Тајани: Брегзит може да се одлoжи за само неколку недели
9 март 2019Датумот на излегување на Велика Британија од Европската унија би можел да се пролонгира „најмногу за неколку недели“, максимално до почетокот на јули, кога ќе се состане новоизбраниот состав на Европскиот парламент, изјави првиот човек на ЕП, Антонио Тајани за медиумите од групата „Функе“. Одлагање на Брегзит е можно, но само за неколку недели, изјави претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани. „Во секој случај, Британците ќе мора да ни ја наведат причината за одлагањето, на пример дека тоа време им е неопходно за нови избори или за нов референдум“, вели Тајани. Тој оценува дека Британците одлучиле оти сакаат да ја напуштат ЕУ, па „тоа е нивен проблем, а не наш“.
Повеќе:
Меј попушта и нуди гласање за одлагање на Брегзит
Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд Брегзит
Без промени на договорот за Брегзит
„Нам ни е потребно флексибилно решение за границата помеѓу Северна Ирска и Република Ирска“, оценува Тајани, додавајќи дека не смеат да се загрозат достигнувањата од договорот на Велики петок од 1998 година, зашто во спротивно се заканува насилство.
Станува збор за „спречување на најголемата можна грешка што може да се направи - хаотичен Брегзит без договор“, објаснува претседателот на ЕП. „Тоа би била катастрофа за британската економија и штетно за нас.“ Истовремено, Тајани отфрла промени на договорот за Брегзит.
Долниот дом на британскиот парламент во јануари со големо мнозинство го отфрли договорот за излегување од Унијата постигнат со ЕУ. Британската премиерка Тереза Меј во вторник повторно ќе го стави договорот на гласање во парламентот. До датумот за Брегзит - 29 март, има уште само две недели. Доколку во вторник договорот биде повторно отфрлен, пратениците еден ден подоцна ќе гласаат за тоа дали Велика Британија треба да излезе од ЕУ без договор. Доколку и оваа опција биде отфрлена, во четврток пратениците ќе одлучуваат по молбата до ЕУ за одлагање на датумот за излегување од Унијата.