1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Строгиот карантин донесе успех во Португалија

Јан Валтер
9 април 2021

Со седумдневна инциденција од 30, Португалија го олабавува строгиот карантин. Мерките кои во јануари ги воведе владата во Лисабон кога инциденцијата се искачи на 900 очигледно даваат резултати.

https://p.dw.com/p/3rkkr
Portugal | Coronavirus | Lockerungen der Einschränkungen
Фотографија: Pedro Fiuza/NurPhoto/picture alliance

Португалија постепено повторно се отвора. Два месеци луѓето речиси и да не смееја да излезат низ врата. Кон средината на март владата во Лисабон ги спроведе првите олабавувања на рестрикции и презентираше план со кој на 3 мај животот треба повторно да се враќа во нормала.

На почетокот на годината сликата од југозападниот дел од Европа беше сосем поинаква. Бројот на заразени во Португалија порасна вртоглаво иако кон средината на декември бројот на новозаразени опаѓаше. Во неделата по Божиќните празници имаше 246 позитивни на 100.000 жители, а до крајот на јануари овој број порасна на 885. Во овој период тие беа први во светот по седумдневната инциденција и бројот на починати од корона – 30 починати на еден милион како последица од Ковид 19. Тогаш Германија испрати 26 припадници на Бундесвер - лекари во Лисабон како поддршка за португалскиот здравствен систем.

Кон средината на јануари владата на премиерот Антонио Коста повлече кочница и речиси го запре социјалниот живот во земјата. Но мерките се покажаа како исправни: како што бргу пораснаа бројките така бргу почнаа да паѓаат. Четири недели подоцна седумдневната инциденција е под 100, а во моментов е дури и под 30.

24 часовен полициски час

Мерките на владата беа крајно строги: од 15 јануари во Португалија никој не смееше да излезе од дома без оправдана причина. Исклучоци важеа само при пазарење за итни потреби, пат до работа или училиште и кратка прошетка на воздух. Средби со лица од други домаќинства строго забранети. Во меѓувреме се дозволени повеќе исклучоци, но се уште важи препораката да не се излегува од дома без потреба.

Задолжително носење маски насекаде

Без разлика на причината за излегување, насекаде во Португалија е задолжително носење маски – не само при купување, туку и на отворено. Ова важи и понатаму.

Забранети културни и спортски настани

Сите културни, спортски и објекти за рекреација во земјата се затворени од јануари. Оттогаш физички вежби се дозволени само во близина на местото на живеење. Истото важи и доколку го шетате миленикот.

Од понеделникот повторно се дозволени активности со „низок ризик“. Во ова спаѓаат спортски активности како тенис, голф, веслање и сурфање. И музеи, паркови и други знаменитости се повторно отворени за посетители. Дистанца од два метри е задолжителна.

Дозволено купување само храна и хигиенски продукти

Клуч на продавници, ресторани и услужни дејности. Дозволена беше само продажба на храна и хигиенски продукти, а рестораните работат само со достава. Од средината на март повторно е дозволена работата на фризерници и козметички студија, а од почетокот на април и помали продавници со сопствени влезови и киосци. Рестораните и кафетериите се планира да се отворат кон средината на април.

Болниците преполни, Ковид-пациентите во спортски сали

Задолжителна работа од дома

Онаму каде што е можно се препорачува работа од дома. Исклучок е дозволен само за оние професии категоризирани како „есенцијални“ односно луѓе кои работат во „критичната инфраструктура“. Овие регулативи важат и понатаму.

Затворени училишта

Училиштата, универзитети и градинки беа исто така затворени од почетокот на годинава. Мали исклучоци важеа само за специјализирани училишта, како и оддели за терапија за лица со попреченост. Од средината на март се повторно отворени градинките, учениците од прво и второ одделение почнаа со физичка настава, а од неделава во училишните клупи се враќаат и децата од трето и четврто одделение.

Затворени граници

Границите кон Шпанија се затворени и летовите се во прекин. Дозволен е само неопходен влез во државата. Оној кој што ќе влезе мора да приложи негативен корона-тест и дополнително во зависност од земјата од која доаѓа и времето на престој, да остане во 14 дневен карантин. Сега има олабавување на правилата за влез за Шенген земјите.

Парични и затворски казни

Полицијата строго контролираше дали се спроведуваат мерките, а според медиумите дури и со хеликоптер. Казните за помали прекршоци, како на пример, неносење маски на улица се најмалку 100 евра. Оној кој намерно ги прекршува мерките или не реагира на предупредувањата од полицијата, мора да смета на построги мерки, а во некои случаи и затворска казна.