1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судирот САД-Иран е најновата криза на Западот, НАТО и Европа

10 јануари 2020

Скарана со сите и во судир со сите, Америка ја почнува својата бавна, но неизбежна надолна линија, нешто што впрочем е судбина и на секоја империја - дури и онаа која не смее така да се нарече. Колумна на Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3Vz7f
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Да се зборува за право и правила кога всушност се зборува за војна може да делува суштински банално, бесмислено, можеби дури и несоодветно. Но, токму од правилата потекнува секое прашање на крвта и на смртта, иако светот во којшто денеска живееме наликува на свет кој е подготвен секое прашање да го делегира на силата и на моќта, на готовиот чин, на праксата која ја разорува теоријата и на тој начин всушност ја исфрла од игра и самата политика.

Самата фигура и појава на Доналд Трамп наликува на прототип намерно создаден да претставува еден свет без правила, од почеток до крај, односно од неговата одлука да се изврши смртниот атентат врз генералот Сулејмани, без притоа да го информира Конгресот и со тоа светот да се турне на чекор од глобална воена криза.

Убиството на иранскиот генерал во Ирак беше дело на државен тероризам, не акција во рамки на формална војна, ниту пак операција на меѓународна полиција одлучена помеѓу земји сојузници.

Една суверена западна држава, со вкоренети демократски и либерални вредности не може да одлучи да убие еден од тројцата врвни експоненти на една блискоисточна земја, без разлика дали таа држава е теократија или автократски режим без речиси никакви демократски карактеристики. Во овој случај, меѓународното право беше погазено со обичен клик, со твитер најава, со џојстикот на дронот испратен од Катар во својата смртна мисија.

Меѓународните институции, заштитата на мирот, светската соработка, почитувањето на универзалните права, сѐ ова беше фрлено во ѓубре. Дури и непишаните правила, дадениот збор, јавните гаранции дадени од Трамп дека нема да посегне кон воен конфликт, сѐ ова беше погазено.

На Блискиот или Далечниот Исток, ниту една влада веќе не ќе може да верува и да има доверба во ветувањата и договорите постигнати од страна на Трамп, но тоа веќе важи и за останатите западни лидери, особено на темите поврзани со безбедноста и мирот.

Деновиве тензиите спласнуваат и може да се каже дека Трамп ја покажа својата надмоќ над ајатоласите. Но, во моментите по нападот се правеа аналогии со 1914-та и убиството на Франц Фердинанд во Сараево. Денес со нешто поладни глави, аналогијата повеќе влече накај таа кобна 1938 година, кога Хитлер ги лажеше западните лидери Чемберлејн и Даладиер со лажниот договор за „мирот на нашата епоха“ во Минхен. Тогаш само Черчил ќе ги разбере вистинските намери на Хитлер и како навистина ќе се развива меѓународното сценарио, па дури и ќе го каже следното пророштво: „Требаше да изберете помеѓу војна и обесчестување. Одбравте да бидете обесчестени и ќе добиете војна“. Набрзо потоа светот ќе потоне во амбисот на еден од најкрвавите конфликти со преку 71 милиони мртви, на кои треба да се додадат и преку 6 милиони Евреи во нацистичките концентрационите логори.

Нова криза во НАТО

Недискутабилно е дека демократиите имаат право да се одбранат, дури и со превентивни акции, дури и со војни, во своја заштита и во заштита на своите граѓани. Но, во исто време, демократиите имаат ограничувања, самонаметнати и поттикнати од нивните квалитети: должноста да се бранат останувајќи суштински свои, без да станат слични или да се изедначат со лажните пропагандистички претстави на ширачите на теророт. Тоа значи дека демократиите мора да ги почитуваат обврзувачките правила кои самите им ги поставиле на своите водачи, условувавајќи ја и потчинувајќи ја употребата на сила под силата на правото. Затоа и секоја воена акција надвор од законите на демократијата е нелегална и набрзо станува штетна.

Сулејмани не беше терористички лидер баран од меѓународната заедница и светските тајни служби. Бил силен противник на САД и на западните земји, но во рамките на една институционална државна улога и функција, во рамки на држава која формално немала објавено војна кон САД. Бил закана и за Израел и за Западот, бил сигурно крвник, но бил и соработник на САД кој дал огромен допринес во борбата и уништувањето на ИСИС.

Тоа што за нас е важно и би требало да нѐ тангира, наместо идните наши амбасадори во НАТО да даваат смешни и заканувачки изјави до Иран, е дека тензиите помеѓу САД и Иран отвораат нова криза во Атлантскиот сојуз. Американскиот државен секретар Мајк Помпео тоа јасно го кажа: „Во моменти на опасност Америка не се чувствува поддржана од сојузниците“. Европејците не беа од помош, смета разочараниот Помпео. Според него, Британците, Французите, Германците, требало да разберат дека со тоа што САД го направиле, спасиле и животи во Европа.

Дури и последниот прес, веднаш по умерената одмаздничка репресалија од страна на Техеран и бомбардирањето на воената база во Ирак, покрај обидот за деескалација на тензиите со Иран, Трамп најмногу ќе се фокусира на НАТО и ЕУ, обидувајќи се да ја инволвира меѓународната заедница и Алијансата во неговата приватна војна. Трамп сега сака да ја прошири и сподели одговорноста канејќи ги НАТО, ООН и ЕУ да влезат подлабоко во блискоистичното буре барут. Но, НАТО и ЕУ веќе се инволвирани во регионот, во Авганистан и во Ирак, каде веќе голем број европски земји имаат по илјадници трупи кои работат на тренинг и градење капацитети на ирачките безбедносни сили. Да не говориме дека Европа има свои трупи во јужен Либан на граница со Израел, каде придонесува во одржување на кршливиот мир.

Влошување на лошото

Убиството на Сулејманисе придодава на една долга серија настани кои ги прават токсични односите во Алијансата. Откако е во Белата куќа, Трамп постојано ги камшикува сојузниците обвинувајќи ги дека се паразити на безбедноста, затоа што трошат премалку на одбрана и најголемиот товар го ставаат врз американскиот даночен плаќач. Трамп не размисли двапати кога одлучи да ги удри Европејците со царини, на ист начин како и Кинезите. Унилатерално одлучи да се повлече од нуклеарниот договор со Иран на својот претходник Обама и сега повторно бара од европските потписници да излезат од договорот. Дури и санкциите кои ги наметна врз Иран имаат свое екстратериторијално важење. Европските држави ги сметаат за нелегални и ги поѓаат нивните фирми кои работат со Техеран. Трамп си дозволи да постави санкции и за фирмите кои работат на гасоводот Северен тек 2, само дополнително влошувајќи ги онака не премногу добрите односи со Германија.

Во целата оваа веќе длабоко затруена ситуација Европа повторно е поделена околу сѐ. Но, и Европа повторно е поделнеа во своите односи со САД. За Американците денешната ситуација наликува на еден добро познат римејк – Европа се оттргнува од САД и внатрешно се поделува кога станува збор за Блискиот Исток. Како во 2003-та година и несреќната инвазија на Буш помладиот во Ирак, кој потоа ќе се залета и ќе прогласи „Mission Accomplished“. Видовме колку е навистина успешна ирачката приказна. Како и да е, и тогаш франко-германската оска водена од Ширак и Шредер се дистанцираше од војната и отворено го предизвика Буш. Другите Европејци избраа поинаков пат, тука пред ѐе Британија на Блер, кој ќе стане уште потврд застапник за инвазијата и од Американците. Тогаш Доналд Рамсфелд, министерот за одбрана на САД, ќе ја извади кованицата за „Стара и Нова“ Европа, правејќи разлика меѓу историските основачи на ЕУ како земји против интервенизмот на Вашингтон и земјите од Истокот како Полска, далеку поблиски до американските позиции. Тоа е нешто што и денес е сѐ уште валидно. Тогаш и политикологот Роберт Каган ќе ја лансира својата метафора според која: „Американците доаѓаат од Марс, а Европејците од Венера“. Американците наводно живееле во светот на тешката историја, на реалполитиката, во една џунгла полна со диви и крволочни животни, додека Европејците сонувале дека се во рајската градина каде нивната „тревопасна суперсила“ може да проектира мека моќ базирана на правила и вредности.

2003-та беше сигурно една од најкризните години за НАТО. Во 2020-та влегуваме со нов историски рекорд на несогласувањепомеѓу двата брега на Атлантикот. Европа преку Франција и по излезот на Британија дефинитивно ја претендира својата воена независност, оставајќи го на својата тажна судбина овој веќе историски и стратегиски надминат и анахрон сојуз. Француските и германските дипломатии по убиството на Сулејмани својата позиција ја координирале и усогласувале со кинеските колеги. Русија, Турција, Србија и Бугарија го предадоа во употреба гасоводот Турски тек. Светот размислува мултилатерално, хибридно, мултиполарно, секој влегува со секого во опортунистички односи или сојузи диктирани од своите интереси, а Македонија сѐ уште некритички гледа на својата ограничена позиција не гледајќи дека Балканот повторно е заборавен од САД. Во Кина испраќаме муслимански оџа или први се излетуваме да кажеме дека ќе внимаваме околу 5Г мрежата. Едноставно помеѓу ужасната автархија на режимот и денешниот дрзок комплекс на поголема вредност, не знаеме да бидеме помудар играч во едни комплицирани времиња.

Тоа што можеби највеќе загрижува е осаменоста на Европа. Предадени од страна на Американците, чиј претседател веќе не ги почитува имплицитните обврски од еден сојуз, под закана од Русија, Европа се најде во ситуација само во Пекинг да бара соговорник кој не е отворено непријателски настроен. Од Украина до Крим, од Сирија до Курдистан и Либија, да завршиме со Ирак, Иран и судирот меѓу шиитите и вахабитските сунити, историјата на последната деценија е постојано демантирање на европската аксиома базирана на мека моќ, односно дека нема воени решенија за меѓународните кризи и дека единствениот начин е оној на политиката и дипломатијата.

Други колумни од авторот:

Завршува најдолгата деценија во историјата на Македонија

Импичмент и избори во поделена Америка: Трамп ќе победи!

Два Запада

И штом проговори оружјето, ете како Европа е принудена да молчи или во најдобар случај да пелтечи. И тоа не произлегува толку од немањето воен капацитет или дипломатија која би ги надминала гротескните национални амбиции. Дури и ЕУ да имаше своја војска, тешко дека ќе можеше ја употреби со истата немилосрдност како онаа на Русија, Турција или САД.

Тоа е веќе во кодот на Европа, најголемата жртва од две светски војни, и најболната совест од нејзиното колонијално минато, нешто што ја принудува на отфрлање на силата во решавање на меѓународните судири. Европските институции денес имаат демократско држење и јавно мислење кое не дозволува воени активности без консултирање на своите парламенти. И Европа треба да е горда на своите демократски вредности. Но, треба и да е свесна дека осаменоста со тие вредности се преточува во една политичка и дипломатска осаменост и слабост. Оттука можеме слободно да кажеме дека денес има повеќе од две Европи, има два Запада и дека фрактурата, пред сѐ вредносна, помеѓу САД и ЕУ, која евентуално ќе има свои терминални реперкусии и врз НАТО и врз некогашното историско сојузништво.

Но, тоа многу зависи и од самата Америка и од тоа како оваа година ќе гласаат Американците. Имам сомнежи дека дури и Трамп да биде поразен, Америка има влезено во една погрешна димензија на проекција на својата моќ, која не може веќе вредносно и стратешки да ја обедини со остатокот од Западот.

Америка во 2020-та година е немирна, империјална, свртена против сите. Контрадикторната позиција на хегемон, притоа притиснат од духовната и материјална мачнина на граѓанството и разореното општественото ткиво, ја приморува Америка да биде разнострана и универзална, но во исто време подеднакво агресивна и со своите клиенти и со своите непријатели.

Наместо да сме сведоци на регресот кон државата-нација ветен од Трамп, Америка го прави сосема спротивното: ја јакне својата светска позиција, расте во ладнокрвноста и свирепоста, во својата глобална изложеност, во својот солипсизам. „America first“ ги поставува националните интереси над сите останати работи, совранизмот и унилатерализмот на Трамп се борат своето раководење да го ослободат од сите меѓународни влијанија, сите сојузи и договори, нешто што се преточува и во внатрешната демократска трансформација. Идејата е да се стигне до претседател ослободен од сите ограничувања, тежи и контратежи, од секакви облигации кон минатото, од секакво почитување на старите правила на игра. Едноставно Америка работи на своето „ослободување“ на моќта од сите должности и контроли, и тоа што е најстрашно е што јавноста реагира со одобрување на целиот антидемократски процес.

Америка денес не е веќе империјалистичка, таа е остварена империја. Настрана заблудите според кои мислиме дека Америка се повлекува, Вашингтон ги зголеми своите воени контингенти на секој континент, купува луѓе и мозоци со назапирливо темпо, го префрлува на грбот на другите своето богатство и благосостојба преку монструозниот јавен долг од преку 23 илјади милијарди долари, третина од светскиот долг.

Заробена помеѓу неможноста да избега од својата судбина и желбата за изолација, суперсилата во овој момент како никогаш порано дистрибуира и го смета за свој инструмент - хаосот. Промовира неинтервенизам кога тоа ѝ создава замор, претендира сателитите да трошат или да платат ако сакаат да се дел од нејзиниот систем. На крај, завршуваат со тоа секој соговорник да им стане непријател. Скарана со сите и во судир со сите, Америка ја почнува својота бавна, но неизбежна надолна линија, нешто што впрочем е судбина и на секоја империја - дури и онаа која не смее така да се нарече.