1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Твитер-премиерот на Индија

Зилке Дитрих (ард) / А.Трајковска13 октомври 2014

64 години, бела брада и ретка коса, а сепак на цена кај младата генерација. Премиерот на Индија Моди сѐ почесто им се обраќа на луѓето преку социјалните мрежи, и ги одбегнува критичките прашања од новинарите.

https://p.dw.com/p/1DShF
Фотографија: Reuters/Lucas Jackson

"May the force be with you": Оваа "Star Wars"-реченица премиерот на Индија Нарендра Моди ја кажа неодама во Њујорк. Илјадници Американци со индиски корени го славеа неговиот настап.

Во Њу Делхи многумина дознаа за настапот на Моди во САД преку социјалните мрежи: „Вообичаено не читам весници и затоа не знам што точно се случува во политиката. Но, откако Моди е на социјалните мрежи, знам што се случува“, вели Шубхани. Нејзината пријателка Палак и упаднува во зборот: „Цитатот од 'Star Wars' беше толку кул. Секој сега го следи Моди, бидејќи сите млади луѓе мислат дека Моди е супер кул“.

30 милиони, кои го следат Моди

64 години, бела брада и ретка коса, а сепак на цена кај младата генерација: Повеќе од 30 милиони луѓе го следат индискиот премиер на социјалните мрежи и нивниот број секојдневно се зголемува. Моди точно ги препозна знаците на модерното време, вели новинарот Хиндол Сенгупта: „Тој го прави тоа што би требало да го прави еден добар политичар. Тој чувствува што е токму сега во тренд“.

Факт е дека сѐ повеќе Индијци се на интернет - пред сѐ откако драстично паднаа цените за мобилните телефони. Во Индија има повеќе мобилни телефони отколку тоалети. Премиерот Моди меѓутоа сега сака да ги реши санитарните проблеми и за тоа стартуваше кампања преку социјалните мрежи се разбира: На неговиот сопствен Јутјуб канал тој дава добар пример и мете една улица во Њу Делхи. Почеток на неговата кампања: „Да ја направиме Индија почиста!“

Logos von twitter RSS und Youtube
Контакт со граѓаните преку социјалните мрежи

Моди дури и води дипломатија преку социјалните мрежи. Преку Твитер тој му испрати роденденска честитка на јапонскиот премиер и на 3. октомври ѝ честиташе на Германија за Денот на германското единство. Прашањата за неговите политички цели меѓутоа речиси не ги одговра. Стандардниот одговор за новинарите гласи: Следете ме на Твитер!

Лоши искуства со медиумите

Моди во минатото имаше лоши искуства со мејнстрим медиумите, смета новинарот Сенгупта. „Во Индија сега сфаќаат дека има фактички и пета сила во државата. Тоа се луѓето, со кои политичарите можат директно да се разменуваат - преку социјалните мрежи. Само медиумите да разменуваат информации со владата и истите да ги прошируваат, овој модел сега се менува“.

Кај многу млади Индијци овој нов модел е популарен, студентктата Рашми преку Твитер дозна за кампањата за почиста животна средина и таму директно му предложи на Моди да постави повеќе канти за отпадоци во градовите. „Тој сака да допре до јавноста преку сите можни патишта и луѓето можат дури директно да му го кажат своето мислење. И потоа го прави тоа што мисли дека е најдобро за народот“.

И речиси доби одговор. Моди преку Твитер напиша: Повеќе канти за смет? Тоа е добра идеја. За другите идеи Индијците можат да дискутираат на новата интернет страница „Мојата влада во Индија“.