Средба Заев-Мицкоски, откако партиите си кажаа сѐ
29 март 2021Многу теми и дилеми треба да бидат издискутирани на денешната тат-а-тет средба Заев-Мицкоски, а кои во изминатиот период беа предмет на несогласување меѓу власта и опозицијата. Се очекува да се разговара за пописот, изборниот модел, гласањето со отпечаток од прст на локалните избори, одблокирање на законите во Собранието, евроинтеграциите... Според политички кулоари не е исклучено да се начне и темата за широка коалиција, нешто што опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа и повикува на формирање техничка флада составена од експерти, со една цел - да организира предвремени парламентарни избори.
Во интерес на разговорите, од двете партии не соопшуваат детали за „дневниот ред“. Во јавноста очекувањата од денешната средба не се големи, барем не за сите прашања, особено заради тоа што во изминатиов викенд владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ си разменија нова серија обвинувања кои не се сметаат за добра увертира и конструктивна атмосфера пред денешната средба на двјацата лидери.
-повеќе на темата: До последната закана
Заев пред неколку дена изрази оптимизам за една тема: дека „ќе може веројатно да соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на гласање со отпечаток од прст".
„Верувам дека Собранието многу бргу ќе го стави на дневниот ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, и да ги определиме изборните модели“, изјави премиерот и лидер на СДСМ.
Кој е лицемер за пописот?
Една од пожешките теми на кои ќе се вкрстат копјата е пописот, и во контекст на одредени заблешки за начинот на кој се одвива тој во дијаспората, но пред се, во однос на ризиците за здравјето. Пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, вчера повика на обединување, а не на бојкотирање на пописот, бидејќи придобивките од него се огромни.
„Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата. Со овие информации ќе се креираат ефикасни инвестициски политики, ќе се добијат точни информации за располагање со работна сила и други податоци клучни за развојните политики. Меѓутоа, пописот е и патриотски чин. Патриотски е да си ги кажеш корените“, рече Каевски.
-повеќе на темата: Политичките лидери како најслаба алка или како моќта да стане средство, а не цел
Тој потенцираше дека се подготвени се сите здравствени протоколи и преземени сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите. Но, најголем дел од забелешките на опозицијата се однесуваат токму на здравствените ризици.
„Тешко лицемерие е да се одржува попис во време кога Македонија се соочува со пик на третиот бран. Дали Заев е свесен дека 5.500 попишувачи ќе треба да влезат во секое домаќинство во државата.
А, врвот се достигнува со тоа што попишувачите не се имунизирани.
Со овој чин Заев и Филипче свесно ги туркаат граѓаните во опасност по живот“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
-повеќе на темата:Пописот ќе ги седне на иста маса Заев и Мицкоски
Мицкоски и самиот пред три дена во тв-интервју најави дека ќе ги повикаат граѓаните да си го заштитат здравјето и да не отвораат врата ако се чувствуваат небезбедни.
„Нека продолжат на сила да го туркаат процесот, влегуваме во политичка криза“, рече тој.
„Ова е хипокризија на дело", обвини СДСМ, откако во саботата опозициската партија протестираше пред Министерството за здравство.
„Мицкоски вели дека нема да примал попишувачи, дека пописот не бил безбеден по здравјето на граѓаните, а неговата ВМРО-ДПМНЕ без почитување на мерките одржува протести и масовни собири. На ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не им е грижа ниту за јавното здравје, ниту за здравствениот систем, ним им се важни само личните и партиските интереси“, реагираа социјалдемократите.
Едните за сјајот, другите за бедата
Според опозицијата, СДСМ нема никакви аргументи да зборува за грижа за здравјето на граѓаните. Мицкоски на Фејсбук објави дека колоните возила за соседна Србија најдобро ја покажуваат бедата и неспособноста на владата.
„Порака до власта: погледнете го својот народ, погледнете ги колоните возила, тоа е вашиот срам.Ова нема да се заборави, одговорност ќе има“, напиша завчера Мицкоски.
Вчерашната пратка од 24.000 вакцини на „АстраЗенека“ од Ковакс механзимот, не ги намали обвинувањата за доцнење, за лошо справување со епидемијата и за несоодветно однесување на функционерите на СДСМ.
„Oва е новото Дубаи, oва е новото Мексико! Државата гори од епидемија и од погреби, а Венко Филипче и Зоран Заев си се возат на своите мотори. Режимот продолжува со одмор и релаксација додека Македонија погребува свои граѓани! Луѓе умираат барајќи кислород, болниците се преполни, но тоа Филипче не го интересира. Филипче и Заев ги интересира угоден живот, ги интересира големи провизии, а граѓаните - кој како ќе се снајде. Срамното, бедното и нечовечкото однесување на режимот продолжува!", изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од СДСМ одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека почнува помасовна имунизација.
„ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека од среда ќе почне вакцинација на граѓани над 75 годишна возраст, не може да се помири бидејќи во земјава се вакцинирани здравствените работници што работат со ковид- пациенти, не може да се помири со фактот што во земјава наскоро ќе почне масовна имунизација. ВМРО- ДПМНЕ е единствената партија која го поткопува здравствениот систем, која преку своите портали шири лаги давајќи карактеристики кои вакцини се добри, а кои не, со што ги доведува во заблуда граѓаните и прави сериозна штета и на процесот на имунизација и врз здравјето на граѓаните", обвинија од СДСМ.
-повеќе на темата: За „Фајзер“ ќе се почека, вакцинацијата ќе почне со „АстраЗенека“
Од опозициската партија велат дека пратката со вакцини е капка во морето, во време кога дневно се погребуваат по 40 лица.
„Секој ден има четирицифрени бројки на заразени. Тоа што Македонија е на дно на листите по процент на вакцинирано население, а е високо на листата на починати од корона на милион жители, е пораз на Филипче и Заев. Единствено што се очекува и бара од нив е да си заминат и да одговараат“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Вакцинирање на попишувачи или одложување на пописот
По сите овие јавно испратени пораки, неизвесно е со каков резултат ќе заврши средбата Заев-Мицкоски. Истата се одржува неколку дена пред почетокот на пописот, за кој дел од партиите браат одложување, а дел сметаат дека е потребна итна вакцинација на попишувачите.
„Сметаме дека итна вакцинација на попишувачите и сите оние кои учествуваат во овој процес на попис е неминовна потреба. Алтернатива бараше да се почитуваат препораките на ООН, според кои во време на пандемија не смее да се спроведува попис, на oваa Влада не сакаше да ја слуша ниту ООН, ниту опозицијата, туку на своја глава влезе во процес, кој од почетокот се докажува дека носи висок ризик за заразување на граѓаните, без разлика дали се попишувачи или попишани. Како и да е, пописот како процес веќе е започнат и враќање назад нема“, соопшти опозициската Алтернатива, повикувајќи ја Владата да го прифати нивниот предлог за итна имунизација на попишувачите.
-повеќе на темата: С. Македонија на чекор до почетокот на масовната имунизација
Од друга страна, Левица упати повик до сите политички чинители надвор од политичкиот двор на ДУИ, итно да постигнат консензус за откажување на пописот на неодредено време, сѐ додека не се изготви консензуален закон во кој ќе се утврди методологија и контролни механизми, кои реално ќе покажат каква е состојбата на територијата на Република Македонија.
Легитимноста на пописот е целосно поткопана! И тоа, не само поради тоа што партиските структури на ДУИ се однесуваат како парарелни институции, туку и поради тоа што тие, тенденциозно и свесно, ја прошируваат палетата на и онака законски манипулативно поставената пописна методологија, се’ со цел да даде нереални и нелегитимни резултати во однос на етничката структура во државава, односно да се прикаже значително поголем број на Албанци од она што навистина е случај на резиденти во Македонија
„Легитимноста на пописот е целосно поткопана! И тоа, не само поради тоа што партиските структури на ДУИ се однесуваат како парарелни институции, туку и поради тоа што тие, тенденциозно и свесно, ја прошируваат палетата на и онака законски манипулативно поставената пописна методологија, се’ со цел да даде нереални и нелегитимни резултати во однос на етничката структура во државава, односно да се прикаже значително поголем број на Албанци од она што навистина е случај на резиденти во Македонија“, повика Левица.