1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп излезе од кожа

ЕМФ /дпа/ртр/афп
14 октомври 2016

Најновите обвинувања за сексуални напади го натераа Доналд Трамп да „фрла оган“ насекаде околу себе. Сето тоа зачинето и со теории на заговор против сите и секого.

https://p.dw.com/p/2RD9f
Donald Trump
Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/E. Vucci

Доналд Трамп е притиснат толку до ѕид поради обвинувањата за сексуални напади и вознемирување, што веќе не бира средства и зборови. Својата противкандидатка Хилари Клинтон тој вчера во Флорида ја опиша како „криминална“, како дел од коруптивна елита која, како што тврди тој, сака само да си го задржи статусот, за и натаму да живее на грбот на народот.

Според Трамп, дел од ваквиот коруптивен круг се и многу медиуми, чии информаци се управувани од Клинтонови. Кандидатот на републиканците, кој тврди дека тој лично и неговата кампања претставуваат „егзистенцијална закана“ за ваквиот систем, тврди дека ништо од обвинувањата не е точно и најави преземање правни чекори против „Њујорк Тајмс“. Весникот објави обвинувања од две жени кои со години биле вознемирувани од Трамп. Во едниот случај, тој жената, денес 74-годишна, се обидел да ја фати за гради и под здолништето додека патувале во авион. Во вториот случај, пак, тој ја бакнувал жената без нејзина согласност. „Њујорк Тајмс“ по заканите на Трамп со тужба соопшти дека нема намера да ги промени позициите. „Се радуваме што ќе имаме можност да ѝ укажеме чест на вистината во судската сала“, соопшти весникот.

Со обвинувања на сметка на Трамп се јави и новинарка на магазинот „Пипл“. Наташа Стојноф тврди дека во 2005 година, во текот на едно интервју со бизнисменот Трамп, била вознемирувана од негова страна. Кога се нашле сами во една просторија, „ме притисна до ѕид и ми го стави јазикот в грло“, пишува Стојноф. Бакнување од страна на Трамп против нивна волја пријавија и две поранешни убавици, кои учествувале на избор за Мис Универзум.

Доналд Трамп ваквите информации ги нарече „клевети“, зад кои стои „машинеријата Клинтон“. Се работи за „концентрирана, координирана и злонамерна“ кампања, вели тој.

Клинтон во моментов се воздржува од коментари околу новите откритија за Трамп. Нејзнината портпаролка Џенифер Палмиери изјави дека извештаите потврдуваат дека„одвратното однесување“ со кое Трамп се перчи во видео-снимката од 2005 година, е повеќе „од само зборови“. Минатата недела во јавноста излезе видео-снимка со вулгарности на Трампна сметка на жените, по што многу републиканци му завртеа грб.