1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Малку играње шах, малку привикување граѓанска војна

Ивица Петровиќ
18 март 2019

Претседателот Вучиќ вчера се обиде да демонстрира смиреност, но продолжи со етикети и предупреди дека народот е спремен да го брани. Опозицијата пак делува носена од настаните, натамошните чекори е тешко да се предвидат.

https://p.dw.com/p/3FEF4
Protest gegen den serbischen Präsidenten Vucic in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Упадот во зградата на РТС изгледа беше само увертира за продолжување на протестите во Белград. Додека демонстрантите по поситни судири со полицијата и употреба на солзавец вчера го опкружуваа седиштето на претседателот, тој внатре играше шах со министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ. Иако, распоредот на фигурите на фотографијата објавена на Инстаграм, не одговара на шаховските правила, па јасно е – таблата била поставена само за фотографирање. Демонстрација на смиреност?

Повеќе:

Неодговорна е споредбата на 27-ми април со упадот во РТС

Меѓутоа, Вучиќ е сѐ само не мирен. Конференцијата во Претседателството беше уште едно драматично обраќање до јавноста, со употреба на веќе виден арсенал навреди на сметка на опозицијата, чии лидери ги окарактеризира како фашисти, хулигани, крадци и соработници на Тачи и Харадинај.

Храбро кога сите ќе се разотидат

Неколку илјади луѓе протестираа во текот и по конференцијата за печат на претседателот на Србија, барајќи наместо навреди, обраќање кон присутните граѓани и поднесување оставка. Не е познато дали повикот за оставка е спонтан повик од масата, но проблем за опозицијата би можел да настане ако Вучиќ и ја понуди. Тоа автоматски ќе значи брзи нови збори, повторно одржани под нерегуларни услови.

Насобраните беа повикани да направат обрач околу зградата на Претседателството и да го спречат Вучиќ да ја напушти, но потоа дојде до откажување од намерата зашто не се знаеше дали тој веќе не се извлекол по „глувчешки канали“, како што рече лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ.

Serbien Belgrad | Aleksandar Vucic, Präsident
Претседателот Александар Вучиќ продолжува со навреди и закани кон опозицијатаФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/M. Miskov

Дали беше во прашање џентлеменски договор меѓу власта и опозицијата или водачите на протестите не сакаа да ја трошат енергијата на граѓаните, нејасно е, на крајот Вучиќ сепак излезе на главниот влез и тоа кога таму останаа само неколкумина граѓани. Тие му порачаа дека „не може сам да владее“, го нарекоа „лажго“, а Вучиќ цинично им посака сѐ најдобро.

Повеќе:

Србија: Што сака да постигне опозицијата со ултиматумот до Вучиќ?

Цела недела кружеа информации за апсења, дури и една брза пресуда поради упадот во РТС. Организаторите на протестите ѝ дадоа рок на власта до денеска во 15 часот да ги пушти сите приведени поради упадот во РТС.

„Уапсете нѐ нас наместо нив“, изјавија опозициските лидери, знаејќи дека приведување претставници на опозицијата е преголем залак за режимот. Такво нешто не би поминало без реакција на меѓународната јавност, за што е свесен и Вучиќ. МВР соопшти дека се уапсени седум лица. Лидерите на опозицијата ветија посета и на ТВ Пинк и бројни општини каде функционери на владејачката партија предизвикаа бројни афери.

Бошко ги менува плановите

Настаните во РТС и протестите пред работното место на Вучиќ наизглед беа импровизација поведена од лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ. Тој очигледно е човек од акција, кому во еден  момент му досадило бесцелно да шета по улиците на Белград и решил дека е време да се протресе малку РТС поради сервилност кон режимот.

Токму врз Обрадовиќ е фокусот на нападите на режимот и нему блиските медиуми. Јасно е и дека власта ќе го употреби ентузијазмот на Обрадовиќ за радикализација на протестите како семе на раздор внатре во опозицијата, но и за обид граѓанскиот дел од протестот да се запраша на некој начин- кого всушност поддржува. 

Навистина станува збор за радикализација на протестите, но до сево ова немаше да дојде ако Александар Вучиќ започнеше да ги исполнува барањата, пред сѐ оние за ослободување на медиумите, истакнува за Дојче веле Сандра Рашковиќ, претседателка на Народната партија. Таа се сомнева дека овој притисок ќе ја наведе власта на дијалог со опозицијата, иако истакнува дека „ако Вучиќ има малку памет и ако ѝ сака добро на Србија, би требало тоа да го направи“. 

Повеќе:

Србија: Актерите кои му одбројуваат на Вучиќ

Доаѓа ли „Балканска пролет“?

Настаните во текот на викендот за многумина изгледа беа изненадување, зашто не се очекуваше ништо драматично до најавениот голем митинг на опозицијата на 13 април. Затоа и Сандра Рашковиќ Ивиќ вели дека „овие протести на некој начин одат во пресрет кон тоа. Ние тргнавме малку пред рокот, веројатно и самиот Вучиќ тоа не го очекуваше. Ова му е многу важен сигнал, зашто на 13 април може да биде многу поинтензивно“.

Спонтано забрзување

Лидерот на Левицата на Србија, Борко Срефановиќ за ДВ напоменува дека „настаните спонтано се забрзуваат и сега 13 април ни изгледа многу подалеку. Се надеваме дека власта ќе има грам разум и во што пократок рок ќе ги исполни нашите барања“.

Полицијата во текот на викендот делуваше воздржано, не беа забележани посериозни инциденти. Власта меѓутоа се обидува да ги заплаши учесниците на протестите со брзи судски постапки, во кои добиваат од 7 до 30 дена затвор. Вучиќ на некој начин најави остри реакции, со изјавата дека никој веќе нема да ја понижува полицијата и за насилство секој мора да одговара.

Protest gegen den serbischen Präsidenten Vucic in Belgrad
Протестите против власта во Белград не стивнуваатФотографија: Reuters/M. Djurica

Борко Стефановиќ напоменува дека желба на СзС е сѐ да биде мирно, но тоа зависи првенствено од реакцијата на власта. „Спремни се со солзавец и со сила да го бранат претседателот на Србија, кој по којзнае кој пат изнесува невистини без можност некој да му одговори. Тоа покажува каков е овој режим на кукавици“, изјави лидерот на Левицата на Србија за ДВ.

Инсценирање граѓанска војна?

Во текот на неделата членовите на Српската напредна партија ширум Србија добиваа пораки да се соберат пред локалните одбори на партијата и „пружат поддршка“ на претседателот Вучиќ. Претставници на Српската листа од Косово дури понудија да дојдат во Белград и да го бранат Вучиќ.

Ако власта до крај ги турка граѓаните во меѓусебни судири, Србија ќе западне во проблеми со несогледливи последици. Тоа сведочи за паника и кукавичлук кај власта. Вучиќ е свесен дека мора да се избегне секаква слика на полиција која тепа народ и демонстранти и како да се обидува тоа да го замени со сцени на граѓанска војна на улиците. Тоа е дијаболично сценарио за кое би требало да се надеваме дека ќе остане само луда идеја на врвот на режимот.

Но, дека таквите идеи не се без основа, покажуваат и повиците на гледачи во текот на гостувањето на Вучиќ на ТВ Пинк во неделата вечерта, како и неговото тврдење дека голем број граѓани најавиле желба да дојдат во Белград и да ја одбранат власта од Ѓилас и од Обрадовиќ.