1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Итно членство за С. Македонија во ЕУ, а не игра на датуми

ДТЗ
16 март 2022

Доколку Путиновата агресивна политика не ја разбуди волјата за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, тогаш е и прашање дали навистина постои, вели Емил Кирјас.

https://p.dw.com/p/48VQR
Nordmazedonien Emil Kirjas, ehemaliger Diplomat und politische Analytiker
Фотографија: privat

Ќе го фати ли Северна Македонија возот за ЕУ во јуни? Последните пораки коишто пристигнаа од високи претставници на Унијата се дека има волја да се забрза процесот за интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, особено поради зголемените безбедносни ризици поради војната меѓу Русија и Украина. Но, покрај надеж дека тоа може да се случи веќе на наредната меѓувладина конференција во јуни, никој не може да даде конкретен датум и ветувања.

Откако еврокомесарот Жозеп Борел во понеделникот (14.03.2022) пристигна во Скопје со силна волја, но без конкретен датумза почеток за преговорите со ЕУ, по него и шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир порача дека не сака да влезе во „игра на датуми“ за тоа кога би се случила деблокада на пристапниот процес на земјата. Тој повеќе е загрижен од растечката политичка поларизација, особено во Собранието, поради што им порачува на различните политички групи да седнат и да се усогласат за ЕУ-агендата и за напредокот на земјата. 

„Тоа значи дека ќе има помалку употреба на европското знаме за да се скрати дебатата, но и дека законските решенија нема да бидат блокирани“, вели Дејвид Гир во интервју за „360 степени“. 

David Geer: EU Botschafter in Nordmazedonien
Дејвид Гир порача дека не сака да влезе во „игра на датуми“ за тоа кога би се случила деблокада на пристапниот процес на земјатаФотографија: Arbnora Memeti

Кој воз да го фатиме? 

„Кој воз за ЕУ за јуни - оној што оди на границата на Полска со Украина или за Брисел? Ако до крајот на февруари главна тема ни беше почетокот на преговорите, во новиот свет кој Путин ни го постави со инвазијата на Украина би било упатно и ние и ЕУ да брзо да се прилагодиме и да ја смениме парадигмата. Не е само потребно итен почеток на преговорите за членство, туку е потребно и итно членство на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Унијата“, вели политичкиот аналитичар Емил Кирјас за ДВ. 

Според него, говорењето дека процесот ќе трае со години или со децении веќе станува мантра која му оди во прилог исклучиво на Кремљ и на авторитарните лидери кои наоѓаат инспирација во агресивноста на Путин.

„Никако не смее да се импровизира и да се прават необмислени посети, ниту во Скопје ниту во Брисел, затоа што со еден пост/твит руската амбасада во Скопје може да ги анулира сите позитивни намери од таквите средби. Мора да се работи апсолутно креативно со нов елан и со нова енергија на три полиња“, дециден е Кирјас.

Nordmazedonien und EU
Не е само потребно итен почеток на преговорите за членство, туку е потребно и итно членство на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Како прво, според него, потребно е итно вклучување на Северна Македонија и Западен Балкан во сите постоечки и претстојни финансиски пакети за заштита од последиците од Ковид-19 и руската инвазија.

„Ниту С. Македонија, ниту Западен Балкан не ќе можат сами да ги издржат последиците од овие две последователни кризи. Се разбира, тоа подразбира и целосно усогласување и на Србија со позициите на регионот и на ЕУ, доколку сака да биде дел од механизмите“, вели нашиот соговорник.

Како второ, тој потенцира дека е потребно постигнување решенија за брзо отворање на формалниот процес за зачленување. Секое одлагање само би го отежнало процесот.  И трето, брзо затворање на процесот на интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во ЕУ, во период не подолг од 5 години, при што ќе се следи принципот на условност за правата, согласно со напредокот на зацврстувањето на државата.

Тоа, вели Кирјас, ќе значи дека сѐ додека не се постигнат одредени договорени стандарди, новопримените членки нема да можат да имаат право на глас во одредени европски инстутиции, било да е тоа Европскиот Парламент, Комисијата или Советот. Таков пристап е можен дури и со сегашните Договори на ЕУ.

„Потребна е само волја, која доколку Путиновата агресивна политика не ја разбуди, тогаш е и прашање дали навистина постои“, додава тој. 

Нова динамика - нова надеж 

Високите преставници на ЕУ деновиве порачаа дека се охрабрени од новата динамика во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија. „Она што го гледаме во изминатите месеци, од јануари наваму, е нова динамика во односите. Има работни групи, интензивирање на контактите што е многу охрабрувачки. Ова е добро, ова е позитивно, сакаме тоа да продолжи, да се одржи „моментот“ за овие прашања да се надминат и потоа да се отворат пристапните преговори, што е можно побрзо“, вели евроамбасадорот Гир. 

И Борел при посетата на Скопје рече дека ова е момент за будење на Европа и дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан треба да заживее. Борел рече дека го разбира разочарувањето на македонските граѓани поради блокадата на евроинтеграциите, истакнувајќи дека токму тој процес е стратешки приоритет на Унијата.

Nordmazedonien - Premierminister Dimitar Kovacevski trifft Josep Borrell
Каде што има волја, има и начин, порача од Скопје, Жозеп БорелФотографија: Petr Stojanovski

И Борел решавањето на билатералниот спор со Бугарија, го потенцираше како важен чекор на пристапувањето кон ЕУ. 

-повеќе на темата: Војната во Украина и европската интеграција: нема брз колосек за Балканот

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во вторникот (15.03.2022) на брифинг со новинарите оцени дека прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент.

Тој вели дека сѐ уште постојат разлики со Бугарија, но дека се обидуваат да дојдат до решенија коишто ќе бидат прифатливи за двете страни. Во оваа фаза од разговорите тој не изнесе повеќе детали за нивниот тек. На 23 и 24 март во Скопје се очекува да допатува бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, по што се можни средби и на повисоко ниво пред јуни.