Рецепт за среќа
20 март 2019Ако се мери состојбата на среќа на една нација, не се земаат во предивд минливи еуфорични моменти, туку колку се луѓето задоволни од животот што го водат. Јан Делеј, истражувач на среќа и професор по социологија на Универзитетот Ото-фон-Герике во Магдебург, развил формула врз која се базира индивидуалната среќа: поседување+сакање+да се биде= среќа.
Под „поседување“ Делеј го подразбира материјалното, како приходите или стандардот. Во категоријата „да се сака“ спаѓаат различни социјални врски како онаа семејната или пријателите. Во „да се биде“ спаѓа дали некој гледа смисла во својот живот, дали активно го организира и каков фидбек добива од својата околина.
Трите области заеднички го сочинуваат степенот на лично задоволство. Потенцираноста на одредени столбови зависи, според Делеј, од индивидуалните афинитети, но ниеден не смее да се „скрши": „Осамен милионер нема да достигне десет на скалата на задоволство од животот. И обратно, оној кој се бори со егзистенцијалниот минимум, може да биде социјален колку сака, и за него е малку веројатно дека ќе се чувствува на врвот на скалата“.
Печат врз рецептот за среќа оставаат културолошките корени и местото на живот. Формулата на Делеј може да има универзална примена, но мора да се земат во предвид различни фактори. „Во Кина на пример да се биде среќен е рамно на успех и голема парична заработувачка“. Западните држави, социологот ги оценува споредбено за „релативно постматеријалистички“, тука зголемено значење добиваат столбовите „да се сака“ и „да се биде“.
Дека не е сѐ во економскиот растеж, одамна спознало Кралството Бутан на Хималаите. Од 2008 година во уставот во земјата е воведен поим „бруто национална среќа“, целта е достигнување праведно, рамноправно и хармонично општество, па постои и Министерство за среќа. Заради мерење на бруто националната среќа се опфатени девет подрачја: животен стандард, здравје, психичко задоволство, образование, распределба на времето, добра влада, чувство на заедништво, еколошка и културолошка разновидност.
Политиката на потег
Бутан се смета за иницијатор на меѓународниот ден на среќата, кој е воведен во 2012 година. ОН, со прогласувањето на Светски ден на среќата, го признаа стремежот кон среќа како еден од основните човечки цели, упатувајќи молба до членките националната политика да води сметка за тоа.
Повеќе:
Македонците меѓу најнесреќните на Балканот
Социологот Делеј истакнува: „Долго се велеше дека во богатите општества животот по правило е добар. Токму САД покажуваат дека не е така, тие се меѓу најбогатите нации, но имаат неверојатен товар од социјални проблеми“.
Скандинавците на врвот
На врвот на годишното рангирање во Светскиот извештај на ОН за среќа редовно се пласираат скандинавските држави. Во 2018 година Германија се најде на 15. место од 156 држави, подобрувајќи се за едно скалило во однос на претходните две години. Но, во европски рамки, Германија е на долниот дел од горната третина.
Причината што Германија не успева да стигне во топ-позициите не е што Германците се баксузи или незадоволни, како што ги бие глас, вели социологот Делеј. Врз задоволството не влијаат само личните животни околности и ставови, туку и општествените услови, како нивото на благосостојба, социјалната кохезија, рамноправноста и квалитетот на водењето на државата. Во сите овие точки, според проценките на Делеј, Германија котира добро, „но, постојат уште неколку општества кои се рангираат подобро“.
Луѓето во Германија покажуваат сѐ поголемо задоволство од својот живот. „Интересно е што достигнавме до долгогодишен зенит, и покрај дебатите околу многу незадоволства и стравови“, вели Делеј. Можно објаснување за ваков парадоксален развој е во бројката на вработеност: „Невработеноста масивно го редуцира задоволството од животот, а кај нас континуирано се намалува невработеноста“.
Истовремено се намалува и јазот во задоволството кај граѓаните од источна и западна Германија. Според бројките од Атласот на среќа, годишно објавуван од Германската пошта, испитаниците во 2018 во западна Германија своето задоволство на скалата од 0 до 10 го означиле со 7,09. Во источна Германија вредноста е само за 0,2 помала.
Ернст Фриц-Шуберт сака да придонесе за животното задоволство кај Германците со воведување предмет „среќа“. Во 2009 година тој основаше институт на кој се образуваат професори за предметот. Фриц-Шуберт е убеден дека секој може да придонесе за својата среќа. Истражување на универзитетот Манхајм меѓу учениците кои посетуваат настава по предметот „среќа“ и оние кои не посетуваат, покажа дека школската настава за среќа има позитивен ефект врз субјективното чувство на задоволство кај учениците