Србија: Актерите кои му одбројуваат на Вучиќ
25 февруари 2019„Актерите Сергеј и Бранислав Трифуновиќ се почувствуваа принудени да заземат централно место на бината на протестите против српскиот авторитарен претседател. Браќата се меѓу водечките јавни личности во демонстрациите против популистичкиот лидер Александар Вучиќ“, пишува Асосиејтед прес.
Браќата Трифуновиќ за агенцијата велат дека не сакале да бегаат од првите редови на борбата за демократија бидејќи сметаат дека секој треба да придонесе. „Никој друг не би го правел тоа.
А некој мораше“, вели Сергеј Трифуновиќ, за кој се наведува дека од неодамна е предводник на либерално движење. „Не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме да ни падне некој месија од небо и да ни ги реши проблемите“.
Опозицијата во позадина
АП пренесува дека протестите во Србија започнаа во декември по претепувањето на лидерот на Левица Борко Стефановиќ, чија крвава кошула „ги алармираше граѓаните кои беа убедени дека деновите на политичко насилство се минато“.
„Во необичен развој, протестите ги предводеа повеќе јавни личности, а помалку опозициски политичари. Со универзитетски професори, адвокати и други познати личности на чело, демонстрациите привлекоа поддршка на Србите кои веќе не веруваат дека етаблираните политички партии можат да ја искоренат корупцијата и да ја подобрат економската состојба“.
„Мене и на Сергеј ова не ни требаше“, вели Бранислав Трифуновиќ. „Можевме да ги живееме своите удобни животи и да се опуштиме. Но сето ова ме боли - тие лаги и манипулации, сета таа кражба, корупција. Тоа е навреда за здравиот разум“.
Во претседателот Вучиќ „многумина гледаат опасност за тешко извојуваната демократија“, пишува АП. Демонстрантите ја обвинуваат власта дека ги продлабочува поделбите во општеството контролирајќи ги мејнстрим медиумите, безбедносниот апарат и другите столбови на моќ.
Сергеј Трифуновиќ е опишан како човек „познат по пцуење во јавноста“, кој понекогаш ги нервира дури и противниците на Вучиќ - на пример со исмејувањето на српската хомосексуална премиерка Ана Брнабиќ откако нејзината партнерка роди машко дете. Се наведува дека претстави во кои тој игра се забранувани и дека неговата фондација за лечење деца е на мета на инспекциите. „Веќе подолго сум државен непријател“, вели Сергеј Трифуновиќ.
Одбројувањето почна
Агенцијата наведува дека во моментов делува оти демонстрациите не ја разнишале сериозно позицијата на Вучиќ, иако некои аналитичари сметаат дека е евидентна промената на политичката атмосфера која остава надеж за промени.
„Протестите немаше да траат доколку граѓаните не се видоа себеси како некој вид слободен граѓански форум“, вели за АП колумнистот на неделникот Време, Теофил Панчиќ. „На површината сѐ изгледа исто... но всушност одборјувањето започна“, вели тој.
Се наведува дека Вучиќ би можел да распише вонредни избори како одговор на протестите, но и дека опозицијата најавува бојкот доколку изборните услови останат нефер.
Двајцата актери, Сергеј и Бранислав Трифуновиќ, велат дека ќе се повлечат од политичкото делување во оној момент кога Србија ќе стане вистинска демократија. „Се борам за Србија без автократија. И кога ќе дојде тоа, ќе речам: „Довидување, дојдете да ме гледате во театар“, вели Сергеј Трифуновиќ. Но, нема да се откажам. Одам до крај. Како секогаш“.