Србија: Нивните одврзани раце и нашите четири ѕида
12 април 2020Властите во Србија никако да најдат мерка во управувањето со деликатната криза. Најпрво граѓаните ги влечеа за ракав за да го сфатат вирусот како сериозна закана додека претседателот во Горњи Милановац позираше со ученици раскажувајќи им дека тие се „похрабри од многу други и не се плашат од, како се викаше она, коронавирусот“, а извесен пулмолог го изведуваше најлошиот стенд-ап во историјата на човештвото.
Потоа насмевките нагло се скиселија, а владата направи целосен пресврт и воведе мерки кои се меѓу најрестриктивните во Европа.
Викендов имаме 60-часовен полициски час. Откако ќе истече, се враќаме на забрана за движење од пет попладне до пет наутро. На граѓаните постари од 65 години веќе цели четири недели им е дозволено да излегуваат од домовите само еднаш неделно во рана зора, да претрчаат до продавница. Расте бројот на уапсени поради кршење на забраната, а фрчат и драконски казни. Забрането е собирање на повеќе од две лица на јавно место. Границите се затворени. Државниот врв испраќа сигнали дека тоа можеби не е крај на заострувањето, и добива поддршка и од еден дел од граѓаните кој инаку не му е наклонет, бидејќи стравот од заразата е и реален и оправдан.
Сите се виновни
Загрижени со почетното „споро палење“ на носителите на одлуки, многу граѓани сега чувствуваат дека е побезопасно да се погреши чувајќи се премногу одошто премалку. Прифатливо ни е со денови да не можеме да излеземе од дома, бидејќи се создаде впечаток дека единствена алтернатива ни е развеселениот Несторовиќ во стилот на Гига Моравац да не води на екскурзија во жариштето на епидемијата.
Процесот на прифаќањето на заострените мерки сепак не беше целосно спонтан. Сериозен удел во тоа имаше и успешната конференциско-медиумска кампања чија цел беше да не увери дека за сите последици на епидемијата исклучиво сме виновни ние самите. Од ден на ден, јавноста во Србија слушаше варијации на тема дека сме недисциплинирана толпа и дека единствениот проблем лежи во тоа што никој не се придржува до мерките.
Виновни беа пензионерите, па им беше забрането да излегуваат надвор.
Виновни беа посетителите на кафулиња, за разлика од посетителите на обложувалниците.
Виновни беа гастарбајтерите, кои предавнички се враќаа во државата за да го злоупотребат нејзиниот здравствен систем. Виновни беа дури и првите жртви, па јавно им се прелистуваа здравствените картони за да се докаже дека умреле по повеќе основи.
Таргетирањето на групите виновници почна да генерира привикување на поостри мерки за да им се застане на патот на недисциплината и ризичното однесување, и ефикасно се оттргна вниманието од лошата подготвеност на државата за пандемијата. Ограничувањата кои се воведени беа повеќе претставени повеќе како цврсти казни за непослушни деца, одошто како механизми за сузбивање на епидемијата.
претходни колумни:
- Вучиќ и коронавирусот: Од шегаџија до нервозен очув
Но, нивната ефикасност не се анализира доволно. Некои од нив секако дадоа одреден ефект, но поконкретни проценки на надлежните органи постојано изостануваат. Прописите за шетање на кучињата се менуваа во повеќе наврати, и веројатно е дека осцилаторните рејтинзи на претседателот имаа поголем удел во тоа од она што се постигнуваше со прописите. Може да се очекува дека ублажувањето на мерките- кога ќе дојде до тоа- исто така би било мотивирано од слични причини.
Зошто е воопшто битно водењето сметка за оправданоста на секоја мерка? Зарем не ни е поедноставно просто да играме на сигурно и, на пример, да ги ставиме граѓаните во целосна изолација на две до четири недели, оневозможувајќи го натамошното ширење на вирусот?
Приграбување власт
За жал, не е така едноставно, дури и да е изводливо. На пример, целосното запирање на движењето го оневозможува животот на населението и ги спречува волонтерите да им помагаат, а самата држава нема волја дури ни да им достави цистерни со вода. Секоја одлука носи нус-појави кои многу конкретно некому се удираат од глава. А тоа е само почеток на проблемите.
Доколку режимот на Вучиќ во нешто беше доследен во последните 8 години, тоа е користењето на секоја можност за себе да приграби уште повеќе власт. Со добивањето бланко-чек од јавноста за секој потег додека трае епидемијата му се отвораат низа можности за манипулација, и некои од нив веќе се користат.
Од една страна имаме апсење на луѓе кои ја нарушуваат сликата дека, со исклучок на неразумните граѓаните, се е во најдобар ред. Новинарката Ана Лалиќ ја мина ноќта во притвор под обвинение дека „ширела паника“ затоа што пишуваше за проблемите во Клиничкиот центар на Војводина. Со истото образложение приведен е и работникот на фабриката „Јура“ Славиша Пајовиќ кој се побунил поради недоволната заштита на работното место.
- повеќе: Кој се грижи за чие здравје, или зошто српскиот претседател Вучиќ не е во изолација?
Од друга страна гледаме како претседателот го користи бришаниот медиумски простор водејќи неофицијална предизборна кампања, лично врачувајќи им респиратори на болниците како да ги плаќа од свој џеб, а не од државен буџет. Сместени во своите домови под закана од апсење, го гледаме како парадира со свитата и навиваме да биде строг кон секој кој шета надвор и стои во групи поголеми од две лица.
Пандемијата е сериозна работа и се однесува на сите нас. Затоа е важно уште сега да инсистираме да ни се дадат најдобрите причини за секоја воведена мерка, и тие- освен во ситуации кога е тоа разумно- да важат за сите. Во спротивно, многу брзо ќе дојдеме во позиција да не смееме да бараме оправдување за должината на траењето на вонредната состојба или цврсти причини доколку наесен повторно се воведе.
Не се работи за некаков метафизички страв од авторитарноста: како што гледаме на примерот на Унгарија, вонредната состојба може преку ноќ да се претвори во де факто апсолутна власт. Овластувањата кои им ги даваме на луѓето на чело на државата можат многу лесно да станат нашите четири ѕида.
Ако веќе не се тоа.