1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата во Виена пресретната со грчка реакција до Хан

25 април 2018

Димитров и Коѕијас денеска ги продолжуваат разговорите за тешките прашања. Но, соопштението на грчкото МНР упатено до еврокомесарот Хан, не е добра увертира за денешните разговори, сметаат дипломати.

https://p.dw.com/p/2wbON
Wien Treffen Außenminister Mazedonien und Griechenland
Фотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

Со малку горчливи „моцарт бонбони“ во Виена почнува новата рунда разговори меѓу македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, во присуство на специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, посредникот Метју Нимиц.

Во предвечерјето на средбата, чија планирана тајност беше пробиена од грчките медиуми, грчкото Министерство за надворешни работи преку соопштение го искритикува  еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан,  за изјавата што ја даде при неговото обраќање пред Комитетот за надворешна политика во Европскиот парламент.

„Јас сум оптимист дека во наредните две недели ќе имаме решение. Решението ќе го отвори патот за почеток на преговорите за членство на Поранешната Југословенска Република Македонија. Мислам дека сите се согласуваат дека тоа ќе биде за доброто на земјата, за општеството и за целиот регион на Западен Балкан“, изјави Хан.

Straßburg Europäisches Parlament Johannes Hahn
Изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан предизвика остра реакција од АтинаФотографија: EP

Официјална Атина ваквата изјава на комесарот ја оцени како „несреќна“.

„Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува“, соопшти МНР на Грција.

Повеќе: 

Коѕијас: не ни треба гнил компромис

Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност за името

Во тој контекст, грчките медиуми ја пренесуваат изјавата на премиерот Заев, дадена како одговор на новинарско прашање на вчерашната заедничка прес-конференција со поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

„Комесарот Хан е голем пријател на Македонија и дај Боже да има некоја информација дека за две недели би завршиле разговорите. И јас посакувам, но не верувам. Се работи за недели пред нас, но мислам дека две недели се премалку (...) Она што го очекувам е да направиме максимални напори до одлуката на Советот на ЕУ, затоа што ако дотогаш имаме решение, и покрај тоа што заслужуваме, ќе имаме силни гаранции дека ќе добиеме датум за преговори“, изјави Заев.

Дипломати со кои разговараше ДВ, сметаат дека исто така „не е најсреќно решение“ ни да циркулираат реакции токму во пресрет на новата рунда разговори.

„Ако целта била да се искритикува нечиј оптимизам како предимензиониран, со тајмингот кога тоа се соопштува, сакајќи или несакајќи се остава простор за поголем песимизам, што во овој момент сигурно нема да додаде, но може да одземе енергија во разговорите. Овие процеси бараат многу голема внимателност и такт, во сите аспекти“, сметаат нашите соговорници.

Жонглирање меѓу два интереса

Новата рунда се одржува две недели по разговорите во Охрид од 12-ти април, кога Коѕијас и Димитров најавија дека преговорите напредуваат, но остануваат клучните прашања. Во меѓувреме, Коѕијас во интервју за грчко радио изрази песимизам за постигнување решение до почетокот на летото.

„Очигледно е дека Македонија во јуни нема да стане членка на НАТО“, изјави грчкиот министер за надворешни работи. 

-прочитајте уште: 

Заев во Скопје ги донесе пријателите на Македонија

Министерот Димитров, кој вчера имаше обраќање пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, одговараше на прашања кои најмногу се однесуваа на разговорите за името. Пратеничката на Сириза, Нина Касимати, член на грчката парламентарна делегација која учествуваше на пленарната седница, наведе дека Грција останува оптимист во врска со разговорите кои значително ќе придонесат за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји во сите области на дејствување. Притоа потенцираше дека решението кое би било признаено и гарантирано од страна на ОН, НАТО и ЕУ се базира на принципите за негова употреба „ерга омнес“ (дома, во странство и за севкупна употреба). Таа го покрена прашањето дали Македонија нуди поголема гаранција во процесот на преговори ако целта е легализација на „двојна шема“ за именување на државата, односно, како ќе се дојде до решение, ако земјата на прифаќа уставни промени?

„Жонглираме меѓу два интереса“, рече Димитров.

„Сакаме да го штитиме процесот, но и да ја информираме јавноста. Постои опасност ставовите да станат национални позиции што оневозможува продолжување на преговорите. Сите ги знаеме позициите на двете страни. Мора креативно да видиме дали може да ги поместиме елементите за да се покрие најважното и за Атина, и за Скопје. За да се стори тоа мора повеќе да се разговара“, изјави шефот на македонската дипломатија.

Mazedonien Griechischer Außenminister zu Besuch
Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат повеќе можности за нови разговори во мајФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Разговори за временската рамка?

На денешните разговори кои се очекува да започнат попладне по 15 часот, најверојатно ќе се разговара за најтешкото прашање - опсегот на употреба, односно за временската рамка за спроведување на евентуалниот договор. Тоа прашање за првпат беше отворено на охридската средба.

„Разговаравме првпат за временската рамка и за чекорите од кои што доколку се постигне решение - како тоа ќе изгледа, како тоа ќе се имплементира“, соопшти Димитров пред две недели.

Тој и Коѕијас по денешната средба во Виена наскоро ќе имаат можност за нови разговори. Повторно ќе се сретнат на  3 и 4 мај во Солун, каде ќе се одржи регионална конференција на Македонија, Албанија, Бугарија и Грција, посветена на меѓуграничната соработка. Една недела подоцна, на 11 и 12 мај, ќе се сретнат во гратчето Сунио на 70-тина километри од Атина, на конференција посветена на иднината на Европа, на која ќе учествуваат претставници на Вишеградската четворка, членките на ЕУ од регионот и државите кандидати за членство во Унијата.