1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбински час за Британија

Биргит Мас
15 јануари 2019

Британските пратеници вечерва ќе гласаат за договорот за Брегзит кој го постигна премиерката Тереза Меј со ЕУ. Треба да го одбијат, а граѓаните да решаваат на втор референдум, смета Биргит Мас

https://p.dw.com/p/3BZ1B
Großbritanien | Theresa May | Parlament | Brexit
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/UK Parliament/M. Duffy

Веројатно нема многу пратеници во долниот дом на британскиот парламент кои не се чувствуваат прогонети од притисокот пред ова историско гласање. Исходот од гласањето ќе влијае врз Обединетото Кралство со децении: Се работи за неговата економска иднина, како и имиџот на Британија во светот, коегзистенцијата на генерации и односите со имигрантите.
Во моментов се чини дека премиерката ќе доживее тежок пораз, и тоа ќе биде заслужено. Договорот за Брегзит- со кој Британија треба да ја напушти ЕУ- има многу недостатоци во споредба со првичните ветувања на заговорниците на Брегзит и нивните поддржувачи. Не е спорно дека Британија, како што е договорено, за неколку години ќе може да избира кои имигранти од ЕУ ќе можат да влезат на нејзина територија, и притоа практично ќе ги напушти институциите на ЕУ. Но Брегзит ќе има значителен негативен ефект врз економскиот раст. Нема ни збор за заштедите од повеќе милијарди, кои ги ветуваат промоторите на Брегзит, кои потоа би можеле да се придодадат на здравствениот буџет. Суверено пост-Брегзит Обединето Кралство- земја на мед и млеко- останува само сон.

Загубен морален компас

Тереза Меј направи многу грешки. Долго време молчеше за економските последици на повлекувањето од ЕУ. Дополнително, никогаш не беше искрена за фактот дека Британија мора да прави компромиси со ЕУ за да спречи болно заминување од Унијата на крајот на март. Наместо да гради мостови, што вклучува компромиси со другите партии, таа ги продлабочи поделбите во земјата. Нарекувајќи ги мобилните граѓани „граѓани од никаде“- термин кој се однесуваше на про-Европејците- таа вознемири многумина.

Maaß Birgit Kommentarbild App
Биргит Мас

Нејзиното чувство на должност и цврстата решителност ѝ донесоа почит дури и од политичките противници. Но се чини дека во сета ревност, таа го загуби моралниот компас. Се чинеше опседната со наводната историска мисија, имено да ја имплементира волјата на мнозинството на оние кои гласаа на референдумот за Брегзит. Запирањето на неконтролираната имиграција на граѓани на ЕУ се чини беше нејзиниот Свет грал.

На почетокот, таа се ограничи себеси и својот преговарачки тим со повлекување на остри „црвени линии“, на пример за напуштање на заедничкиот пазар и на царинската унија.

Затоа сега, залудно се обидува да го обедини длабоко поделениот парламент околу нејзиниот пристап - дека постои само ваков договор и никаков друг. Оттука алтернативите се: Нема договор, или нема Брегзит. Таа е цврсто против втор референдум.

Референдумот на 23 јуни 2016, пак, беше само момент во минатото, а оние кои гласаа за Брегзит не добија големо мнозинство. Во тоа време, многу гласачи не беа свесни за целосните импликации на Брегзит. Во меѓувреме, станува јасно дека многу од ветувањата на поддржувачите на Брегзит не можат да бидат остварени, и ќе биде демократски доколку гласачите се прашаат да гласаат уште еднаш.

Оттука, пратениците треба да го одбијат договорот за да отворат пат за втор референдум. Секако, Британија може да ја напушти ЕУ, но во тој случај, ќе доживее тежок економски удар. Граѓаните треба да одлучат дали, под тие услови, навистина сакаат Брегзит.