Страв од експлозија на цените
13 јануари 2022Животниот стандард и ценовниот шок ќе бидат тежок испит за менаџирање и за новата влада. Во услови кога секој петти македонски граѓанин живее во сиромаштија, ценовниот раст, кој го подгреа здравствената криза, продолжува со ударот на енергетската криза. Минатата година заврши со статистички пораст на цените во декември од 4,9% кумулативно во споредба со истиот период претходната година, и тоа во услови на замрзнати цени на основните прехранбени производи.
Растот на цените на одредени производи беше сериозен, а допрва може да стане и драматичен со новите цени на струјата, парното, гасот кои се актуелни од стартот на 2022 година. Важноста на замрзнатите цени истекува на крајот на јануари, а стравувањата се што потоа. Експертите предупредуваат дека е потребна внимателност, со оглед на фактот дека ударот што го трпи економијата е главно последица на надворешни влијанија и движењата на светските берзи:
„Генерално, растот на цените се должи на енергенсите и на храната, а тоа се цени кои доаѓаат по промените на светските безри и се надвор од можноста на македонската држава да влијае на истите посериозно. Се поставува прашање - дали имаме капацитет да се справуваме со растот на цените? Вообичаено, главен коректор во прашањето на ценовната стабилност е Народната банка, што е и нивна законска обврска, која има соодветна монетарна политика која во изминатите 15 години обезбедуваше ценовна стабилност. Имајќи предвид дека овде не станува збор за пораст на цените како резултат на монетарните или паричните фактори, улогата на Централната банка е прилично лимитирана, меѓутоа може да се очекува дека во наредниот период и покрај тоа што на трошковната инфлација немаат многу влијание монетарните мерки, сепак треба да се очекува благ пораст на основната каматна стапка, што дополнително ќе предизвика пораст и на останатите каматни стапки во државата. Во однос на трошковната инфлација, фискалната политика тука може да помогне, особено кај делот на ранливите категории, со одредени социјални пакети за тој дел од населението полесно да ги надмине последиците кои ги трпи како резултат на порастот на цените“, вели во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Енормен раст на цените
Какви се состојбите отсликува последниот извештај на Државниот завод за статистика, која обелодени, или пресмета, енормен раст на одредени основи производи. За една година маслото поскапело за 25%, лебот и шеќерот за околу 9%, овошјето, зеленчукот и месото за околу 6%. Транспортот пак поскапел дури за 17%. Овие цени се детектирани во декември лани, во споредба со годината претходно. И тоа во период кога Владата веќе донесе одлука за замрзнување на поголем дел од основните производи.
Какви мерки ќе се воведат за заштита на цените на основните производи засега е неизвесно. Од Владата велат дека кројат план и не откриваат конкретно дали можеби ќе се оди на продолжен рок за важноста на замрзнатите цени на основните производи.
Поддршка на ранливите категории
Она што е актуелно со налетот на енергетската криза е поддршката за најранливите категории граѓани, за кои веќе се оперативни мерките за поддршка, пред сѐ во делот на струјата, која од 1 јануари е поскапа за 9,5%. За првпат се воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон. Овие средства ќе се доделат преку јавен оглас кој е во тек, а имаат право да ги добијат семејства со парични приходи од најмногу 30.000 денари месечно:
„Обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во текот на цела 2022 година. Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена и за домаќинство со пет и повеќе членови, се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Паралелно со оваа поддршка, останува помошта од по 1000 денари месечно за сметки за струја, која ја добиваат 36 илјади социјалци и 9.000 пензионери.
Топлински шок или решение?
Но проблемот не е само зголемената цена на струјата. Таа ќе повлече бран поскапувања во сите други дејности. Капак на сѐ е цената на гасот, чиј раст ја вивна сериозно нагоре и цената на парнотово Скопје за дури 14%.
Владата е на мака да го заузда негативниот тренд и се обидува преку буџетска интервенција во износ од 6 милиони евра да ги покрие дополнителните трошоци на снабдувачите со топлинска енергија за да нема дополнително поскапување. Но, за да успее, треба согласност од компаниите, но и од општините кои се повикани да покријат еден милион евра од потребната сума, а тие тврдат дека парите ги немаат. Од Владата велат дека се подготвени да го преземат целосно товарот, а доколку е потребно и времено да ја преземат работата на компаниите само да се обезбеди стабилна и непречена услуга за корисниците. Клучните чекори за ова, според најавите, се очекуваат во текот на денов.
Раст на платите
Во вакви услови, клучно за граѓаните е да растат платите и пензиите. Власта се фали дека просечната плата расте, но проблемот е што овој тенд не повлекува промени на најзагрозените категории граѓани кои живеат на минималец или под прагот на минималецот. Факт е дека минималната плата порасна и достигна 15.100 денари, но факт е и дека цените и растот на трошоците низ годините ја изедоа разликата. Тоа го покажува и минималната месечна кошничка која секој месец ја пресметуваат во Сојузот на синдикатите на Македонија. Таа достигна ниво, нешто повисоко од две минимални месечни палти и тоа за основните, а во дел и минимални потреби за едно четиричлено семејство да го истурка месецот.
Во вакви услови, синдикатите ургентно бараат да се реализира ветувањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари преку законско решение во Парламентот. Согласност за ова од Владата има, но конечен договор нема:
„Минималната плата треба да биде 60% од просечната плата и спирално да растат сите останати плати. Тоа е многу важно да се случи. Но, за жал, пратениците сѐ уште не реагираат, а сѐ уште нема и средба на социјално-економскиот совет. Испративме писма и до лидерите на најголемите политички партии за да ги образложиме нашите аргументи, но нема ништо. Свесни сме за состојбата во која се наоѓа во државата, но очекуваме до крајот на месецот пратениците да се охрабрат и да го донесат решението. Ако имаме предвид дека сметките со најновите поскапувања ќе пристигнат на 5 февруари, а ако платите останат исти, можете да претпоставите колку граѓаните ќе бидат уште поосиромашени“, реагираат од Сојузот на синдикати.
Од Владата се подготвени да одговорат, но за тоа треба согласност и од работодавачите, која засега ја нема. Сепак се уверени дека во рамки на социјалниот дијалог ќе се најде решение:
„На владата не ѝ е потребна дополнително аргументација од никого дали минималната плата треба да биде 18.000 денари. Таа ќе биде 18.000 денари во тој момент кога сите социјални партнери ќе се договорат, затоа што не треба да направите унилатерални чекори кога имате дијалог. Нема дијалог во кој што една страна едностарно вели ултимативно - или ќе го има или јас ќе излезам и ќе штрајкувам. Дијалогот не препознава еднострани чекори и затоа велам - 18.000 минимална плата или поголема ќе има многу бргу, кога ќе седнеме сите на една маса да зборуваме. За жал, политичките констелации, економската криза, енергетската криза не дозволија тоа да се случи во декември и се надевам од понеделник, со новата министерка и заедно со мене, ќе седнеме на економско-социјалниот совет и ќе ја расправаме состојбата. Дали ќе договориме од февруари, или март тоа ќе го решиме заедно“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во синоќешното гостување во телевизија Алсат.
Владината програма со фокус на економијата
Решавањето на енергетската криза, паралелно со онаа предизвикана од пандемијата, е клучен предизвик за новата Влада, чиј нов состав е на дневен ред за гласање во парламентот во сабота, 15 јануари. Во програмата за работа на мандатарот и иден премиер, Димитар Ковачевски, се наведува дека во 2022 година основен приоритет ќе биде националниот одговор на енергетската криза со преземање суштински, долгорочни и стратешки мерки за да се спроведе енергетската транзиција. Се најавува и раст на платите и поддршка за стопанството и граѓаните:
„Низ инклузивен процес, со вклучување на сите релевантни фактори, синдикати, комори, ќе дојдеме до прифатливи решенија за сите заинтересирани страни. Фокусот на Владата преку економските политики и мерки е кумулативниот раст на продуктивноста на трудот да достигне до 15% за да овозможиме и реално зголемување на нето платата низ целата економија за најмалку 13,4%. Со овие активности се придонесува за зголемување на просечната плата од над 3.100 денари на месечно ниво. До крајот на мандатот на Владата, проектираме просечната плата да изнесува 34.000 денари, базирано на континуираниот раст на просечната нето плата во изминатиот период“, се вели во програмата на Ковачевски.
Долгорочни приоритети
Експертите сугерираат дека освен краткорочни мерки се потребни и долгорочни чекори, пред сѐ во справување со енергетските предизвици, но и во делот на производството на храна, каде има капацитети, но нема резултати:
„Овие состојби можат да се надминуваат со сериозна имплементација на енергетската стратегија, која е насочена кон максимално искористување на природните потенцијали на државата, за што имаме услови и можеме да обезбедиме енергетска независност, особено користејќи ги потенцијалите ветер и сонце, а тука е и хидро-потенцијалот. Тенденцијата е да се оди кон зелена енергија, која е сепак поскапа. А во делот на обезбедување на храна, парадоксално е Македонија која има компаративна предност и критични фактори на успешност, а тоа е земјоделското производството, сепак повеќе да увезува отколку што извезува храна. Тоа е нешто што сериозно треба да се менаџира, како да се подобри искористеноста на пример на субвенциите кои ги дава државата во изобилство, а истите не резултираат со поголемо производство. Особено не со производите кои можат да бидат конкурентни на светскиот пазар“, предупредува професорот Зоран Ивановски.
Какви се предизвиците, доволно покажуваат бројките. За безмалку две децении државата потрошила над една милијарда евра за земјоделски субвенции, а годишно државата троши по околу 700 милиони евра за увоз на храна и други потребни производи за прехранбената индустрија.