СЈО реферира, Уставниот суд тактизира
15 септември 2016Уставниот суд, чиј колективен одмор заврши на 31 август, од 1 септември до денес сѐ уште нема закажано седница ни за други иницијативи, ниту пак за иницијативата за оценување на уставноста за законот за Специјалното јавно обвинителство. А токму последново е дел од политичкиот договор меѓу лидерите на четирите најголеми партии, со цел да се тргне Дамокловиот меч кој цела година виси над судбината на оваа институција. Четворицата лидери на 20-ти јули го повикаа Уставниот суд што поскоро да донесе одлука за уставноста на Законот за СЈО. Во случај Уставниот суд да одлучи дека Законот за СЈО или делови од него се неуставни, четирите партии се обврзаа во рок од пет дена да го усогласат со одлуката на Судот и одново да го воспостават СЈО, со што „ефикасноста, опсегот и целите на СЈО треба да бидат задржани“.
До утрово на веб-страницата на Уставниот суд како последен датум од неговите активности сѐ уште стоеше 30 јуни. Доколку Уставниот суд денес закаже седница, таа најрано би се одржала на 21-ви септември, среда, кога е вообичаениот ден за седници на Уставниот суд. Од Судот неофицијално најавуваат дека седница ќе има во втората половина на септември, но не прецизираат дали на нејзиниот дневен ред ќе биде и иницијативата за оценување на уставноста на Законот за СЈО. Според истите извори, можно е првата седница да се одржи дури во последната недела од септември, бидејќи претседателката Елена Гошева, наводно ќе замине на кратко службено патување. Притоа, не треба да се исклучи и тоа што Судот ќе биде зафатен со избор на нов секретар на Уставниот суд, бидејќи на досегашниот му истекол мандатот. На 1-ви ноември завршува и тригодишниот мандат на претседателката Елена Гошева без право на реизбор, што значи дека веќе од октомври треба за започне и процедурата за избор на нов претседател на Судот.
Одлука до октомври!
Сето ова во правни кругови ги отвора сомнежите за одредено тактизирање и калкулации со времето, бидејќи според изборниот роковник Собранието треба да се распушти на 12-ти октомври. Со оглед дека процедурата на Уставниот суд за одреден предмет трае повеќе од еден месец, доколку тој ја донесе одлуката после 12-ти октомври, парламентот веќе нема да заседава и не ќе може да се изгласаат евентуални измени за усогласување на законот за СЈО со одлуката на Уставниот суд. Тоа практично значи дека СЈО не ќе може да функционира се до конституирањето на новиот парламент. Од друга страна, има и примери кога Уставниот суд дејствувал многу побрзо и поефикасно. Таков беше случајот кога на дневен ред експресно беше ставена иницијативата на ДУИ за свикување на Собранието. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, се надева дека Судот навреме ќе заседава и дека ќе донесе одлука до почетокот на октомври.
„Ако не дај Боже се донесе лоша одлука, а СЈО е една од институциите што ја има најголемата доверба кај граѓаните, тогаш 200.000 народ ќе се истури на улиците. Жестоко ќе реагираат граѓаните пред сѐ, а заедно со нив и опозицијата. Така што, во таков случај најмалку важно станува прашањето дали ќе има избори или не“, оцени тој, потенцирајќи дека „ако биде укинато СЈО, никој не ќе може да го контролира народот“.
Според Заев, ако Уставниот суд воопшто не се изјасни за СЈО до октомври или до изборите, тоа нема да го доведе во прашање одржувањето на изборниот процес, бидејќи таа институција е формирана да работи врз основа на закон и на Уставот, и ќе продолжи да работи.
Правни експерти и поранешни уставни судии велат дека прашањето за СЈО е од суштинска важност, но имајќи предвид што се случуваше во претходниот период, нема да бидат изненадени од каква било одлука што може да произлезе од Уставниот суд, а најмалку од одложување на одлуката за СЈО. Барањето Уставниот суд да се изјасни за СЈО не е само дел од политичкиот договор. Тоа го побараа и учесниците во „Шарената револуција“, со цел да се стави крај на притисоците и опструкциите врз таа институција.
Втор извештај на СЈО
И додека се чека Уставниот суд да закаже седница, денеска, на годишнината од нејзиниот избор за специјален јавен обвинител, Катица Јанева ќе го достави до Собранието вториот шестмесечен извештај за работата на оваа институција. Извештајот во кој ќе бидат нотирани напредокот во истрагите, податоци за финансиите, за кадровската екипираност и за сите активности на СЈО, ќе биде доставен и до Советот на јавни обвинители, а ќе биде јавно објавен и на веб-страната на СЈО. Тој денеска ќе биде презентиран и пред новинарите на прес-конференција во 11 часот.
Ова обвинителство во првата половина од годината отвори неколку истраги: „Титаник“, „Тортура“, „Тврдина“, „ТНТ“ и „Транспортер“, а од летото започна постапки и за 20-тина нови истраги. Според неофицијални информации, деновиве СЈО може да бидат поднесени едно или две обвиненија, но засега не е извесно за кои предмет(и) станува збор.
Првиот Извештај на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, од 15 март, беше повод за жестоки расправии меѓу СЈО и Советот на јавни обвинители. Советот инсистираше Јанева лично да образложи делови од извештајот, поради што седниците за негово разгледување беа неколкупати одложувани, а истото го бараше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Тие ја обвинија Јанева дека не ги почитува институциите и се става над Собранието и над Уставот.
Според Законот, Јанева нема таква обврска, па личното презентирање на Извештајот е исклучиво чин на добра волја.
„Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите, односно нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според јавниот обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, се вели во член 7 став 2 од Законот за СЈО.