Трамп е скандалозен – но, кому му е грижа?
22 ноември 2019Во Вашингтон деновиве повторно се зборуваше за сведочење со сила на бомба, за корпус деликти кои би можеле да го лишат Доналд Трамп од власта. За клучниот сведок Гордон Д. Сондланд, американскиот амбасадор во ЕУ и поранешен финансиер на Трамп кој потврди- да, имало „quid pro quo", условување во аферата со Украина, сведочеше тој. Сондланд и други советници, особено личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, ја ставале украинската влада под притисок бидејќи од претседателот добиле насока да го прават тоа.
„Ги следевме насоките на претседателот"
Да, тоа што Трамп го барал било јавно соопштение во кое Украина најавува дека ќе отпочне истрага против политички ривал на Трамп, поранешниот потпретседател Џо Бајден. Да, дури потоа требало да бидат пуштени ветените речиси 400 милиони долари воена помош и да следува средба со украинскиот претседател со Трамп во Белата куќа. И да, блиските соработници на Трамп меѓу кои и секретарот за надворешни работи Помпео, точно знаеле што се случува.
Навистина беше бомба. Сепак Гордон Д. Сондланд не е било кој дипломат, туку поддржувач на претседателот. Човек кој донирал еден милион долари за инаугурацијата на Трамп. Човек кој имал директен пристап до Трамп. Толку директен што немал задршки да му се јави од мобилен телефон и тоа во сета јавност, додека седел на ручек во еден ресторан во Киев.
Условување
И ете го моментот во кој сите делчиња од сложувалката се составија во една слика. Моментот кој мораше да се случи, може да помисли човек оти ретко кој при здрав разум би поверувал дека аферата можела да се одвива поинаку и дека Џулијани, Сондланд и други лица дејствувале на своја рака.
Но, само три ипол часа подоцна ситуацијта изгледаше сосем поинаку. Гордон Д. Сондланд призна дека немало конкретен разговор во кој Трамп експлицитно зборувал за условеност на помошта за Украина. „Имате ли документ или снимка која би била доказ за таквиот разговор?" беше запрашан Сондланд од Републиканците. „Не, не се сеќавам на такво нешто", одговори тој.
Трамп се чувствува растеретен
Демократите исказот на сведокот може да го слават колку сакаат како голема победа. А, Адам Шиф, претседателот на Комисијата во Претставничкиот дом, може на Републиканците иронично да им префрла дека ќе поверуваат во престапот на Трамп дури кога тој ќе им каже: „Ја поткупувам Украина". Доналд Трамп сведочењето го „коментира” исто како и сите претходни, само со кревање раменици и си мисли дека ја потврдува неговата позиција. Тој и рече дека немало „quid pro quo"!
Кого ли треба тоа да го зачудува? Оваа американска влада не допушта фактите да зборуваат, туку повеќе алтернативните факти. Просечно повеќе од 20 пати на ден, пресмета проверката на факти од Вашингтон пост, претседателот кажува или твитнува нешта кои доведуваат во заблуда, ја искривуваат вистината или едноставно се неточни. А, неговите соработници во Белата куќа, во кабинетот, во Конгресот и медиумите не се воздржуваат ни од најавантуристичките објаснувања само за да докажат дека нивниот шеф сепак некако е во право.
Во ера на „алтернативни факти“
Критичарите пак, дури и оние кои важат за патриотски и непартиски, се омаловажени од Трамп и неговите поддржувачи, само поради тоа што го критикуваат претседателот. Еден од нив е дипломатот од кариера Бил Тејлор, кој како вршител на должноста американски амбасадор во Киев ги критикуваше матните зделки на Сондланд и Џулијани, поради што од фановите на Трамп беше исмејуван дека е „бирократ“. Или пак потполковникот Александар Виндланд, одликуван воен ветереан кој некои Републиканци и телевизиски коментатори го обвинуваа дека е нелојален на САД само затоа што потекнува од Украина.
Охрабрен од навидум безрезервната поддршка на неговите поддржувачи, Доналд Трамп се чувствува безбеден – очигледно уверен дека и овој пат ќе се извлече без последици. Или пак навистина не чувствува никаква вина. Според неговото поимање на функцијата и ова не би било изненадување. Тој од почеток ги води САД како што со години ги водел сопствените компании: како патријарх чија волја и интереси се над сите правила и поплаки на неговите подредени.
Повеќе:
Демократите го обвинуваат Трамп за „ужасен“ напад
Што ќе донесе бесконечното сослушување за импичмент на Трамп?
Сослушувања за украинската афера на Трамп - политичка драма во живо
Кому му е грижа за тоа?
Дека Демократите ќе можат да ја убедат американската јавност дека постапката за импичмент е од значење за земјата, за демократијата и нивната иднина е далеку од извесно. Во силно поларизираната земја многу луѓе секој нов развој или наводни откритија ги гледаат преку „партиски очила“.
Да, сведочењето во средата го покажа претседателот во лошо светло. Да, притисокот врз него расте. И ако навистина некому од неговиот круг дал директна наредба во врска со аферата со Украина, која би била јасна злоупотреба на службена должност, тоа веројатно порано или подоцна ќе излезе на виделина. Прашањето е дали Американците во ерата на Трамп тоа воопшто ги интересира.