Тарчуловски вети дискриминација, Изборниот законик немоќен
12 октомври 2017Во Изборниот законик, за жал, не е предвидена ниту една одредба што може да санкционира форми на најавена и спроведена дискриминација на гласачите, па останува кандидатските ветувања со дискриминаторски предзнак да бидат санкционирани директно од избирачите на денот на гласањето, велат правни експерти. Ваквиот став следи по изјавата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, Јохан Трачуловски, дека има одговорност кон жителите „од Припор, Драчево и главните места“ кои би гласале за него, а не и за оние од Пржино и Црниче, каде што 90 отсто биле против него.
„Тука јас имам терет и одговорност према луѓето, а не во Пржино, Црниче коишто се 90 отсто против мене. И тој не ти ни отвара врата и те плука од прозор. Сега ме тера некој да му правам јас одвод и канализации, а ти овде немаш ни струја ни вода. Е не може така. Редот ќе почне: првин тој што заслужил, тој што донел највише гласови - на тој ќе му се направи! После ќе видиме дали има нешто за другиот или нема“, рече Тарчуловски на средба со граѓаните. На видео - снимката се слуша како присутните го одобруваат ваквиот пристап, а еден и гласно потврдува дека „тука е машинеријата“, во смисла на гласачката.
Закана и притисок врз гласачите
Правни експерти кои ги консултираше ДВ велат мора да се имаат предвид два аспекта: прво, дека периодот на изборната кампања кој дава малку „поширока“ слобода на изразување никако не смее да биде злоупотребен за „ветување“ на дискриминаторски однос кон граѓаните. Второ, дека има разлика дали ваквите најави ги дава кандидат за градоначалник или веќе избран градоначалник. Доколку се остварат вакви најави и ветувања, тие подлежат на член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој вели: „Директна дискриминација е секое неповолно постапување, разликување, исклучување, ограничување или привилегија, кое како резултат има или би можело да има одземање, нарушување или oграничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го имало или би можело да го има друго лице во исти или слични услови“.
Од организациите акредитирани да го следат текот на кампањата и изборниот процес за денеска најавуваат реакции на изјавата на Тарчуловски. Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“, вели дека изјавата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ „е јавна закана и притисок врз гласачкото тело“.
„Таа изјава на Тарчуловски говори за подготвеноста да се злоупотребат општински ресурси за политичка одмазда кон оние што не мислат исто како него, односно кон оние не го гласаат. Притоа, крајно загрижува и односот на ВМРО-ДПМНЕ, која го кандидирала Тарчуловски за градоначалник. Наместо партијата да го опомене, да се огради од таа изјава или да го повлече - што би било голема политичка доблест, таа излегува во негова гласна одбрана, притоа без никакви аргументи за 'oдбраната', па дури и со контранапад кон опонентите во истото соопштение. Со тоа, од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека како партија се подготвени за злоупотреба на општинските ресурси, во истиот манир во кој зборува Тарчуловски на објавената видео-снимка“, вели Дерала.
Одбрана без докази
ВМРО-ДПМНЕ вчера целосно застана во одбрана на Тарчуловски, но без никакво објаснување за она што тој го зборувал пред гласачите. Партијата која во слични ситуации редовно обвинуваше за „сечено, лепено, креирано, монтирано“, овојпат најде друго образложение - „извадено од контекст“.
„Ниту една манипулација, изјава извадена од контекст, местенка и лага не може да го спаси СДСМ од огромниот пораз кој ги очекува. Видеото кое СДСМ го шири низ интернет просторот за Јохан Тарчуловски е целосно извадено од контекст“, соопшти партијата. Од таму останаа недостапни да одговорат од каков контекст е извадена изјавата и зошто не ја објават целата снимка за да го докажат тоа ако е така, особено што во долгото соопштение на партијата нема никаков одговор за овие прашања, туку само бројни критики до СДСМ. И партијата и Тарчуловски вчера избегаа од одговор на овие прашања.
Социјалдемократите во нивната реакција ги повикаа граѓаните на 15-ти октомври да стават крај на поделбите, уцените и заканите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тарчуловски, јавно и без срам кажа дека се кандидира само за да ги дели и дискриминира граѓаните. Ваквиот став на Тарчуловски е само уште еден доказ за тоа како функционираше ВМРО-ДПМНЕ, и дека се уште е заробено во старата ера. Тие, не само што не можат да излезат од политиките на поделби, протекции, непотизам со кои владееја 11 години, туку отворено кажуваат дека така ќе продолжат и во иднина. Кисела Вода ќе ги казни дискриминаторските ставови и политиката на поделби на Тарчуловски“, се вели во реакцијата.