Тече вториот круг на шестите избори за петтиот претседател
5 мај 2019Навреме се отворени избирачките места во земјата и без проблеми во 7 часот утрово започна гласањето во вториот круг од шестите претседателски избори за избор на петтиот македонски претседател. Право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои треба да избираат меѓу кандидатката на опозицијата, Гордана Сиљановска Давкова и кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски. Во првиот круг ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство од 904.066 гласови за да биде избран претседател на Републиката.
Во вториот круг за претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, но доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Ако во вториот круг не биде исполнет таквиот цензус, според Уставот, треба да се повтори целата изборна постапка. Со оглед дека на 12-ти мај завршува мандатот на претседателот Ѓорге Иванов, во случај на неуспешни избори функцијата претседател на Република Северна Македонија привремено ќе ја извршува претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Битка за цензус
Излезноста во првиот круг од претседателските избори беше 41,79 отсто, односно на гласање излегоа 755.702 граѓани од вкупниот број во Избирачиот список - 1.808.131. Тој одзив се смета за најнизок од осамостојувањето на земјата. Сите други избори покажуваат подголема излезност. Во 2004 година одзивот во првиот круг бил 55,2 проценти, а во вториот круг 53,6 отсто. И на претседателските избори одржани во 2014 година, одзивот беше поголем, но причината за тоа беше што во истиот термин се одржаа и парламентарни избори, што влијаеше за многу поголема мобилизација на гласачите. Највисока излезност имало на претседателски избори 1999 година, кога во првиот круг на гласање излегле 65,23 отсто од гласачите, а во вториот круг 69,56 отсто. Рекордот го држат претседателските избори во 1994 година со 77,76 отсто излезност.
Како ќе биде денеска? Партиите и двајцата претседателски кандидати се надеваат дека на денешното гласање излезноста ќе биде поголема од онаа во првиот круг, и дека изборниот процес ќе заврши успешно. Вчера успешно и без проблеми заврши гласањето на болни и немоќни, на притворени, затворени и раселени лица.
Под лупа на набљудувачите
Регуларноста на денешниот изборен процес ќе ја следат 3.381 домашни и 520 странски набљудувачи, а ќе известуваат 60 странски новинари акредитирани од ДИК. Од домашните, најголем број набљудувачи има Граѓанската асоцијација МОСТ, потоа Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција МАК-СОНЦЕ Скопје, и Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017 Скопје. Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 195, а покрај нив изборите ќе ги следи и делегација на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади во Македонија, меѓу кои амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ.
Во канцеларијата на Народниoт правобранител во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржува и втор круг од предвремени локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село. Во Охрид за градоначалничката функција се натпреваруваат кандидатот на СДСМ, Константин Георгиески, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Митре Милошевски, а во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ.