Сѐ уште нема договор за Брегзит - на Меј ѝ гори под нозе
15 октомври 2018Набљудувачите во Брисел вчера попладне беа во трескавично очекување: главниот преговарач за Брегзит на ЕУ, Мишел Барние, требаше да разговара со британскиот министер за Брегзит, Доминик Раб. Доаѓањето на Раб не беше претходно најавено, па веста за пристигнувањето во Брисел се толкуваше на два начина. Од една страна, Раб можеби се најавил за да стави свој потпис врз готовиот договор. Од друга страна, пак, можеби во последна минута има потреба од разјаснување на некои клучни прашања, на кои одговор може да даде само министерот.
Преговарачите наводно биле на чекор до успех. Меѓутоа, тие шпекулации се покажаа како неосновани, зашто во штурото соопштение имаше само констатации дека се воделе преговори и дека нема резулат.
Времето истекува
Истата вечер ЕУ-амбасадорите на 27-те членки се повикани во Брисел за да бидат информирани за преговорите. Тој круг политичари, според предвидената процедура, би требало прв да даде согласност, за да се дојде до конечен договор. Беше предвидено веќе денеска попладне т.н. „дипломатски шерпаси“, односно емисари на владите, да почнат со подготовка на министерски самит. Таа подготвителна фаза е откажана, исто како и прес-конференцијата на којашто требаше да се појават Раб и Барние.
Значи, преговорите повторно пропаднаа во самиот финиш. Време има сѐ помалку. Имено, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, најави дека во случај на непостигнување договор до среда, тој ќе свика самит на ЕУ во ноември за т.н. „неуреден Брегзит“ - „No-Deal-Brexit“.
И оваа закана е стратешка. Терминот би можел да се помести, но последниот можен термин би бил т.н. Божиќен самит, на средината од декември. Значи, остануваат уште два месеца.
Гаранции за Северна Ирска
Во преговарачкиот жаргон „Backstop“ ја означува волјата на ЕУ и по Брегзит да не се враќа „тврдата граница“ меѓу Северна Ирска и Република Ирска. Брисел сака Северна Ирска да остане посилно поврзана со ЕУ, а британските унионисти тоа стриктно го отфрлаат. Минатонеделната средба на Барние и на шефицата на северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), Арлин Фостер, веројатно протекла во атмосфера на тензии и нетрпеливост. Таа партија ѝ обезбедува на британската премиерка Тереза Меј мнозинство во Лондон. Оттука, не би требало да зачудува што премиерката го заостри тонот, изјавувајќи дека нема да дозволи ни најмала разлика меѓу правилата за Северна Ирска и остатокот од Кралството.
Повеќе:
Брегзит: Џереми Корбин, заборави го егото!
Унионистите имаат средства за притисок. Се заканија дека ќе оневозможат усвојување на буџетот за 2019 година во британскиот парламент. Тереза Меј затоа предложи цела Велика Британија во преодниот период да остане во царинска унија со ЕУ. Со тоа царинските контроли на границите во голем дел би станале излишни, а спорот би се одложил.
Меѓутоа, министерот за трговија Лијам Фокс во таков случај не би можел да склучува билатерални договори ширум светот, а токму таа можност беше една од главните аргументи на заговорниците на Брегзит. Тереза Меј сака да ги смири со временско ограничување на останувањето во царинска унија со Брисел. ЕУ тоа категорично го отфрла, поради тоа што истиот проблем ќе биде на маса за две или три години. Британската страна побара продолжување и на преодниот период, што Брисел исто така не го сака. Не попуштаат ниту едната ниту друга страна.
Сѐ друго е веќе договорено. Од дипломатски кругови се слуша проценка дека 85% од материјата се регулирани. Но, изгледа дека остатокот претставува непремостлива пречка.
Меј сочена со огромни проблеми
На британската премиерка буквално ѝ гори под нозе. Неколку помлади министри размислуваат да дадат оставки доколку дојде до царинска унија. Унионистите се закануваат со општ бунт и пропагираат Брегзит без договор. Наводно, веќе постојат 44 барања за гласање недоверба на премиерката, со 48 барања такво гласање навистина би се покренало.
Не е до крај извесно ниту дали Тереза Меј би имала мнозинство во парламентот за договорот со ЕУ. Нејасно е и дали таа политички ќе преживее до крајот на ноември или средината на декември.