1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦСУ: Вонредна седница поради лобистот на Груевски и маските

ЕМФ
19 март 2021

Оставката на пратеникот Тобијас Цех поради можен „судир на интереси“ и проширувањето на аферата со маските, го натера раководството на ЦСУ да закаже вонредна седница.

https://p.dw.com/p/3qtSl
Durchsuchung bei CSU-Abgeordnetem Nüßlein
Фотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

„За наредниот петок закажавме вонредна седница, со цел да извлечеме неопходни консеквенции“, изјави денеска генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Блуме во Минхен. Засега е неизвесно за какви консеквенции би можело да стане збор.

ЦСУ се соочува со огромна криза по обелоденувањето на аферата со маските, во која се води истрага против пратеникот во Бундестагот, Георг Нислајн поради сомневање за поткуп, како и против поранешниот баварски министер за правда, Алфред Заутер, кој категорично ги отфрла обвинувањата за валкани бизниси со маските. Заутер е соочен со отворени закани од партиското раководство со исфрлање од партијата, а Нислајн во меѓувреме веќе ја напушти ЦСУ.

Згора на сѐ, од вчеравечер во фокус на јавноста се бизнисите и лобистичката работа и консултантски услуги на пратеникот Тобијас Цех во Македонија, во времето на владеење на Никола Груевски. Цех веќе поднесе оставка поради можен „судир на интереси“. Тој е соочен со обвинувања дека ги поврзал своите претприемачки активности со мандатот на пратеник.

Повеќе:

Цех за лобирањето за Груевски: Политички недозволиво однесување

Германски пратеник поднесе оставка затоа што лобирал за Груевски

Случајот предизвика големо внимание и е предмет на анализа на многу германски медиуми. Надрегионалниот портал РНД (Редакциска Мрежа Германија), меѓу другото пишува: „Поводот поради кој Цех даде оставка датира од 2016 година. Во тоа време Цех со својата фирма Scaliger Strategy Consulting ја советува тогашната македонска владејачка партија ВМРО. Но, тој се вклучува во предизборната кампања и во улога на пратеник на ЦСУ и во главниот град Скопје се залага за реизбор на премиерот Никола Груевски. Денес земјата се вика Северна Македонија. Груевски е осуден за корупција и живее како признат барател на азил во унгарски егзил. Фирмата Scalinger е ликвидирана во 2018 година. Една година подоцна Цех основа три нови фирми. Една од нив е невообичаена за еден христијански социјалист: Pharmcann Deutschland AG тргува со медицински канабис. Двете други - Beceptum Assets & Investment GmbH и Beceptum International GmbH се консултантски фрими, какви што водат цела низа пратеници... Во случајот Цех сега проверка прави Етичката комисија на ЦСУ. Самиот Цех во куса порака до партиските пријатели напиша: 'Иако секогаш внимавав стриктно да ги делам моите претприемачки активности од извршувањето на мандатот (на пратеник во Бундестагот, н.з.), согледувам дека кога паралелно се вршат економски активности паѓа сѐ потешко транспарентно и веродостојно да се претстават нанадвор јасно повлечените граници во секојдневното работење.' Но, колку Цех навистина јасно повлекол граници помеѓу политиката и консултантскиот бизнис?“, прашува РНД. 

Berlin Bundestag  Tobias Zech CSU MdB
Тобијас Цех даде оставка на пратеничката функција поради можен „судир на интереси“Фотографија: Christian Spicker/imago images

Иако проблемот со дополнителните дејности на пратениците најверојатно ќе добива нови димензии, тој веќе сега е огромен проблем за ЦСУ. Тоа го покажува и репрезентативното истражување на јавното мислење направено по налог на весникот „Аугсбургер Алгемајне“, кое покажува дека седум од десет Германци сметаат оти ЦСУ има генерален проблем со дополнителните дејности на своите пратеници. Притоа, разликите во мислењата на испитаниците во покраината Баварија, каде ЦСУ е доминантна, и во остатокот од земјата, се мали.