, кон слободата?
23 април 2018За првата жена претседател на СПД во 155-годишната историја на партијата тешко дека можеше да помине полошо. Само две третини од делегатите на партискиот конгрес во Визбаден гласаа „за“ Андреа Налес. За шеф на партијата со полош резултат досега беше избран само Оскар Лафгонтен во 1995 година. Штета. Првиот избор на жена на врвот на социјалдеморкатите можеше навистина слободно да помине пофуриозно.
Тенкиот резултат, се разбира, не се должи на фактот што Андреа Налес е жена. Тој сигурно не е насочен ниту лично против 47-годишната Налес. Тој е израз на длабокиот јаз кој минува низ партијата. Социјалдемократите се длабоко поделени, раскарани околу патот по кој треба да тргне партијата за да се обнови. Едниот табор е на мислење дека само радикално политичко вртење кон лево може да донесе спас. Назад кон партија на работниците и малите луѓе. Потребно е повеќе држава и поголема грижа. Она што треба да се стопира е основното згрижување на невработените - Харц 4.
Може ли и малку попретпазливо?
Обновување на СПД бара и другиот табор во партијата. Но, не толку радикално, не толку лево, не толку јасно против несаканата владина коалиција со Унијата. Попретпазливо. Тоа е и курсот за кој се залага Андреа Налес. Таа сака да ја одржи големата коалиција. СПД треба да стане коалициски партнер од поголема доверба, но да го задржи сопствениот препознатлив потпис. Владеење и обнова - тоа во секој случај е акт на баланс. Шпага која не може да успее, велат критичарите.
Овие критичари не веруваат дека Андреа Налес навистина може и сака да ја обнови партијата. Таа е член на СПД 30 години. Се чини како исто толку долго стои во првите партиски линии, ги имала отприлика сите партиски функции, а беше и министерка во владата на Меркел. Налес е дел од политичкиот естаблишмент. И, токму тоа е нејзиниот проблем. Таа е отелотворение на сѐ што во последните години помина како што не треба. Дали таква една личност може наново да се открие себеси?
Беше малку наивно
Една третина од партиските делегати на ова прашање мора да одговориле со „не“. Тоа и не е за чудење. Се чини дека од страна на Налес беше малку наивно да смета со поголема доверба. Зарем заборави колку беше тесен резултатот од гласањето за коалиционите преговори со Унијата на последниот конгрес на СПД во Бон? Големиот број членови кои се противат не сакаат ништо друго освен да му испратат сигнал на партискиот врв.
Оттука, резултатот од гласањето за Налес е едноставно само искрен. Политичкиот рејтинг на СПД падна длабоко. Таа практично е на работ на бездната, соочена со непосредна опасност веќе да не може да се нарекува народна партија. Андреа Налес мора да обезбеди промена на трендот, да обезбеди повторно подем на социјалдемократијата. Таа ќе биде мерена по тоа и по ништо друго. Истовремено, мора и повторно да ја обедини партијата. Налес не без причина се нарекува „жена над урнатини“. Исто како жените по Втората светска војна кои повторно ја градеа опустошената Германија.
Така погледнато, политички можеби воопшто не е лошо што новата лидерка не доби ловорики однапред. Како „жена над урнатините“ има шанса да покаже што може. Она што може е да работи напорно и да се бори. 66 проценти - може да биде само подобро. Како беше онаа стара социјалистичка работничка песна: „Кон сонцето, кон слободата, кон светлината! Од темното минато силно зрачи иднината.“